Институт Данте Алигиери, Скопје

3-1Мојата прва средба со Борис Петковски беше некаде во далечната 1952 година. Јас, како гледач на оперска претстава во Македон­скиот народен театар, а Борис како член на балет­скиот ансамбл во улога на шпански тореро.

Во групата која што ја изведуваше балетската нумера тој паѓаше во очи со својата височина, вито­то тело и елегантните движења на рацете и нозете, со својот вроден осет за музика, како и со јасно из­разените, благородни, медитерански црти на ликот. Овие негови физички, но и духовни особини, совр­шено се совпаѓаа со улогата што ја толкуваше.

Во тоа време, претставите на театарот, на опе­рата и балетот беа културни настани што не се про­пуштаа, особено од оние кои својот животен пат го врзуваа за уметничкото творештво.

Гледано од денешен агол, шеесеттите години на минатиот век беа време кога Македонија чув­ствуваше невидена глад по кадри од сите сфери на општествениот живот, а особено од областа на културните дејности. Така, оние што покажуваа интерес за оваа област, беа веднаш вработувани во тогаш, сè уште малубројните институции од областа на културата. Поголемиот дел од овие млади луѓе беа постојано вработени во институциите, но, и ре­довни студенти на високообразовните институции. Тоа беше случај и со Борис Петковски, редовен сту­дент на групата за историја на уметноста на Фило­зофскиот факултет и истовремено член на Балетот на МНТ.

Кога подоцна го запознав како студент на историја на уметноста, тој на мене остави голем впечаток заради неговиот навистина сериозен и многу темелен пристап, не само кон материјата што ја слушавме на предавањата, туку и по него­вите знаења и интерес за материјата што ја изучу­вавме. Во таа негова преокупација му помагаше неговото одлично познавање на францускиот и италијанскиот јазик, како и на неколкуте јазици од т.н. словенска група на јазици, така што без по­големи проблеми користеше литература врзана за проблематиката што беше предмет на студиите по историја на уметноста.

Се разбира, ова негово изразито полиглот­ство, придружено со уметничките, духовни и интелектуални пориви, кои тој несомнено ги по­седуваше, беше многу ретка, ако не и единствена појава меѓу студентите на историја на уметноста на Скопскиот Филозофски факултет. Неговата дра­гоцена комуникација со случувањата во уметноста во светски рамки, не само во моите очи, туку и во очите на тие што го познаваа и се дружеа со него, го претставуваа како еден од најистакнатите, а јас би рекол еден од најобразованите студенти на групата за историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје. Беше вистинско задоволство да се слу­шаат неговите дискусии на семинарските вежби. Примерите што ги посочуваше, беа апсолутна но­вина за другите студенти, а често и за професорите. Сепак, тој во ниту еден момент не покажуваше гор­деливост и надменост. Беше скромен и умен човек, секогаш подготвен со секого да дискутира на некоја тема од областа на уметноста и несебично да по­могне ако тоа некој од него го бараше. Затоа што тој самиот беше човек со достоинство на творец и креативен уметник.

Во своето семејство, тој, исто така, беше при­дружуван од талентиран уметник и балетски педагог од висока класа, односно од неговата по­читувана сопруга Тања Петковска, сега пензиони­ран универзитетски професор кој на Факултетот за драмски уметности го предаваше предметот сцен­ски движења и танци.

3-2

Борис Петковски дипломираше во 1956 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Веднаш по дипломирањето тој почнува да објавува текстови во дневниот печат и тоа од областа на уметноста, културата и филозофијата. Својата професионал­на и научна дејност ја започнува некаде во 1960 година, при што користи можност за повеќе сту­диски претстои во европските земји, а подоцна престојува и во САД како гостин на Владата на оваа земја. Студискиот претстој во Париз, во Национал­ниот музеј на модерната уметност, како и на Сор­бона и во Институтот Collège de France (каде со­работува со познатиот Жан Касу како и со Бернард Доривал) му отвараат нови видици и сознанија, зацврстувајќи ја неговата љубов кон современата уметност воопшто, а посебно кон специфичностите на македонската современа уметност.

Еден од многу значајните моменти во него­виот живот, без сомнение е врзан за 1963 година. Во деновите кога по катастрофалниот земјотрес што го разурна градот Скопје, луѓето размислу­ваа за секојдневните егзистенцијални пробле­ми, тој својата преокупација ја врзува за една несекојдневна идеја: да се создадат услови за основање на Музеј на современата уметност во Скопје. Оваа идеја станува негов сон и неодмен­лива желба. Заедно со други поборници на оваа идеја, што тој самиот ги регрутираше формиран е Иницијативен одбор за основање на Музеј на со­времена уметност, а тој ја презема улогата на прв секретар на Иницијативниот одбор. Веќе од наред­ната 1964 година па се до 1976 година тој прв ја оба­вуваше функцијата на директор на новооснованата установа. Под негово раководство и благодарение на широката меѓународна солидарност, во Музејот е создадена колекција од неколку илјади ликовни дела на голем број ликовни уметници од целиот свет. Во тој период е изградена и нова музејска зграда, а во рамките на дејноста на новосоздаде­ната установа, се одржани повеќе од 250 изложби на македонската и странската уметност во Скопје, но и во повеќе земји во светот. Во овој период, па­ралелно со секојдневните задачи во Музејот, тој ја подготвува и својата докторска дисертација посве­тена на животот и делото на големиот македонски сликар Никола Мартиноски. Борис Петковски ја одбранил докторската дисертација на Филозоф­скиот факултет во Белград во 1975 година, пред високо реномирана научна комисија, предводена од неговиот ментор проф. д-р Лазар Трифуновиќ. Во тој период ја отпочнува и својата универзитетска кариера: од 1970-1972 година предава историја на уметноста на Вишата музичка школа; од крајот на 1976 па се до 1996 година на Филозофскиот факулет во Скопје на Институтот за историја на уметноста со археологија е професор на предметите совре­мена уметност, уметноста на народите и на­родностите на СФРЈ, уметноста на македон­скиот народ по 1900 година, општа историја на уметноста – нов век и музеологија. По пензионирањето во 1996 година тој и понатаму продолжува да работи во својство на ментор и член на комисии за одбрана на магистерски и докторски трудови, пишува и објавува книги и учествува во реализација во повеќе научни проекти.

Во 1991 година, а потоа и во 2002 година претстојува како визитинг професор на Универзи­тетскиот институт Ориентале во Неапол, предавајќи содржини од областа на модерната источно-европска и македонска уметност. Борис Петковски, исто така, држел повеќе предавања и на универзи­тетите во: Хале, Софија, Белград, Неапол, Рим, Тори­но, Брисел и др.

На Филозофскиот факултет во Скопје, Петков­ски бил неколку пати раководител на Институтот за историја на уметноста со археологија, како и член на советите на разни други факултетски тела.

Во периодот од 1986 до 1989 година тој ја оба­вувал функцијата на претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Благо­дарение на неговото залагање, во тој период, се реализирани повеќе значајни акции за промоција на македонската култура во светот.

Максимално ангажиран за афирмација на уметничкото творештво на Македонија во земјата и надвор од нејзините граници, Борис Петковски учествува со свои реферати на повеќе конгреси и научни симпозиуми, при што неговите трудови се проследени со посебен интерес. Во својство на член, а во еден период и претседател на Македонското здружение на ликовни критичари, тој организира и учествува на конгреси и симпозиуми во Франција (Париз), а потоа во Романија, Грција, Белгија, Унгарија и други земји. Во име на Републичката комисија за културни врски со странство, во 1983 година организирал Италијанско-југословенски научен собир во Рим.

Почнувајќи од 1971година, Петковски работи на повеќе научни проекти меѓу кои: „Сликарство­то во Македонија од доаѓањето на Словените до де­нес”; раководи со двете фази на реализацијата на проектот при Институтот за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје со тема „Монументалната уметност во Македонија во ХХ век”, што завршува во 1998 година. Тој уче­ствува и во научни проекти од програмата на Ма­кедонската академија на науките и уметностите, како на пример: „Историја на културата на тлото на Македонија” и „Македонската литература и умет­ност во XIX и XX век”.

Библиографијата врзана со дејноста на д-р Борис Петковски, покажува дека во својот научно-истражувачки век, тој има објавено неколку сто­тини трудови, во најголем дел врзани за научните толкувања на современата македонска, но и свет­ска уметност (критики, предговори, студии, моно­графии, книги за современото македонско сликар­ство, книги со одбрани текстови за македонската уметност и др.).

Овој богат научен, стручен и педагошки опус, д-р Борис Петковски го вбројува меѓу ретките исто­ричари на уметноста кои зад себе оставија драго­цени научни сведоштва и темелни согледувања за македонското современо ликовно творештво, за историјата на македонската култура, како и за по­голем број ликовни уметници и културни дејци.

За својата научна и друга општествена дејност, Борис Петковски се здобил со повеќе награди, одликувања, спомен-плакети, благодарници, меѓу кои: Ноемвриската награда на градот Скопје (1977); Октомвриската награда за наука (1983); Орден за труд со златен венец на СФРЈ (1989); Медал за за­слуги на Француската влада (1984); Златна плакета на Филозофскиот факулет (1996); Ноемвриската на­града на градот Скопје (2004) и др.

Со прераната смрт на д-р Борис Петковски македонската наука, историјата на уметноста и македонската култура воопшто, изгубија една рет­

ка личност, неповторлива по својот ентузијазам, настојчивост, чесност и хуманост, односно изгубија еден од своите врвни научници, истражувачи, брилијантен познавач, толкувач и афирматор на современата, македонска и светска, ликовна умет­ност.

Убеден сум дека неговото дело ќе опстојува како значаен патоказ за помладите историчари на уметност и истражувачи, на кои, Борис до по­следните денови од својот живот, им посветуваше посебно внимание и несебично се грижеше за нив­ната сестрана едукација.