Црвената пустина на истакнатиот италијански режисер Микеланџело Антониони,е филм кој се гледа повеќепати со задоволство бидејќи ја отсликува новата човечка и општествена реалност создадена од индустриската цивилизација, која предизвикува промени на пејзажите, но и на луѓето. Гледачот станува свесен за индустрализацијата во првите кадри каде фотографијата носи длабоко и симболично значење. Преовладува сивата боја, со сите нејзини неизразливи нијанси, како призрак на болести и смрт и истовремено управува со животите на
луѓето кои живеат таму. На сивилото му се спротивставува само една неприродно црвена боја, создавајќи силен визуелен контраст, која како да влегува во срцата и душевниот немир на протагонистите. Дејството се одвива во Равена, индустриска пустина каде главниот лик Џулијана пати од еден вид на депресивна невроза кој сè повеќе ја оддалечува од сопругот и детето. Нејзиниот сопруг Уго, директор на индустриска фабрика, коj се дел од системот и без никакво спротивставување тоне во секојдневјето и во светот без комуникација, човечност, морални вредност и љубов. Токму тоа е причината поради која Џулијана не успева да го пронајде своето место во светот каде што не сака никого и ништо. Маглата, чадот и атмосферските нечистотии како да ја отсликуваат нејзината внатрешна состојба, а жолтото предупредувачко знаме кое е знак за карантин поради загаденост го извикува нејзиниот очај за бегство во фантазијата. Во потрагата по поинтимен и сочувствителен контакт Џулијана го запознава Корадо кој е пријател на нејзиниот сопруг и исто така индустријалец. Корадо ги разбира причините за нејзината деприсија, но ни со него Џулијана не може да ја воспостави врската за која чувствува потреба. „Има нешто ужасно во реалноста и никој не ми кажува што е, дури ни ти Корадо, не ми помогна.” Така завршува нејзината врска со Корадо по која се чини дека веќе научила да живее со депресијата. Подоцна на едно пристаниште Џулијана се среќава со непознат морнар, странец кој не разбира италијански, и нему му ги упатува прашањата кои ја измачуваат. “Јас не можам да одлучам… бидејќи не сум сама.. затоа понекогаш… е како.. одвоена.. не, не од мојот сопруг, телата.. се одвоени. Ако ме штипнете, вие не страдате нели? Што зборував? А, да.. Јас бев болна, но не треба да мислам на тоа, тоест не треба да мислам дека се’ што ми се случува е мојот живот… ете.. жал ми е. Извинете. ” Овој впечатлив монолог ни ја открива нејзината чувствителност на отуѓувањето на луѓето кое резултира и со распадот на современите семејства, осудувајќи го човекот на осаменост. Преку овој незаборавен филм врвниот уметник Антониони го осудува светот за неговата нечовечност и општеството кое е глуво и оддалечено од вистинските потреби на човечкото битие. Во суштина ни раскажува една приказна преку бои која не допира сите нас и ја буди желбата за промена и обнова на скршениот однос на човекот со земјата, како и повторно воспоставување на меѓучовечките односи кои се веќе станати површни и вештачки. Црвената пустина е импресивен, поетичен и симболичен филм кој ја прикажува големината на режисерот кој е способен да го претвори филмот во вистинска уметност.
Андријана Русеска