Институт Данте Алигиери, Скопје

Деновите што следат сè повеќе ќе нè убедува­ат дека Борис Петковски беше еден од оние творци и дејци што му дадоа свој белег на македонскиот ХХ век, творец-репер, деец- патоказ. Трагата што ја остави зад себе е длабока и оддалеку видлива. Допрва претстои да се истражи и конста­тира зрачењето што се шири од неговото дело и сите правци на дејствување што ги предизвикува­ше неговата активност.

Се сеќавам кога се јавија, во втората полови­на на педесеттите години од минатиот век, првите написи на Борис Петковски за ликовната уметност во нашите гласила. Тоа беше еден нов тон, зачеток на една нова линија. Борбата за дедогматизација во македонската култура сè уште траеше, отпори­те кон модерната уметност – и оние официјални, идеолошки, но и оние што ги носеше во себе наша­та средина како последица од неинформираноста и затвореноста – беа сè уште силни. Борис Петковски застана во одбрана на модерното, во одбрана на новиот дух, залагајќи се за нови вредности и нови хоризонти. Конечната победа на тенденциите што нè носеа во пресрет на светот и на современоста му должи многу на Борис Петковски, кој се вклучи во борбата за културниот пресврт во вистинскиот миг. За тој потфат тој поседуваше и образование, инфор­мираност, вкус, но и храброст, одлучност и упор­ност да се истрае.

Сосема беше природно и логично што во де­новите непосредно по скопската катастрофа од 1963 година, Борис Петковски застана на челото на иницијативата да се формира – како плод на југословенската и светската солидарност со на­страданиот град – музеј на современата уметност. Со голем занес и со страст Петковски ја водеше кампањата за собирање дела за идната колекција и, благодарение на неговите лични контакти, не­говата комуникативност, иницијативност и пре­дана посветеност на оваа идеја, оваа колекција стана толку богата, разновидна и универзална. И сета натамошна работа – од конкурсот за архитек­тонското решение за Музејот, преку неговата из­градба, собирањето на кругот соработници, па до реализирањето на првата поставка, беше плод на визионерската концепција на големиот ентузијаст Борис Петковски и на енергијата што тој ја вложу­ваше во нејзиното остварување.

Како втемелувач и прв директор на овој Музеј, Борис Петковски создаде установа која имаше своја препознатлива физиономија и која набргу се здо­би со голем углед во југословенската и светската јавност. Тоа беше наш голем исчекор кон рамно­правно влегување во современата Европа, наш прозорец кон светот.

Создавањето на Музејот на современата умет­ност беше еден голем подвиг на македонската кул­тура. Носителот на потфатот беше Борис Петковски – со сиот свој елан што знаеше да го пренесе и на други, со своето знаење и умеење, со широката култура, со сето богатство на својот дух.

Притоа имаше многу тешкотии и пречки што требаше да се совладаат – и тој ги совладуваше со страст на борец и со мудрост на искусен управувач. Тој ги определи насоките на натамошната актив­ност на Музејот, наложувајќи уште од почетокот високи критериуми и создавајќи од Музејот една навистина европска институција.

Потоа, како професор на Филозофскиот факул­тет, Петковски го пренесе еланот од работата во Музејот. Тој создаде таму генерации на историчари на уметноста, кои од него беа подготвени да ја раз­бираат и да ја сакаат модерната уметност. Тој им по­магаше да се откријат себеси, укажувајќи им како да ги искористат своите способности на најдобар можен начин. Благодарение на неговата педагош­ка дејност денес постојат цел круг млади луѓе кои одат по патот што тој им го покажа, користејќи ги неговите искуства и давајќи свој придонес кон проучувањето на модерното ликовно творештво во Македонија.

За сето тоа време, во тек на половина век, Борис Петковски беше доследен и верен проследу­вач на ликовниот живот кај нас. Од периодот меѓу

двете светски војни па сè до денешното време тој ги истражуваше појавите и тенденциите на ликов­ната уметност, следејќи ги промените, изделувајќи го најкарактеристичното и највредното, давајќи дефиниции за цели периоди и за цели одделни творечки опуси. Беше широк во прифаќањето на новото, но не беше исклучив – знаеше да ја цени различноста, самостојниот пат, специфичностите на одделните творечки патеки. Имаше афинитет кон уметноста која на еден ангажиран начин се обидува да одговори на прашањата на епохата, но имаше слух и за лично обоените барања што ги ис­тражуваа херметичните области на сознанието. Не го истакнуваше на преден план својот личен вкус – сакаше, колку што е тоа можно, да биде објективен судија, непристрасен оценувач кој се раководи, пред сè од имплицитната естетска содржина на делото. Историјата на македонската ликовна умет­ност на ХХ век е неразделно поврзана со делото на Петковски – неговите периодизации, класифика­ции, толкувања и вреднувања се неодминливи при секој сериозен пристап кон оваа материја.

Особени заслуги Борис Петковски има за афирмацијата на творештвото на македонски­те ликовни уметници надвор од границата на Македонија. И како ликовен критичар, и како ди­ректор на Музејот, и како претседател на Комисијата за културни врски со странство, тој беше предаден на таа цел со многу ентузијазам – низ еден на­вистина импресивен број на изложби што ги под­готвуваше со своите соработници, со огромен број текстови наменети на странската публика, тој ги отвораше вратите на Европа за нашите уметници, и тоа го правеше не од протоколарни причини, туку од убеденост дека македонската ликовна умет­ност навистина заслужува да влезе во европската и светската листа на вредности. Со авторитетот што го имаше во меѓународните кругови, со угледот што го уживаше, тој направи извонредно многу навистина вредните дела на нашите уметници да го најдат патот кон нивното светско оценување и признавање.

Јас сум свесен дека не би можел во овој миг да ги набројам сите заслуги на Борис Петковски за нашата култура. Тој беше човек со исклучителна широчина на погледи, со една европска ерудиција, со ретка енергија во исполнувањето на задачите што си ги поставуваше пред себе. Носеше во себе непресушна љубопитност, дух секогаш спремен да прима нови сознанија, култура која го издигаше над вообичаените норми. Тој беше еден од оние дејци какви што се појавуваат ретко, во исклучи­телни мигови, и кои оставаат траен печат врз свое­то време. Тој беше личност.

Беше голема среќа за македонската култу­ра да има во редовите на своите интелектуалци еден ваков неуморен трудбеник на културата и ваква сјајна индивидуалност. Тој ги впрегнуваше сите свои искуства во потфатите во кои беше ан­гажиран и даваше крајно несебично и извонредно многу на сите полиња на кои работеше. Зад него остануваат трајни дела – неговите книги, негови­те многубројни написи – кои ќе бидат од голема корист за идните поколенија, останува Музејот на современа уметност, во кој тој ги вгради своите најполетни години, останува спомен за еден редок и исклучителен човек кој знаеше да го исполни својот живот со ентузијазам, со уживање во рабо­тата, со борба за своите идеи и со доследност кон своите идеали.