Институт Данте Алигиери, Скопје

Интервју:

ВРЕМЕТО НА НЕШАТА КОИ СЕ СЛУЧУВААТ

Често се случува да бидеме поведени од некој цитат, дури и во дидактиката има постојано навраќање на нешта кои нужно не се вистинити. Баш како и овие повици кои се слушаат оддалеку, а сепак се восприемаат јасно. Може да поседуваме дамнешни нејасни чувства на кои не можеме да им ја одземеме вистинитоста. Може и да се патува со мисла дека се оди напред, а несвесно назад, но секогаш барем кон некаква блиска иднина. Да се препознааваат зборови како симболи на една цела култура, мачно да им се дава некаков облик, а воедно и среќа. Едноставното сознание за нашето моментално и минато постоење. Седнати до духот на куќниот заштитник гледајќи го сопственото лудило кое неизбежно нè води до смеење, по кое следи мало движење на главата во знак на одобрување.

Среќна виртуелна средба меѓу Моника Фебо и Роза Роча
Од Моника Фебо

Моника: Сегашна непозната дидактика или мината, која говори за едно посебно пријателство? Како настанува овој однос и како продолжува да се развива низ времето?
Роза: Основата на моето искуство со дидактитата започна преку кафето.

Моника: Добро, стручните термини се лоша навика, тука сме за опуштен муабет. Раскажувај!
Роза: Неверојатно е тоа како судбината ме доближи до тоа да предавам италијански.

Моника: Па добро, можам да разберам дека секому може да му се случи неверојатност, ама од гледање на кафе… патот веројатно бил долг, или не?
Роза: Мојата приказна е необична… да почнеме од почеток. Беше тоа жесток период кон крајот на 70-тите години, политички борби, јазот помеѓу „црвените” и „црните”, солидарноста со работничката класа, протести во мензите, сите бевме засегнати.

Моника: Сметаш дека тоа беше важен дел од твоето созревање? Сепак тоа беа критични години за различни теми и настани
Роза: Отакако дипломирав почнав да предавам во едно специјализирано школо за хемичари во Верона, имав многу класови, а не беше баш лесно да се предава хемија на тинејџери…

Моника: Значи кога точно се случи комуникацијата?
Роза: Да, поминав 20 години меѓу епрувети, формули и виолетови испарувања, но предавајќи ја оваа „студена” и сува материја постојано чувстував дека нешто недостига. Затоа се обидував да ја направам попристапна, читајќи им на моите ученици делови од книги, некој цитат на латински, поттикнувајќи ги мудро да размислуваат…од бесконечните атоми до бесконечноста на универзумот, давајќи им шанса да го отворат умот. Моите ученици навистина ме сакаа. Дури и денес после толку години, сè уште имам контакт со нив. Во еден момент школото почна да ме гуши…и така се случи целиот пресврт!

Моника: И така го направи првиот чекор!
Роза: Решително… да се напушти сè и да се дојде во Турција не беше воопшто лесно. Веќе осум години сум тука и предавам италијански… работев и уште работам во приватни училишта за јазици, во фабрики и во италијанскиот културен центар кој се наоѓа во Бурса. Оваа нова работа веднаш ме обзеде.

Моника: Да, но зошто баш Турција? Пред да навлеземе во суштината, да видиме прво како дојде до оваа културолошка „метаморфоза” на свеста, прашањето ми е како Турција, Бурса… од каде овој неочекуван премин?
Роза: Имав можност да истражувам, да пренесам нешто повеќе од хемиски формули, умеев и уште умеам освен јазик, да пренесам и една поинаква култура…меѓу другото Ориентот секогаш ме привлекувал, затоа што е култура која поинтензивно ги чувствува нештата…

Моника: Дали уште кога беше во Италија имаше контакти со овој дел од Европа?
Роза: Не! Во 2000 година првпат отпатував во оваа убава земја, бев сама и со џип се возев 2 месеци до најдалечната источна точка, каде живеат Курдите…таму наидов на една голема човечност.

Моника: Значи желбата се роди од ова откритие, како резултат на туристичко истражување?
Роза: Не баш. Фамилијата од страната на мајка ми има турско потекло…но зборуваме за предци. Мојата прабаба ми кажуваше дека имаме корени од Ангора, сегашна Анкара. Затоа не сакав да ја посетам Турција само како турист и барав луѓе, места, емоции кои би затвориле, пред сè, еден внатрешен круг.

Моника: Гледаш? Некогаш треба да им се обрне внимание на тие гласови во нас, јас верувам делумно во тие работи.
Роза: Да, особено интимната потрагата по своите корени.

Моника: Некој вид на потенцијална потрага, која поради годините дојде така наеднаш…и дали тоа беше она кое го бараше, твојот одамна „заспан” идентитет?
Роза: Навраќајќи се на студиите во Падова, кога задолжително мораше да се определиме, си дозволив да направам значаен избор, да го променам својот живот…а тоа не е малку!

Моника: Точно, не е малку. Треба храброст за да се сврти нова страница, секогаш постои тој ужас од дефинитивното, од неможноста да се вратиш назад, што на крајот и не мора да значи…
Роза: Сега сум спокојна, пронајдов нова димензија, почовечка и побавна… изборот беше неизбежен!

Моника: Да се свртиме малку кон оној момент пред изборот, тоа беше скок или чекор?
Роза: Скок! Јас сум таква…кога чувствувам дека треба нешто да направам, го правам и тоа е, го сакам ризикот и не смислувам превентивни решенија.

Моника: Класичното прашање чиј одговор го знам… би го направила ли тоа повторно?
Роза: О да! Не би се вратила назад. Првиот период во Турција не беше лесен, првите чекори…првите впечатоци. Јазикот! Доколку не го владееш јазикот не си во состојба да ги изразиш најосновните емоции, колку е само важен јазикот кога си странец во туѓа земја.

Моника: Сепак има нешто значајно и во таа фаза, сите сензации во себе ги доживуваш засилено, нештата добиваат помистичен тон, како еден вид аутизам на душата кој се наметнува заради таа безгласност. Постои период на латентност во кој само слушаш. Слушаш и складираш зборови, звуци, идеи…
Роза: Така полека почнав самостојно да го изучувам турскиот јазик…почнав да одам по школите нудејќи ги моите професорски способности…Точно, на почетокот се наоѓаш во една длабока, но продуктивна осаменост. Ги подредуваш сите зборови, фрази, гестови. Се додека една вечер не сонував… неверојатно, во сонот зборував одлично турски!

Моника: Што мислеше да правиш на почетокот?
Роза: Го сакам професорскиот занает, навистина и на тоа поле ништо не ме плаши, можеби тоа е наследство, да можеш да комуницираш, сочувствуваш, да слушаш. Се разбира, освен граматика, на моите предавања секогаш оставам простор за запознавање на италијанската култура…ми се чини дека студентите многу го научија јазикот споделувајќи ги искуствата од секојдневниот живот…

Моника: Што учеше ти?
Роза: Одлично прашање! Она кое го научив од нив беше поттик за мене да спроведам нетипични предавања во кои ќе ги опфатам сите различни искуства. Граматиката е помалку омразена кога е придружена со некоја убава песна, извадок од филм или прославата на нечиј роденден…фразеолошки изрази или некое видео на неаполски дијалект.
Познато ни е дека Турција многу години била под раководство на секакви султани, Отоманската империја… многу разбирливо е дека тоа довело до последици кои се чувствуваат во нивниот јазик, кој сè до 1923 бил всушност арапскиот, а подоцна Ататурк ја сменил азбуката и така настанал турскиот јазик. Сè уште постојат доста зборови од персиско и арапско потекло. Но, сакав да укажам на друг аспект…

Моника: се разбира… токму така, како излегуваа на површина најдлабоките потреби?
Роза: Во турскиот јазик постојат многу фразеолошки изрази, тие се речиси како формули, на секое прашање, одговор… не можам баш да објаснам. На пример, ако некој Турчин те поканил да јадете заедно и храната ти се допаднала, треба да кажеш „eline sagik” што на италијански значи „им благодарам на твоите раце” или, „нека се благословени твоите раце”.

Моника: Има ли други примери од социо–културолошки аспект? Што предизвикува во тебе ова поконкретно познавање на јазикот?
Роза: Ах, сознанието дека можам да бидам разбрана, прифатена во земјата каде јас сум само гостин… но треба да имаш желба да го знаеш потеклото. Историјата, религијата се дел од еден народ, не можеш да ги одвоиш јазикот и културата.

Моника: Секако дека не може, но од нивото на јазикот да можеш да стигнеш да ја разбереш културата, во основа, е тешка задача, особено кога си сам.
Роза: Моите турски ученици секогаш ми велеа: „еден човек, еден јазик”.

Моника: Уште малку ќе го завршиме овој пријатен муабет, можеш слободно да додадеш уште нешто
Роза: Ми доаѓа на памет еден добро познат збор дури и во Италија „Insallah”… „Да даде Господ”. Тоа не е само пасивен религиозен израз, тоа е цел еден начин на живот. Не ги силувај работите, ако треба сами ќе се случат… чекај го вистинскиот момент. Овој израз не содржи пасивност, туку напротив го прикажува временскиот концепт на ориенталната култура… Живеејќи го животот брзо, според западните начела, ни ја одзема можноста вистински да го вкусиме. Источните делови на Турција го забавуваат ритамот на животот придавајќи му важност на другиот, на гостинот, што е нешто многу свето. Да пречекаш некој друг, различен од себе… за ова можеме и до утре да зборуваме. За тоа колку се љубопитни Турците кога станува збор за странци…во широка смисла. Те распрашуваат…се интересираат и, пред сè, слушаат!
Би сакала да се вратам на почетокот. Пред десетина година една стара Турчинка ми гледаше на кафе…а јас ништо не разбирав! Не знаев ниту еден збор на турски… ми покажа на дното од чашата еден цртеж на кој имаше мала ѕвезда и месечина…„види”, ми рече, „ова е турското знаме, еден ден ќе дојдеш да живееш во Турција”.

Моника: Значи точни се знаците на судбината…
Роза: Јас се насмеав, затоа што не верував… и еве ме тука!

Моника: Што би му препорачала на оној што сака да започне слично искуство?
Роза: Кое искуство, тоа да батали сè и да се пресели во друга земја? Не е лесно, треба да имаш голем дух на прилагодливост. Да се емигрира само од професионални причини не е доволен мотив… иако во последно време многумина Италијанци се принудени на тоа. Турција е поделена меѓу Истокот и Западот. Во принцип само Медитеранот нè дели, но нè делат и векови на историја, традиции и религија. За да се дојде овде, треба да се има широко срце… отворено за различност.
Моника: Ти благодарам Роза и „Insallah”.

Превод од италијански:
Катарина Величковска