Институт Данте Алигиери, Скопје

Постојат личности кои со својата енергија и ви­талност засекогаш остануваат во сеќавањата на идните генерации, поточно личности кои со својата работа засекогаш се вградуваат во историјата и растежот на една институција и по­широко во развојот на една дејност. Таква личност

беше мојот драг професор, неуморен музејски професионалец Борис Петковски, првиот директор на Музејот на современата уметност-Скопје (1964-1976).

Кога зборувам за Борис Петковски вед­наш го идентификувам со највпечатливиот и најсложениот проект на македонската култура на 20.век, Музејот на современата уметност-Скопје во чие создавање е вградено севкупното него­во познавање не само на теоријата и историјата на уметноста туку и на современата музеологија. Создавање на една институција која што ќе ги от­крива, чува, презентира, интерпретира и шири високите вредности во уметноста и во култура­та на нашето време, непосредно по земјотресот во 1963 година, е голем предизвик за младиот и амбициозен историчар на уметноста. Тој со го­лема љубов, ентузијазам и знаење се вклучу­ва во големата акција на подарување на уметнич­ки дела иницирана од бројни асоцијации, умет­ници и институции од целиот свет чиј краен ре­зултат е создавањето на музеј чија меѓународна колекција, пред сé, му дава особено и единстве­но место во музејската мрежа во Југоисточна Ев­ропа. Со основањето на Музејот (1964) и со голе­мата заложба на Петковски во создавањето на из­вонредната збирка на дела од најрелевантни авто­ри во светската Модерна, се потврдува сознанието за неговата огромна љубов кон својата професија.Освен во оформувањето на колекцијата тој има осо­бено значење и во другите сегменти на музејската дејност: изложбената, едукативната и други актив­ности на Музејот. Во работата на институцијата тој внесува дејности од музеологијата кои за прв пат се присутни во музејската практика во Македонија, а по примерита на музеите во Европа и Америка.Тука спаѓаат каталозите, монографиите, книгите врза­ни за конкретни изложби со стручно изработена био-библиографска граѓа за македонските автори. За прв пат се поставуваат ретроспективни изложби (О. Петлевски, Д. Коцо, В. Поповиќ-Цицо, Н. Марти­носки) пропратени со монографии обликувани како стручно-научни публикации. Неговите организаци­они и професионални способности дојдоа до израз и при изградувањето на зградата на Музејот и при поставувањето на првата варијанта на постојаната поставка со што истиот е свечено отворен во 1970 година.

Но, тоа не е доволно за Петковски и тој напоре­до со работата во Музејот започнува со педагошка­та дејност, поточно предава историја на уметноста на Високата музичка школа (1970), а од 1976-1997 е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје (институт за историја на уметноста со археологија) за предметите Модерна и современа уметност и Музеологија.

Од тој период е и мојот прв контакт со Пет­ковски кој како професор мене и на десетина мои колеги од првата генерација студенти на Историја на уметност, несебично ни ги пренесуваше своите искуства и знаења од областа на музеологијата и теоријата, придонесувајќи во трајната определба уметноста на 20 век да биде поле на наш интерес и работа.

Но, тоа по што јас со посебен пиетет ќе се сеќавам на мојот драг професор е периодот кога со­работував со него во подготовката на неговото по­следно големо дело врзано за Музејот, книгата МСУ 1964-1976, прва од едицијата Досие МСУ , како и неговото учество во одбележувањето на јубилејот “40 години МСУ-Скопје” . Овие значајни настани со кои се одбележуваше историјата на институцијата, уште еднаш, ми ја потврди констатацијата дека Музејот е неговата прва љубов и негово животно дело, а јас која го имав задоволството да бидам во негова близина и да црпам сознанија од неговите искуства посакувам сите да учиме од вакви лич­ности кои оставиле голема трага во културата на својата држава.