ВО СЕЌАВАЊЕ НА БОРИС ПЕТКОВСКИ
Како потпретседател на Италијанскиот културен центар на Македонија и како универзитетски колега ми прави чест да зборувам за проф. Борис Петковски во поглед на неговата активност во својство на Претседател на Италијанскиот културен центар како и за неговата сестрана културна активност, со оглед на фактот што заедно сме биле промотори на културните активности помеѓу Италија и Македонија. Петковски во својство на Претседател на Републичката комисија за културна соработка со странство, а јас како професор по македонски јазик и литература при Ориенталниот Универзитетски Институт во Неапол, сме биле организатори на повеќе културни манифестации како: традиционалната културна манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“, што се одржуваше и сè уште се одржува во Рим; културната манифестација „Македонски Мај“ организирана секоја година на Ориенталниот Универзитетски Институт во Неапол. Од библиографските истражувања на проф. Анастасија Ѓурчинова на италијанската литература во Македонија, Петковски се јавува како еден од првите преведувачи на песни од италијански поети на македонски јазик. Во доменот на уметноста Петковски е најактивниот организатор на изложби во Македонија на италијански сликари, како и во Италија на македонски сликари. Тој со голема настојчивост успеваше да инволвира разни универзитетски италијански и македонски институции за реализација на многу значајни проекти од областа на археологијата. Се сеќавам со каков ентузијазам зборуваше за соработката помеѓу компетентните институции раководени од Проф. Пичирило и соодветните македонски институции што се однесува на истражувањата во врска со откритието на Јустинијана Прима; во врска со проектот Виа Игнација на македонска територија. Во својство на професор на Универзитетот Свети Кирил и Методиј Петковски беше ангажиран како гостин професор на Ориенталниот Универзитетски Институт во Неапол, каде што со голем успех ги одржуваше своите предавања по македонска уметност при Катедрата за македонски јазик и литература. Сосема накратко може да се каже дека, Петковски ќе остане засекогаш, незаменлив промотор на културната соработка помеѓу Италија и Македонија.