Институт Данте Алигиери, Скопје

 

02-09-2015-ozpetek-img1

По повод излегувањето на филмот “ Врзете ги сигурносните појаси “ се позабавувавме да ги издвоиме најдрагите теми на Ферзан Озпетек како и неговите мали и големи страсти, од местата до кулинарските деликатеси, од социјалните структури до сексуалната определба.Било да се тоа мелодии или кратки раскази, секој негов филм го отсликува неговиот поглед кон светот: помеѓу сегашноста и минатото, љубовта и пријателството, светото и световното, турски песни и италијанска музика.

Поради практични причини, одбравме пет полиња на интерес , свесни за фактот дека светот на режисерот секако не се исцрпува во еден така ограничен број на влијанија.

Рим

02-09-2015-ozpetek-img2

Иако сеќавањата на прошетките долж крајбрежјето на Истанбул се се’ уште живи и моќни, и покрај тоа што снимањето на неговите филмови од неодамна се пресели во Лече, град на Барокот и бадемови колачиња, Озпетек продолжува да го обработува Рим , градот којшто за него станал “љубов “ уште во времето на постоењето на Експерименталниот центар на Кинематографијата.

За режисерот , вечниот град на почетокот се поистоветува со квартот Остиенсе кој со својот гасометар станува симбол како на “Неуките самовили “ така и на “Сатурн во опозиција “.

Во овој филм, камерата на Ферзан талка низ историскиот дел на градот овековечувајќи ги Камениот и Фарнезискиот плоштад. Ако дејството на “ Светото срце“ се случува во населбата Монти населена од сиромашни луѓе, домаќини на куќата каде што се одвива дејството на “ Величенствено присуство“ се улиците на Монтеверде. Величан и во местото-симбол на “Прозорец отспротива “, Рим се чини како туѓ и хаотичен само во “Совршениот ден “,најверојатно поради потребата од доследност со сценариото.

Семејство

02-09-2015-ozpetek-img3

Било да е биолошко или усвоено, потесно или пошироко , семејството е секогаш актуелна тема во филмската продукција на Ферзан Озпетек. За младиот режисер којшто ја напушта татковината за да се пресели во една далечна земја, пријателите се тие кои што го заземаат местото на браќа, чичковци и братучеди. Природни и солидарни, какви и да се, ги среќаваме преобразени во ликови од големото платно околу масата на терасата на “Неуките самовили “ или пак како седат на една клупа во болницата која станува лајт мотив на најтажните сцени од “Сатурн во опозиција“. “Сочинуваат семејство“ и духовите од “Величественото присуство “ принудени од една несреќна судбина да останат засекогаш театарска дружина, исто како Бобулова и малата Коменчини од “Светото срце “, приказна за криза на идентитетот којашто ќе однесе една ќерка до посмртно помирување со својата мајка.

Што се однесува до традиционалниот вид на семејства, Озпетек дава две спротивставени толкувања. Прилагодувајќи го романот на Меланија Мацуко “Совршен ден“, се осмелил дури да направи таа да биде убиена од раката на Валерио Мастандреа, за потоа одново да ја прифати во “Темпирани бомби “ преку еден весел расказ и еден татко кој толку многу го потсетува на неговиот. Најнормалното семејство е секако она од “Прозорец отспротива” и покрај ударот предизвикан од соседот отспротива во ликот на Раул Бова.

Хомосексуалност

02-09-2015-ozpetek-img4

Иако ниту еден од филмовите на Озпетек во кој еден или повеќе ликови се геј не е трактат за хомосексуалноста, оваа тема имала големо значење во неговите приказни како што покажува и неговата неодамнешна изјава: “ Да се биде хомосексуалец носи мноштво тешкотии меѓу кои и грижата за тоа што другите ќе мислат за нас“.

Во деби филмот “ Турски амам“, љубовта спрема личност од истиот пол е едно невино откритие кое оди во чекор со развивање на страст кон друга култура којашто става крај на едно монотоно постоење.

Во наредните дела на режисерот пак, прифаќањето на хомосексуалноста оди наизменично со неговото одбивање на еден тап свет. Во “Темпирани бомби“, во којшто двајца браќа се геј, темата на хомосексуалноста несомнено предизвикува чудење и збунетост, но полемиката е олеснета со помош на комичниот тон на приказната и автоиронијата која што се огледа во одредени секвенци. Поминуваат само две години и во “Величественото присуство“ се појавува со сета своја очигледност преку пријавата во една сцена на претепан травестит којшто некои погрешно го сметале за излишна дигресија.

Болест

02-09-2015-ozpetek-img5

“Врзете ги сигурносните појаси “ не е единствениот филм на Ферзан Озпетек во кој се третира болеста, иако во овој случај темата е доминантна. Било да зборува помалку или поопширно на таа тема, режисерот сака недоволното телесно здравје да го поврзе со менталното и емоционалното закрепнување трансформирајќи го некогаш дури и во елемент на агрегација и помирување.

Тоа се случува и во “Неуки самовили“ благодарение на ликот на Габриел Гарко којшто ја поврзува Антонија со Микеле и во “Сатурн во опозиција “ со пријателите на Лоренцо кои ги надминуваат несогласувањата и недоразбирањата во заедничкото искусување на болката.

На болеста се надоврзува и смртта којашто на некој начин предизвикува преродба. Како и да е, мртвите остануваат покрај нас во форма на сеќавања на личности кои заминале , на примери кои треба да се следат за да се преобрази светот во подобро место за живеење или пак во својство на каприциозни духови кои што можат да не’ дружат.

Слатки

02-09-2015-ozpetek-img6

Дека Озпетек ја сака добрата храна и ритуалот на неговата подготовка покажуваат и бројните сцени на ручек и вечера кои се присутни низ целиот негов творечки опус. Иако најдовме само три филма во кои некој вкусува ќофте( “Неуките самовили “ ; “Сатурн во опозиција “; “Врзете ги сигурносните појаси “ ), искушението на кое режисерот не знае и не сака да одолее се слатките.

Торти во секаков облик се појавуваат триумфално една покрај друга во “Прозорец отспротива“ каде што најпрво Масимо Џироти, а потоа и Џована Меѕоџорно се скруполозни слаткари. Истиот занает му пружа егзистенција на Елио Џермано во “Величественото присуство “ иако, што се однесува до овој лик, од кој се сеќаваме особено на кроасаните, се работи повеќе за изговор одошто за страст.

Слатките можат да бидат и средство за прифаќање (Паоло од “Сатурн во опозиција “ се појавува на вечерата во куќата на Лоренцо вооружан со една торта купена во слаткарница) и за смртта –како во случајот на бабата дијабетичар од “ Темпирани бомби“ којашто се самоубива јадејќи.

Токму со сеќавањето на оваа сцена се поздравуваме со Ферзан Озпетек во исчекување на други опсесии и на уште некое ново, слатко задоволство.

Превод: Даниела Здравковска