БОРИС ПЕТКОВСКИ (1931 – 2005) беше неуморен патник низ уметноста и културата од втората половина на 20 и почетокот на 21 век, сè до последниот милиметар од неговата животна нишка.
А Нејзе Клото ткајачката ја создаде на 19 јануари 1931 година во местото Бајмок во Војводина. Судбината ја мереше цели 73 години и 10 дена, сè додека неумоливата Атропа не ја запре на 29. јануари 2005 година.
Што гледаа неговите очи низ патеката на животната светлина, на неколку професии тесно поврзани во една: музеолог, ликовен критичар, љубопитен истражувач, професор, културолог? Со каква цел слепата Судбина ни го испрати овој ангел – мисионер тука во Македонија ?
Претпоставувам, со своите интелектуални потенцијали и комуникативноста, тој и не мораше да остане со нас.
Неговиот работен ангажман, во Народниот театар во Скопје (1949-1957), на Работничкиот универзитет во Скопје (1958-1961), во Градското собрание на Скопје (1961-1964), во Музејот на Современата уметност во Скопје (1964-1976), на Филозофскиот факултет во Скопје (1976-1996) и како пензионер во својот дом до последен момент (1997-2005), беше исполнет со пасионирана одушевеност и истражувања на, би рекол, неколку основни релации: Македонија, Светот, корените на традицијата и нејзиното преточување во културните содржини на сегашноста и потребните концепти за планирањето на иднината.
Тешко е денес сето тоа да се претстави но претпоставувам дека идните генерации ќе треба детално да го анализираат сонот на Борис Петковски, единствениот сон чие што остварување ја има силата, ова мало парче Земја да го оформи во рамноправен дел на светската цивилизација и култура.
Вишиот кустос (1972) односно музејскиот советник (1976), Борис Петковски, покренувајќи меѓународна акција за подарување ликовни дела на градот Скопје, успева да донесе преку 2800 уметнички дела. Организира над 200 разновидни изложби во Скопје, во Југославија и во странство. Музејот на современата уметност ги освојува во 1965 година Ноемвриската награда а во 1976 година наградата Св. Климент Охридски. Се разбира дека огромното музеолошко искуство му овозможи на професор Петковски да го оформи и да биде првиот предавач на предметот Музеологија и конзервација од далечната учебна 1980/81 година.
Тој беше член на повеќе стручни и научни тела и општествени органи, на РЗЗСК, Институтот за истражување на старословенската култура, на НУБ Св. Климент Охридски во Скопје, Ликовна
та колонија во Прилеп, Уметничката галерија во Скопје.
Беше активен и корисен член на редакциските и уредувачките одбори на списанијата Македонија, Ликовна уметност, Разгледи и многу други.
Книгоиздателството Македонска Цивилизација и јас му должиме огромна благодарност за подршката, учеството и советите во Издавачкиот совет и прилозите на списанието Македонско Наследство / Macedonian Heritage, уште од самиот старт во 1996 година.
Ги раководеше научно-истражувачките проекти: Сликарството во Македонија од доаѓањето на Словените до денес (со проф. д-р Петар Миљковиќ Пепек и проф. д-р Антоние Николовски), Монументална уметност во Македонија во ХХ век. Активен соработник во проектот на МАНУ Цивилизациите на почвата на Македонија.
Учествуваше на научните собири: за синтезата во Врњачка Бања (1973, 1978, 1980); за Уметноста и револуцијата во Титов Велес (1966); за Нацијата и културата во Охрид (1971); основачкиот конгрес на историчарите на уметноста Охрид (1976); конгресот на АИКА (Меѓународното здружение на уметничките критичари) во Швајцарија (1978); Меѓународниот естетички конгрес во Дубровник (1980); Изворите на модерната уметност на Југоисточна Европа во Букурешт (1983); Влијанието на античката уметност на Социјалистичка Република Македонија во Скопје (1985) и уште многу други средби на уметничките и културолошки мислители.
Беше претседател на сојузниот фонд Моша Пијаде во Белград; претседател на југословенската секција на АИКА (1983-1986); претставник на СФРЈ во меѓувладиниот комитет за реституција на уметничките дела при УНЕСКО во Париз.
Беше ментор или член во комисиите за прифаќање на докторските дисертации на редица преминати и живи дејци: д-р Вјекослав Четковиќ, д-р Антоние Николовски, д-р Јасминка Хаџиева Алексиева; д-р Јерко Денегри; д-р Владимир Величковски.
Беше ментор или член на многу магистерски трудови.
Изведе голем број студиски патувања и престои со предавања на голем број универзитети. Во Париз (1986, 1987, 1988); во Хале, Лајпциг, Дрезден, Вајмар, Берлин, во Полска (1985) во Иран (Багдад 1986).
Искуството и мудроста исчезнуваат доколку не се преточат во соодветен документ. За наша среќа професор Петковски остави огромно пишувано наследство. Тој публикуваше од 1956 година до крајот на животот. Неверојатна е лепезата на неговите мисли. Египетската уметност, Михајло и Евтихиј или Ѓото, за Никола Мартиноски, Јапонските детски цртежи, Уметничкиот вид изразување на Револуцијата, Културата на духот и ангажирано сознавање на светот, Американски психоделичен плакат, За ликовната визија на нашето време, La pittura contemporanea Macedone, The sculpture of Petar Hadzi Boskov, но, без сомнение неговата централна преокупација беше македонската современа уметност од каде произлегоа стотините референци, статии и монографии.
Уште како тринаесетгодишно момче пројави интерес кон археолошките истражувања во Хераклеја, заедно со католичкиот свештеник Алојз Турк од Битола.
Со големо одушевување го подготвувавше патот во организацијата на заедничкиот научноистражувачки проект помеѓу Македонија и Италија на древната Виа Егнатиа. Така заедно го организиравме и спроведовме престојот на археологот Микеле Фасоло од Istituto di topografia antica при Универзитетот во Рим, по трасата на Егнатискиот пат во Република Македонија есента 2003 година.
На Филозофскиот факултет во Скопје влезе во 1976 година, како доцент по предметот Општа историја на уметноста – нов век. Во 1978 година беше избран за вонреден професор а во 1983 година за редовен професор, со реизбор во 1989 година.
Раководителот на нашата Наставно научна студиска група (денес Институт) за историја на уметност и археологија, професорот д-р Борис Петковски (од 1.Х.1981-1.Х.1983 и од 20.Х.1993-20.Х1995 год.), во секој момент, на седниците, во работата, нè обединуваше и го водеше Институтот по патеката на врвната афирмација за заедничките дисциплини пред македонската и светската јавност.
Драгиот наш професор Петковски, беше незаменлив со врвните позитивни доблести карактеристични за професор – педагог. Да се објасни, да се воведе, да се мотивира, да се доближи светот на традицијата, стиловите, боите, пластичноста, коцкичките и стаклото или пак фотографијата, графиката и линиите на секој отворен човечки ум. На студентите но и на сите оние подготвени за следењето на големиот учител Борис.
Со благиот тон и сигурност на паталец и мудрец нè воведуваше во развојот на стиловите и потребните референци за апсорбирање на знаењата за светската и македонската историја на уметност, за музеите, музеологијата, или пак за основните елементи на уметничката критика.
Професор д-р Борис Петковски беше вистинскиот ангел чувар од портите на храмот на едукацијата и денес не постојат дилеми за вредноста на неговиот сон Визијата: Македонија дел од европската и светската цивилизација и култура.
Објавено во: Македонско наследство / Macedonian Heritage
Списание за археологија, историја на уметноста и етнологија, година IX, број 24, 2005 г. Издавач: Македонска цивилизација, Скопје.