Го запознав професорот Борис Петковски при крајот на пролетта 2003 година и тоа за мене беше еден многу значаен момент. Имав закажано прием во Музејот за современа уметност во Скопје, Република Македонија, и мојот прв впечаток беше дека тој е една емблематична и возвишена личност, уште од првиот контакт станав свесна дека се наоѓам пред подготвен, искусен и непоколеблив човек. Конечно, по долго очекување се среќавав со историчарот на уметност за кој толку многу имав слушнато, се сеќавам дека денот беше светол и јасен, а јас се чувствував возбудена и задоволна, во тој миг потребата да докажам што е или што претставува мојата творечка мисла беше толку голема што обрнував големо внимание на тоа да не се распливнам во беспредметно говорење. Професорот Борис Петковски го зборуваше мошне добро италијанскиот јазик, благодарение на своето истарско потекло, и тоа ги упрости работите со оглед на тоа што разговорот испаѓаше доста интроспективен; во таа пригода тој разгледа значителен број на фотографски снимки од моето уметничко творење што му ги прикажував со посредство на CD-ром, па според тоа нашата прва средба се одвиваше пред компјутер, седнати еден спроти друг. Пред мене имав сталожена личност која со вонредна чувствителност и стручност ги разгледуваше моите уметнички содржини. Би можела да напишам многу за тој мој првичен контакт со професорот Борис Петковски и да се впуштам во возвишени и прекрасни искази, но првенствено морам отворено да изјавам дека тој беше Тој кој ми ги отвори вратите на уметничките колонии во кои се здобив со исклучително позитивен фонд на искуства.
Го сретнав и подоцна во разни пригоди, во Крива Паланка, во манастирот Осоговски, дојде да ги посети уметниците на симпозиумот и свечено ја отвори изложбата со едноставен, но претпоставувам ефикасен говор, со оглед на фактот дека доби големи аплаузи а ми се виде мошне баран од многуте присутни; мислам дека во неформалната средба со нас уметниците тој ни давал повеќекратна морална поддршка, имајќи го предвид фактот дека еден продуктивен критичар умее секогаш да ти го каже правиот збор, без разлика кој си и што искажуваш. Исправно помислив дека можам навистина да почнам да го гледам во правата светлина, а исто така во таа пригода забележав дека од неговата личност зрачи оној флуид што јас би го нарекла хуманост, во моите очи тој не беше само еден учтив и многу отмен господин, туку автентичен стручњак што се однесува до неговите професионални и историчарски функции. Верувам дека го запознав добро професорот Борис Петовски исто така и слушајќи го како зборува, раскажува за дел од нашиот 20 век, како на пример една вечер кога се најдов гостинка во неговиот дом и ми беше чест да ја сретнам и да ја запознам неговата сопруга, па двајцата ми станаа толку блиски што со нив поминав една незаборавна вечер, ми раскажаа неколку случки што разбирливо ги имале во врска со нивните доживелици околу историјата на уметност, најпосле се наоѓав меѓу уметници, историски експоненти, каков што беше професорот, имено таа вечер дознав дека неговата сопруга била во балетот и нејзините уметнички искуства биле многу болни и макотрпни, ми покажаа фотографии, книги, уметнички дела; тој не изгледаше, но беше навистина голем човек, со редок сензибилитет, образование и култу
ра. Се присетувам секогаш многу радо на таа вечер. И покрај тоа што тој не е веќе жив, ќе го сочувам во жив спомен овој голем експонент на 20 век.
Професорот Борис Петковски го заслужува сето мое признание и мојата длабока почит и би сакала да завршам со една прекрасна слика што ќе ја раскажам… се наоѓав во градината на домот на Петковски во нивно друштво и беше веќе доцна, вечерта беше свежа а јас заедно со нив среде толку многу цвеќе добив претстава за совршенството на бескрајот, ми се видоа како двe возрасни добродушни суштества од бајки и јас се чувствував гордо и сè уште сум многу горда за тоа. Оваа драга слика што ми останува е нешто што не умеам добро да го опишам со зборови, но затоа можам да тврдам дека професорот Борис Петковски заслужува историјата да го споменува и да го вбројува меѓу нејзините големи претставници. Една мудра, образована личност со истенчена смисла за хумор, па сè додека ќе се чува споменот на него ќе можеме да замислуваме дека е вечно со нас. Благодарам професоре Петковски.
Превод од италијански: Марија Грација Цветковска