Вредноста на едно дело можеби можеме да ја мериме според она што тоа го предизвикува врз околината. Да бидам попрецизен. Животот ви овозможува да се среќавате со дела, на некои реагирате рефлексно, некои воопшто не ве допираат, но има и онакви кои не ве оставаат рамнодушни. Овие последните се многу ретки, но исклучително моќни. Се вгнездуваат во вашата потсвест, и ве поттикнуваат да размислувате за нив. Ги предизвикуваат прашања како настанале, каков е тој мозок што ги создал и што се случило со творецот за тие да се материјализираат токму на таков начин. Дали метафизиката и алхемијата кои ги создале и ги содржат, ги чинат да бидат посебни и каква е таа универзална азбука која ја носат со себе за да останат разбрани низ времето.
Сигурно дека еден од трагачите каде лежи вистината и дали немерливото може да се измери, беше проф. Борис Петковски. Ја имав таа можност во мојот живот да се сретнам со него. Тој ми беше професор, но исто така професионално се среќававме и понатаму во животот.
Се сеќавам на неговите предавња, тие секогаш беа мошне прецизни и јасни, испреплетени со примери и приказни кои беа надополнување и дообјаснување на темите кои ни ги пренесуваше. Она што од тоа време можеби ми остави особен впечаток беше испитот кој од формален се претвори во дискуија. Тој ми дозволи да го кажам своето мислење. Ги спротивставив своите аргументи на аргументите на професорот. Веројатно таквата слобода можат да ви ја дадат само оние кои се спремни да слушнат што мисли другиот, различниот од вас, но воедно и вас самите да ве воведе во сознанието дека спротивставените мислења не значат војна.
Во својот живот проф. Петковски се профилира во човек кој она што ќе го осознае и спознае го претвора во дело во кое се меморирани сите сигнали кои допреле до него. Несомнено неговиот интерес кон модерната и современта уметност на ХХ век, е местото каде би го лоцирал делото кое го остави зад себе: создавањето и градењето на Музејот на современата уметност во Скопје, трагањето по се она што го носеше во себе овој турбулентен, деконпониран век, век на контраверзии, радикални промени, евтини сензации, страдања и нова естетика. Тоа беше она што стана опсервација и анализа на овој историчар на уметноста, хроничар и критичар на рецентното случување. Сето тоа систематично срочено во текстови и книги. Тие претставуваат значајна трага за постоење на автентична култура која се развивала под влијанија на европските и светските случувања, но сепак различна, специфична и во нешто ендемична. Неговите сознанија и ставови за македонската современа уметност се особено значајни и според мене искучително важни. Оставени на наредните генерации и другите култури и нации на анализа.
Потрагата по различноста и вечното преиспитување што е вистината е втемелена и во неговата потреба за промовирање на автентичната култура и уметност и нејзино ставање во директна врска со туѓите искуства. Носењето на изложби, промоциите, неговите предавања во странство, и од друга старна носењето на странското искуство во Македонија е мисијата која тој самиот си ја зададе. Тука некаде ја гледам неговата ентузијастичка потреба за создавањето на Македонско-италијанското друштво за културна соработка или како тој сакаше да каже Италијанскиот културен центар. Впечатлив беше сериозниот однос кон оваа институција, не дозволи ниту во еден миг нејзиниот опстанок да дојде во прашање. Со тоа тој создаде можност за повторна средба на две медитерански култури, кои и во изминатите векови повремено се допирале, влијаеле една на друга но останале свои во различноста. Целта не му беше само афирмирање и промовирање на современата италијанската култура и мисла во Македонија. Тој тоа го издигна во запознавање, разговор, размена, споредба и дружење на мислата и делата родени во овие две средини.
Веројатно ќе помине уште некое време за да разбереме каков беше тој силен ентузијазам кој му овозможуваше да се движи по патот кој самиот си го зацрта. Имам впечаток дека неретко беше неразбран од околината и понекогаш оневозможен да го направи она што го имаше на ум. Но сигурен сум дека проф. Борис Петковски остави зад себе дело чија вредност е лесно мерлива, дело кое нема да ве остави рамнодушен и ви остава место за постојана дискусија и повторна средба со професорот.