Имаме чест да му ја оддадеме уште еднаш должната почит на професор д-р Борис Петковски, како на извонреден историчар на уметноста, пожртвуван професор, активен културен деец и почитуван и докажан член на нашиот колектив, но и на нашата општествена заедница. Иако денес веќе не дели извесна временска дистанца од неговото испраќање во вечноста, допрва претстои истражување на бројните достигнувања на професор д-р Борис Петковски, а уште повеќе утврдување на ефектите и зрачењето што се шири од неговото дело.
На пример, досега не беше доволно дискутирано за значењето на професор Петковски за одбраната и афирмацијата на модерната уметност во втората половина на педесеттите години од минатиот век, кога се појавија неговите први написи за ликовната уметност во нашите гласила. Во тоа време борбата за дедогматизација во македонската култура сè уште траеше, и отпорите кон модерната уметност – и оние официјални, идеолошки, но и оние што ги носеше во себе нашата средина како последица од неинформираноста и затвореноста – беа сè уште силни. Борис Петковски во тоа време се зазеде за модерното, за новиот дух, отворајќи простор за новите вредности и хоризонти. Академик Влада Урошевиќ ќе рече: „Конечната победа на тенденциите што нè носеа во пресрет на светот и на современоста му должи многу на Борис Петковски, кој се вклучи во борбата за културниот пресврт во вистинскиот миг. За тој потфат тој поседуваше и образование, информираност, вкус, но и храброст, одлучност и упорност да се истрае.“
Потврда за несебично и пожртвувано манифестирање на овие негови квалитети беше добро познатиот и историски значаен ангажман на професор Петковски како основач и прв директор на Музејот на Современата уметност во Скопје, непосредно по катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град на Републиката во 1963 година. Тогаш, во услови на вонредна состојба предизвикана од елементарната непогода, Борис Петковски застана на чело на иницијативата да се формира ваков музеј– прв кај нас, кој настана како плод на југословенската и светска солидарност со настраданиот град. Со голем занес и со страст тој ја водеше кампањата за собирање уметнички дела. Благодарение на личните контакти и комуникативност, иницијативноста и преданата посветеност на професор Борис Петковски на оваа идеја, Скопје доби многу богата, разновидна и универзална колекција. Голема енергија, ентузијазам и организациски вештини тој вложи за да ја реализира во целост идејата за формирање на единствената по обем и квалитет збирка на дела на најголемите автори на современата уметност на XX век; таа воедно да биде соодветно сместена, организирана, обработена и најпосле достојно презентирана. Тоа значеше организирање на конкурс за архитектонското решение за Музејот, потоа негова изградба, формирање на кругот соработници, се до реализирањето на првата поставка.
Накусо, визионерскиот ангажман на професор д-р Борис Петковски не само што создаде врвна културна установа, туку и придонесе за создавањето на нејзината препознатлива физиономија, која набргу се здоби со голем углед во тогашната југословенска и светска јавност. Нејзиното формирање значеше во голема мера наше интегрирање во современата уметничка мапа на Европа и светот.
Искален со непроценливо искуство, стекнато на директорската функција и наоружан со знаења освоени за време на студиските престои во Франција и други европски земји, Борис Петковски стана професор на Филозофскиот факултет во Скопје, каде го пренесе својот работен елан. Како резултат на педагошката активност на професор Петковски произлегоа генерации на историчари на уметноста, подготвени да ја разбираат, проучуваат и почитуваат модерната уметност. Своите студенти професорот Петковски ги поттикнуваше, усмеруваше и инспирираше, самиот постојано активен и присутен во сферата на современата уметност и истраен во афирмација на македонската уметност, кај нас и во светот.
Научно-истражувачката активност на професор д-р Борис Петковски беше интензивна и континуирана. За неа сведочат големиот број значајни научни прилози, монографии, проекти, научни собири и конгреси, организирани кај нас и во странство. Борис Петковски остави извонредно важни и истовремено пионерски научни согледувања за ликовната активност на подрачјето на Македонија во XX век, проучувајќи ги првите обиди на нашата модерна уметност во ослободувањето од традицијата на византиското наследство и срамежливото прифаќање на влијанија на европските современи текови. Детерминирајќи ги европските влијанија во раната македонска современа уметност, професорот Петковски преку објективни и аналитички согледувања, како и темелни проучувања, успешно ги скенираше почетоците на македонската современа уметност, согледани во разноликоста на авторски ракописи на неговите основоположници. Покрај повеќето негови значајни дела, ќе остане како стожер неговото капитално остварување: обелоденувањето на творечкиот и животниот пат на Никола Мартиновски, кој дури по опсежното проучување на Борис Петковски го доби своето вистинско место во националната историја на уметноста. Историјата на македонската ликовна уметност на ХХ век е неразделно поврзана со делото на Петковски – неговите периодизации, класификации, толкувања и вреднувања се неодминливи при секој сериозен пристап кон оваа материја. Во текот на половина век, Борис Петковски беше доследен и верен проследувач на ликовниот живот кај нас. Од периодот меѓу двете светски војни па сè до најново време тој ги истражуваше појавите и тенденциите на ликовната уметност, следејќи ги промените, изделувајќи го најкарактеристичното и највредното, давајќи дефиниции за одделни периоди и поединечни творечки опуси. Поради овие свои залагања и успеси, Петковски раководеше со неколку суштествни национални проекти во МАНУ. За своите академски достигнувања и резултати професор д-р Борис Петковски беше добитник на повеќе значајни награди и општествени признанија.
Во функција на конкретната реализација, но и на општествената афирмација на научната мисла, Петковски членуваше во многу уметнички организации и асоцијации, со чија работа раководеше во одреден период. Неговиот углед во научните и културните кругови во државата и надвор од неа придонесе тој да биде назначен на одговорни функции во доменот на културата, особено упатени на културно-уметничката соработка и афирмацијата на македонската современа уметност надвор од границите на Македонија. Оваа мисија тој ја остваруваше и како ликовен критичар, претседател на АИКА, како директор на Музејот на современа уметност и најпосле како претседател на Комисијата за културни врски со странство.
Д-р Борис Петковски беше човек со европска ерудиција, култура, полиглот и ангажиран, освестен научник и професор, секогаш буден и активен, секогаш во центарот на случувањата и прв во борбените редови кога требаше да се избори за уметничката кауза. Тој беше и ќе остане еден од оние кои со својата самопрегорна работа и постигнати резултати ја обележуваат епохата во која живеат. Горди сме што припаѓаше на нашиот колектив и што со својот обемен опус и научна мисла стана значаен дел од историјата, сегашноста и иднината на Филозофскиот факултет во Скопје.