ЗА БОРИС ПЕТКОВСКИ…
…Ја паметам сè уште јасно, како да беше вчера, мојата прва консултација, пред првиот испит на постдипломските судии, на која проф. Петковски зборуваше (признавам, за мене тогаш по многушто неразбирливо) дека „…имаме обврска: будно да ги опсервираме сите процеси кои реално или само навидум го профилираат нашиот идентитет, да ги креираме содржините и да ги дешифрираме контекстите на идеите кои го обезбедиле нашето суштествено дејствување и опстојување среде процесите кои често за Македонците биле погубни, страшни, негирачки, неповолни…“ Така зборуваше, тогаш мојот професор, ментор, подоцна, и мојот пријател, Борис Петковски.
Зборуваше и за оние, (за многумина до денеска сè уште докрај неразбрани) теориски, развојни, институционални и други параметри, кои, преку работата на различни проекти, истражувачки задачи, предизвици…почнувавме да ги препознаваме како дел од општиот развој на културата и уметноста на македонско тло. Зборуваше за нив како за такви, коишто успеале да дефинираат области кои битно ја детерминирале (условиле) нашата севкупна еманципација среде европските процеси во сите области на животот…
Во време кога сè уште не беше созреал импулсот за критичко преиспитување на сопствената вредносна дефиниција, нужно насочена кон развивањето на перцепцијата за сопствениот културен и уметнички идентитет, тој зборуваше за нужноста од воспоставување специфичен, инвентивен, свој и препозналив однос кон поимот на критичкото, научно засновано референцирање на поимот на “македонскиот идентитет” во областа на културата и уметноста, отворајќи ни влез во материја, која, иако реално апстрактна и неразбирлива (тогаш), сепак, постепено го градеше нашиот однос кон сите оние феномени, кои дотогаш и не бевме спремни да ги препознаваме како влијателни и важни…се учевме да гледаме како светот само што не се отворил поинаков, како да небаре се ќе започне од нас, а моравме да ја почитуваме онаа сложена повеќеслојна традиција, за која само насетувавме дека е составена од материја која ќе не обликува нас, новите, наивно млади истражувачи, загледани во магливите пространства на нашите незнајни проекции за себе нанапред во времето…
Така го крепеше нашиот дух. Така ја преиспитуваше нашата посветеност, го ставаше на кантар секој наш збор, став, мисла. А ние горделиво успевавме да веруваме дека еве, нештата штотуку ќе започнат од нас, а ние веќе се бевме опремиле со чувството на исполнетост со сосема новите сознанија за секое ново камче мозаик кој го додававме во нејасната слика, која полека, како приказна, почнуваше за нас да значи отворање на погледот кон незнајните, бескрајни подрачја на духот, во кои уметничкиот порив во неброени комбинации успеал да се искаже и да опстои како суштествена еманација. Паметам, така во нас го негувавме чувството дека бескрајно ја почитуваме историчноста…онаа историчност, за која проф. Петковски тол
ку многу, толку обврзно сакаше да зборува, како да сакаше од тоа да направи наш завет…или, можеби, наш заговор со вечната посветеност.
Не се штедевме во напорот да ги одгатнеме сите зборови од сложената реченица која полека стануваше наша стварност, разбранувана како игра понесена од свесноста за сопствениот придонес, кој проф. Петковски исклучително сакаше да го однегува кај нас. Токму така станувавме свесни, согледувајќи ги историските нужности, континуитети и условувања, за суштината на различните истражувања, за важноста на одредени проекти, за трајноста на одредени концепти кои нудеа опции и одговори за проблемот на нашата способност да се вклучиме во модерната епоха, или пак, не тераше на питом, помалку поетичен начин, да ги изостриме сопствените сетила, да ги обликуваме сопствените перцепции, и да ги согледаме недостатоците кои сето тоа го оневозможуваат дури и во такви ситуации, во кои нашите заклучоци евидентно биваа спротивставени со неговите, лични опсервации на идентичните феномени…
Како по правило, низ интерактивните дискусии, лишени од милоста на топлото малограѓанско озборување, речиси секогаш, нашето сопствено преиспитување беше поставено наспроти сите други видови на критичка опсервација, од каде пак ние ја препознававме наметнатата нужност за претставување и на сите (различни, разнородни) аспекти на “позитивното македонско вградување во културата и уметноста на 20 век”; така веројатно учевме, речиси и незнаејќи дека учиме, за сложеноста на процесот на препознавање дури и на малите осцилации на духот, откриени во различните македонски, наши, сопствени уметнички манифестации…
Денес, загледан како во магла, во она студено утро кога за последен пат молкум одвај се одважив и му ги поднесов своите фусноти, референци и белешки, (не сакајќи тогаш да си признаам дека свесно му ги предавам на оној простор за кој отсекогаш зборувавме, а помалку не признававме), сè уше не можам (и не сакам) да се ослободам од она чувство на едноставна човечка тага, но и нескриена радост, што барем си го предадовме на чување оној завет на духот, заради кој веројатно и вреди да се потроши навидум сложениот, но во суштина едноставен, минлив, човечки живот…