Интервју со професорот Лука Серијани, историчар на италијанскиот јазик на Универзитетот Ла Сапиенца во Рим и потпретседател на Институтот Данте Алигиери: Италијанскиот е на четвртото место во светот по изучување на листата на светски јазици. Не е едноставно да се дадат прецизни бројки. Сепак, значаен е фактот што италијанскиот јазик се наоѓа на високо место на ранг-листата, во споредба со другите јазици коишто имаат поголем број на говорители.
Серијани спроведува истражувања за италијанската средновековна историја од Средниот век до денес и за распространетоста на италијанскиот јазик во светот. Истовремено е член на Академијата дела Круска и на Академијата деи Линчеи, и во 2002 доби почесна диплома на Универзитетот во Ваљадолид и е директор на списанието „Италијански лингвистички истражувања” и „Проучувања на италијанската лексикографија”. Во 2010 Серијани беше едногласно прогласен за потпретседател на Здружението Данте Алигиери.
Според податоците од Министерството за надворешни работи, нашиот јазик е на четвртото место на најпроучувани јазици во светот. Професоре Серијани, Вие спроведувате истражување за распространетоста на италијанскиот јазик. Според Вашите податоци колкумина го проучуваат?
Не е лесно да се дадат прецизни бројки. Италијанскиот јазик, како другите странски јазици, може да се учи на многу начини: во многубројните приватни школи, седиштата на Здружението Данте Алигиери, Италијански институти за култура; сепак и преку индивидуалните курсеви. Неодамнешното и очекувано истражување, на Клаудио Џованарди и Пјетро Трифоне дојде до податокот дека во 2009-2010 бројот на италијанските ученици што следеа курс спроведен од лектор избран од Министерството за надворешни, изнесуваше 51.640. Двајцата истражувачи се запрашаа на која позицијата сме на ранг-листата на пазарот на јазиците. Произлезе дека италијанскиот,заедно со францускиот, е првиот странски јазик од „третиот избор” и прв од „четвртиот избор”. Тоа значи дека оние коишто имаат учено два јазика (типично се работи за англискиот јазик, без сомнение на прво место) и француски ( второ место ) и кои сакаат да учат трет или четврт јазик, со голема веројатност ќе го изберат италијанскиот јазик. Конечните бројки не можат да бидат многу покачени, бидејќи малкумина се оние кои учат или знаат повеќе од два јазика, освен мајчиниот јазик. Сепак, значаен е фактот дека италијанскиот се наоѓа на висока позиција на ранг-листата, во споредба со јазици со поголем број зборувачи, како рускиот или португалскиот ( да не зборуваме за кинескиот или арапскиот ) и со бележит културен и политички престиж.
Зошто италијанскиот јазик има толкав успех во моментот во странство?
Италија продолжува да биде карактеризирана доста позитивно како земја со голема култура ( и тука не мислиме само на уметноста и високата класична култура, но и на поп музиката и на храната ), израз на задоволителен стил на живот. Иако во последните децении Италија е уназадена како интернационална, туристичка мета, како резултат на високите цени и лошата инфраструктура – да се сетиме на тешкотијата да се дојде во Југот на Италија, со неговите плажи – оваа позитивна слика продолжува да опстојува. И не можат да се занемарат учењето и работата : во 2010-та речиси половина од учениците се препознаваа токму барем во една од овие две мотивации.
Денес многу институции се занимаваат со промовирањето на изучувањето на италијанскиот јазик во странство. Се работи за чин на јазична политика или е тоа сериозен интерес од страна на институциите за промовирање било на нашиот јазик, било на нашата култура?
Сметам дека се работи за постапка што е дел од долгорочна јазична политика, го има предвид престижот на одредена културна традиција, но и економскиот ефект што произлегува. Тука мислиме на пример, на побарувачката на професори на мајчин јазик, но и на многубројните трговски контакти. Финансиските односи се одвиваат на англиски јазик; но доколку некој сака да купи преку интернет типично вино од мала винарија на Монферато или Санио, може да го има задоволството да ги чита на италијански, не на сиромашен и шаблонизиран англиски, особеностите за дегустација на продуктот и за неговата комбинација со јадења што се карактеристични за една гастрономска традиција.
Кои би биле најсоодветните стратегии за поддршка на развојот на италијанскиот во странство?
На прво место се индиректните стратегии. Пред сé една: зајакнувањето на туризмот, инвестирајќи во повеќе од еден оддел, нешто што италијанските влади за живо чудо го занемаруваат. Директното познавање на друга земја секогаш предизвикува, кај еден мал дел од посетителите, поттик за да се запознаат со нејзината култура, за да воспостават директни односи со нејзините жители: значи, за да се научи јазикот на таа земја.
Според многубројни статии, побарувачката за изучување на италијанскиот јазик на универзитетите во САД е многу голема, и многу ученици, било средношколци, било студенти го избираат бидејќи посакуваат да ја посетат Италија. Всушност, во САД, речиси сите универзитети и многубројни гимназии, имаат склучено програми со разни италијански универзитети. Освен предноста за изучување на италијанскиот, кои други бенефиции од овие програми може да ги има Италија?
Очигледно е дека англофонскиот свет претставува привилегирана цел. И тоа поради една банална причина: американец ( или британец, или австралијанец и сл. ) нема да има проблеми да го изучува англискиот како прв јазик и може да насочи енергија и слободно време за изучувањето на други јазици. И тука предноста е очигледна: оној што го изучува италијанскиот е помотивиран од просечниот турист како резултат на одреденото познавање на јазикот да патува во Италија, да престојува во места кадешто и не е толку развиен туризмот ( од Умбрија па до Саленто ). Тоа носи без сомнение трговски бенефиции: без сомнение, оние што сметаат дека изучувањето на јазици нема никаква врска со буџетска добивка, грешат.
Многумина италијански лектори би сакале да предаваат во јавните училишта на САД, какви совети можете да им дадете на овие професори?
Основниот совет би бил учениците да не го загубат интересот за изучување преку трупањето граматика. Секако дека треба да се погрижат да го предаваат јазикот, но и да ја поттикнат љубопитноста за културата што ја изразува. Особено би ја потенцирал конверзацијата и на прво место би ја одбрал пасивната компетенција: ученикот да биде во состојба да го сфати кажаното или да толкува пишан текст и тоа е одличен начин за да се победи чувството на изгубеност што го има секој ученик кога се фаќа во костец со нов јазик.
Италијанскиот јазик е богатство, но постојат политичко-институционални структури што не се поврзуваат и не можат да го зграбат потенцијалот. Како сето тоа да се координира?
Преку формирањето на институционална структура што ќе биде задолжена за координирање на туристичките иницијативи и понудите за изучување на италијанскиот јазик.
Сметате ли дека е потребно Италија да го финансира ширењето на италијанскиот јазик во странство со повеќе средства? И како да се спречат расфрлањето на парите?
Доволно би било да се земе пример од Шпанија, којашто значително го финансира Институтот Сервантес, свесна за значењето за инвестирањето во јазиците. Да не го занемаруваме фактот дека шпанскиот јазик има одлични позиции на пазарот на јазиците: претставува „прв избор” за 7% и„втор избор” за 16% ( податоците за германскиот се 1% и 15%, за францускиот 9% и 37%, додека за италијанскиот „првиот избор” е нула а вториот 18% ). И Шпанија со години привлекува повеќе туристи од Италија. Стравот од трошоците не може да го блокира поттикот да се инвестира во сектор што, ако биде соодветно финансиран, може да развие големи ресурси.
Превод од италијански: Кристина Стаменова