Писателката, добитничка на Пулицеровата награда, зборува за литературата како инструмент за рушење на „стравот што се шири”. И за нејзиното лично искуство што ја доведе до тоа да се заљуби во италијанскиот јазик и конечно да осети чувство на припадност.
„Литературата е начин да се победи стравот бидејќи ни дозволува да патуваме, да ги запознаваме оние кои се разликуваат од нас, да влеземе во главите на другите и да не ги сметаме само како другиот. Читањето може да нé спаси од растечкиот страв”. Американската авторка Џумпа Лахири одлучи да го затвори нејзиниот говор пред публиката на фестивалот „Репблика на идеи” во Удине со осврт на настаните од Тунис.
Средба полна со размислувања, но и со лични спомени каде Лахири раскажа за нејзиниот избор да се оддалечи од САД каде беше прогласена за една од најуспешните писателки во последните години и ѝ беше доделена Пулицеровата награда, како и за изборот да живее во Италија и да пишува на италијански јазик. „Бев со сестра ми во Фиренца, имав 25 години- објасни- и го почувствував околу мене овој јазик, италијанскиот. Се заљубив во него на прв поглед, како тоа да беше маж”.
Италијанскиот јазик прерасна во страст и како резултат на тоа го изучуваше дваесет години во Америка пред да се пресели во Рим со фамилијата и пред да почне да ја пишува на италијански нејзината последна книга „Со други зборови”, патување внатре во страста меѓу писателката и нејзиниот нов јазик но и размислување за идентитетот и литературата. „За мене италијанскиот јазик беше спас, место кое само мене ми припаѓаше, што јас го избрав, беше затворањето на триаголникот што на едниот крај го содржеше бенгалскиот, јазикот на моето семејство, јазикот на кој зборувавме дома, а на другиот крај пак, англискиот, јазикот на училиштето и образованието. Два идиома со кои живеев но, на некој начин никогаш не ми припаѓаа толку многу како овој нов јазик”.
Лахири се наврати на темата на фестивалот раскажувајќи како различни култури имаат заеднички соживот во неа и како ова многубројно присуство ја направи да се чувствува отуѓено, како никаде да не припаѓа. „Потоа го пронајдов Рим, град во кој се чувствувам целосно слободна и град кому чувствувам дека му припаѓам”, изјави. Авторката ја прекорува Италија за затвореноста, за тоа дека не сака да го признае светот што се менува и што го носи ликот на толкуте многу деца од втората генерација кои се родени и израснати овде, a сé уште се третирани како странци од страна на законот. „Време е да им се даде простор и идентитет: Италија ќе изгуби голема можност доколку не го направи тоа”.
Превод од италијански: КРИСТИНА СТАМЕНОВА