Институт Данте Алигиери, Скопје

ТВОРЕЧКИТЕ СИНТЕЗИ НА БОРИС ПЕТКОВСКИ ЗА ЛИКОВНОТО ТВОРЕШТВО

Со Борис Петковски ме сврзуваат пријатни спо­мени на другарување и соработка. Тој беше секогаш активен, исполнителен и оригинален и соработката со него постепено се претвораше во сè поголемо, искрено пријателство и другарување. Него го познавав долги години, уште од театарот. Подоцна тој често навратуваше во редакцијата на списанијата Културен живот и Macedonian Review кадешто работев. Секогаш носеше со себе по некоја статија, најавуваше други, нови и така со години, обработувајќи ликовни теми на свој, ори­гинален начин. Тоа беше едно интересно и ново видување на одредени ликовни настани и лично­сти од ликовниот живот. Неговите статии предизви­куваа интерес и беа внимателно следени. Еден ден, кон крајот на седумдесетите, по долги дискусии тој во редакцијата донесе подебел ракопис. Тоа беше прва, поопширна историја на современото ликов­но творештво во Македонија, во која тој направи вистинска синтеза за македонското сликарство од минатото и денес. Книгата набрзо излезе во изда­ние на Macedonian Review и веднаш беше преве­дена на англиски во издание на истата издавачка куќа. Неговиот начин на работа беше специфичен. Откако ќе го предадеше ракописот и понатаму тој работеше над книгата и речиси десетина и повеќе пати доаѓаше во редакцијата да дополни нешто со нови податоци за да ја допрецизира реченицата, зошто беше перфекционист во својата работа, полн со енергија и ентузијазам. За мене тој беше ис­клучително надарен научник во областа на ликов­ното творештво и тука суверено владееше со таа материја. Ангажиран на повеќе страни, проекти и програми, сепак, тој ја задржуваше својата основна функција во истражување и синтези, како за маке­донското ликовно творештво така и пошироко.

Времето и новите обврски нè сврзуваа со Италија, нејзината култура и цивилизација. Списа­нието Културен живот отпочна да организира де­нови на македонската култура во Рим по повод де­нот на светите Кирил и Методиј, така што тој ја прет­стави македонската ликовна уметност со изложба, а подоцна дојдоа и некои други активности сврза­ни со Италија.

Со формирањето на Италијанскиот културен центар во Скопје и на Институтот Данте Алигие­ри повторно се најдовме заедно во реализација на разни проекти, изложби и друго за збогатување на македонско-италијанските врски. Тука би ги спомнал само најновите проучувања за виа Иг­натиа, старите римски градови во Македонија, Јустинијановото време и Македонија, со кои се комплетира сликата на врските меѓу Италија и Македонија. Животот на Борис Петковски беше тво­речки разностран, полн со нови идеи и секогаш до­следен, знаеше сето тоа што ќе го преземеше како обврска и да го исполни до крај со успех. Работеше минуциозно, како филигранист со своја творечка ерудиција. Она што беше својствено за Борис е дека беше елоквентен во образложувањата, студиозен и добро подготвен во реализацијата, како и неговата постојана желба сè да се доведе до некое совршен­ство. Беше внимателен, деликатен и знаеше да им помага на другите.

Навистина редок човек, пријател и научник.