Институт Данте Алигиери, Скопје

Драго внуче,
не би сакал ова мое божиќно писмо да биде премногу патетично и полно со совети за љубовта кон ближните, за татковината, за светот и слични работи. Нема да му обрнеш внимание и кога ќе треба да почнеш да го практикуваш (ти ќе бидеш веќе возрасен, а јас престар) системот на вредности ќе биде толку сменет што најверојатно моите совети ќе ти се чинат застарени.

Би сакал да ти дадам еден совет, што ќе можеш уште веднаш да го примениш, додека сурфаш на твојот Ајпад. Нема да те советувам да не го користиш, затоа што ќе личам на некое старо дртало, а и јас го правам истото. Најмногу што можам е да те посоветувам, ако случајно отвориш една од стотиците порно страници кои што прикажуваат однос меѓу две човечки суштества или меѓу човечко суштество и животно, на илјада начини, да не веруваш дека сексот е таков, меѓу другото доста монотон, бидејќи се работи за наместена сцена што ќе те принуди да не излезеш од дома и да не гледаш вистински девојки. Ќе тргнам под претпоставка дека си хетеросексуален, ако не ќе ги прилагодиш моите совети за твојот случај: гледај ги девојките, на училиште или каде што одиш да играш, бидејќи подобри се тие вистинските отколку оние на телевизија и некој ден ќе ти причинуваат повеќе задоволство од тие онлајн. Верувај ми бидејќи имам повеќе искуство од тебе (ако гледав само секс на компјутер татко ти никогаш немаше да се роди, а ти кој знае каде би бил, ако воопшто би можел да постоиш).

Но не сакав да ти зборувам за ова, туку за една болест што ја погоди твојата генерација, но и постарите генерации од тебе, што можеби веќе се на факултет: губењето на меморијата.

Точно е дека ако посакаш да знаеш кој е Карло Велики или каде се наоѓа Куала Лумпур треба само да притиснеш неколку копчиња и Интернетот веднаш ќе ти каже. Прави го тоа кога ти треба, но откако ќе го направиш обиди се да го запаметиш тоа што ќе го научиш за да не бидеш приморан да го бараш и по вторпат ако случајно ти затреба, на пример за некое истражување на училиште. Поради тоа што мислиш дека компјутерот може да ти го каже во секој момент, постои ризик да ја изгубиш волјата да го запаметиш. Тоа би дошло како да мислиш дека ако си научил дека за да стигнеш од улица А до улица Б со автобус или метро што ти овозможуваат да се движиш без многу напор (што е многу корисно и прави го секој пат кога се брзаш) ти да мислиш дека веќе немаш потреба да одиш. Но, ако не одиш доволно ќе станеш ‘‘со посебни потреби‘‘ како што се вели денес за тие што се приморани да се движат со количка. Добро, знам дека спортуваш и знаеш како да го движиш телото, да се вратиме сега на твојот мозок.

Меморијата е мускул како тие на нозете, ако не го вежбаш ќе заслабне и ти ќе станеш (од ментална гледна точка) поинаку способен односно (да бидеме јасни) идиот. Згора на тоа, на сите ни се заканува опасноста дека кога ќе остареме ќе добиеме Алцхајмер, а еден начин за да се избегне оваа несакана болест е редовно да се вежба меморијата.

Затоа, еве ти го мојот рецепт. Секое утро научи напамет некој стих, некоја кратка песна, како што нè тераа нас на училиште со песните на Пасколи и Леопарди. Можеш и да се натпреваруваш со другарите кој подобро ќе запамети. Ако не ти се допаѓа поезија, запамети ги фудбалските тимови, но не да ги научиш само играчите на Рома, туку и играчите од другите екипи, дури и тие од минатото (замисли дека јас ги паметам сите играчи на Торино што беа во авионот кој се сруши кај Суперга: Бачигалупо, Баларин, Марозо итн.). Играј си со меморијата, на пример од книгите што си ги прочитал (кој бил на бродот Хиспањола во потрага по островот на скриеното богатство? Лорд Трелони, капетанот Смолет, докторот Ливси, Лонг Џон Силвер, Џим…) Провери дали твоите пријатели ќе запаметат кои биле слугите на тројцата мускетари и Дартањан (Гримо, Базен, Мускетон и Планше)… Ако не сакаш да ги читаш „Тројцата мускетари“ (не знаеш што пропушташ) направи го истото со некоја од приказните што си ги прочитал. Изгледа како игра (и всушност е игра), но ќе видиш како главата ќе ти се наполни со ликови, приказни, секаков вид спомени. Сигурно си се запрашал зошто компјутерите на времето ги викале електронски мозоци? Бидејќи се направени врз основа на твојот (нашиот) мозок, но нашиот мозок има повеќе поврзувања од обичниот компјутер. Мозокот е вид компјутер кој расте и се зголемува со вежбање, додека компјутерот што го имаш на бирото колку повеќе го користиш толку повеќе ја губи брзината и по некоја година мораш да го смениш. А мозокот може да трае и до 90 години, и на 90 години (ако доволно си го вежбал) ќе се сеќава на многу повеќе работи од сега. И тоа гратис. Потоа постои и историската меморија, што не се однесува на твојот живот и на работите што си ги прочитал, туку на тоа што се случило пред ти да се родиш. Денес ако одиш на кино треба да влезеш во определено време, пред филмот да започне, и штом ќе започне небаре цело време те водат за рака и ти објаснуваат што се случува. Во мое време можеше да се влезе во кино кога сакаш, дури и на половина филм. Многу нешта се случиле пред да дојдеш, но се обидуваш да разбереш што се случило на почетокот (а потоа кога филмот ќе почнеше од почеток, можеше да видиш дали си разбрал убаво, но и да останеш уште еднаш да го гледаш филмот, ако ти се допаднал). Животот личи на филм од мое време. Ние доаѓаме на овој свет кога веќе се случиле многу работи, пред стотици и илјадници години и затоа е важно да се научи што се случило пред да се родиме за подобро да сфатиме зошто денес се случуваат многу нови работи.

Денес училиштето (освен твоите лични четива) би требало да те научи да го запаметиш тоа што се случило претходно, но се гледа дека тоа не е многу успешно. Различни истражувања покажуваат дека младината денес, дури и постарите кои се веќе на факултет, ако се родени на пример во 1990 година не знаат (а можеби и не сакаат да знаат) што се случило во 1980 година (да не зборуваме за тоа што се случило пред педесетина години). Статистиките велат дека ако ги прашаш младите кој е Алдо Моро одговараат дека бил основач на Црвените бригади – а напротив тој бил убиен од нив. Но да не зоруваме за Црвените бригади, тие ќе останат мистериозни за многумина, а сепак беа сегашност пред триесетина години. Јас сум роден во 1932, десет години откако на власт дошле фашистите, но знаев дури кој бил премиер во времето на Маршот на Походот на Рим (што ли ќе е тоа?). Можеби сум го научил во фашистичко училиште само за да ми објаснат колку бил глупав и лош премиерот (кукавицата Факта) кој го замениле фашистите. Но барем го знаев.

Настрана училиштето, момчињата денес не знаат кои биле познати глумици пред 20 години, додека јас знаев која била Франческа Бертини, која глумеше во немите филмови 20 години пред моето раѓање. Можеби бидејќи разлистував стари весници расфрлени по плакарите во нашата куќа. Затоа и ти советувам да разлистуваш и стари весници бидејќи е многу добар начин да научиш што се случило пред да се родиш. Но зошто е толку важно да знаеш што се случувало порано? Бидејќи многу често тоа што се случило може да ти објасни зошто одредени работи се случуваат и денес, а во исто време, како и тимовите на фудбалерите, е добар начин за збогатување на нашата меморија. Имај предвид дека тоа не мораш да го правиш само преку книги и весници, туку и преку Интернет, што треба да се користи не само за четување со твоите пријатели, но и за четување со историјата на светот. Кои биле Хетите? А Камизарите? Како се викале трите брода на Колумбо? Кога исчезнале диносаурусите? Имало ли кормилар на арката на Ное? Како се вика предокот на волот? Имало ли повеќе тигри пред сто години? Колку знаеш за империјата Мали? Кој пак зборувал за Империјата на злото? Кој бил вториот папа во историјата? Кога се појавил Мики Маус?

Би можел да продолжам до бескрај и сите би биле одлични авантури за истражување кои треба да се запаметат. Ќе дојде ден кога ќе бидеш стар и ќе се чувствуваш како да си проживел илјада животи, бидејќи ќе се чувствуваш како да си присуствувал на битката кај Ватерло, како да си бил сведок на убиството на Цезар и како да си бил во близина на местото каде Бертолд Шварц мешајќи супстанци во толчник за да пронајде начин како да произведува злато по грешка го открил барутот и летнал во воздух (и ако му е). Другите твои пријатели кои не ја вежбаат својата меморија, ќе живеат само еден живот, нивниот, монотон и лишен од емоции.

Затоа збогатувај си ја меморијата и утре научи ја напамет песничката за Немирната Тереза.

Превод од италијански: Ивана Милошевска