Институтот Данте Алигиери од Скопје во рамките на одбележувањето на 15 годишнината од основањето, организира разни културни настани за своите членови. Со цел да остане доследен на основачката идеја- афирмација на италијанскиот јазик и култура, Институтот одлучи да организира интерактивен ден за младите актуелни, но и нови членови.
Соработниците при Институтот ги осмислија сите детали за организација на настанот. Најпрвин ги одредија условите за учество: настанот беше предвиден за учество на млади луѓе меѓу 15 и 19 години, чии познавања на италијанскиот јазик одговараат на А2 ниво, но без остварен престој во Италија. Пријавувањето за учество на настанот се состоеше од електронско пополнување на соодветна пријава. Потоа, соработниците одлучија настанот да биде посветен на темата “Патување со Данте“ и сите активности беа поврзани со овој концепт. Во тој поглед, активностите беа поделени во 3 дела:
– Првиот дел се состоеше во учеството на награден конкурс за креативно пишување на тема во рамките на Данте – денот: Патување со замислениот другар Данте во Италија за време на празнувањето на Нова година и Божик.
– Вториот дел се состоеше во проекција на секвенци од филмот Maratona Infernale-In viaggio con Dante, проследена со дискусија за Дантеовиот концепт за живот.
– Третиот дел се состоеше од презентација на патување во Италија низ времето и просторот, односно патување низ Италија од времето на Данте преку слики на Фиренца, на тосканската традиција и кујна од 14 век, за да се долови современата италијанска традиција, кујна и живеење. На крај од овој дел учесниците имаа можност да се натпреваруваат во познавањата од италијанската култура и јазик преку квиз прашања.
Данте Денот се одржа на 26 април 2014 година во Италијанско-македонскиот мултимедијален центар при Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Учествуваа 10 учесници од разни градови: Скопје, Охрид, Струга, Прилеп, Дебар. Настанот траеше 4 часа во рамките на кои, Комисијата задолжена за организација и оценка на активностите предвидени за овој настан, можеше да ги оцени и прогласи најдобрите есеи од првиот дел на настанот. Данте Денот заврши со кратка церемонија, за време на која Комисијата (составена од Претседателот на Институтот, проф.д-р Анастасија Ѓурчинова и членовите м-р Драгана Казанџиовска и м-р Ирина Талевска) ги додели наградите на првите 3 најдобри есеи – еднојазичен италијански речник, учебник по италијански јазик, тетратки ПЛИДА, историја на италијанскиот јазик, италијански романи итн. За сите учесници беше предвидено бесплатно членство во Институтот, весник Данте и сертификат за учество.
Првото место го освои ученичка од гимназијата СУГС Јосип Броз Тито – Ана Макашчиева, второто место ѝ припадна на ученичката од гимназијата СОУ АТА – Шенѓул Асановска а третото место го освои ученичката од гимназијата СОУ “Св. Климент Охридски“ од Охрид – Марија Танеска.
Благодарение на поддршката од младите членови за секоја иницијатива од овој вид, Институтот Данте Алигиери од Скопје и во иднина ќе продолжи да ја остварува целта на своето постоење – ширење на италијанскиот јазик и култура во РМ.