Денес и во деновите што доаѓаат, ќе се зборува и ќе се пишува многу за значењето на делото што проф. д-р Борис Петковски го остави зад себе, за неговото место во историјата на македонската култура и уметност, за значењето на неговиот творечки опус, за неговиот научен придонес во теоријата и проучувањето на историјата на македонската ликовна уметност, за подвигот во создавањето и втемелувањето на Музејот на современата уметност којшто успешно опстојува веќе четириесет години, за годините кога како прв директор ја водеше оваа установа, за подвигот во создавањето на светската колекција од уметнички дела, за неговите достигнувања во промоцијата, презентацијата и афирмацијата на македонската уметност во светот, за неговиот професорски самопрегор, како и за многу други подвизи за кои е малку еден човечки живот, а кои тој успеа да ги постигне, гледано од денешна перспектива, со привидна леснотија на митски јунак кој на крајот се жртвува и се вградува самиот себеси во градбата што ја подигнал.
Јас повеќе би сакал да зборувам за Борис Петковски, надвор од вообичаените конвенции, би сакал да говорам за Борис Пектовски, пред се, како за човек кој остави неизбришлива трага во животите на сите оние кои ја имаа таа чест да го познаваат.
Беше исклучителна личност, полн со еруптивна енергија и со непоколеблив ентузијазам, човек чие внатрешно зрачење им го осветлуваше патот на генерации негови студенти и колеги.
Од себе тој создаде институција во која слободно можевте да влезете и да се загубите во непрегледните коридори на неговиот брилјантен ум, архив преполн со децении натрупано знаење што ви е на дофат од раката, библиотека полна со ретки книги коишто можете да ги позајмите во било кое време, а тој секокогаш беше подготвен да ги отвори вратите за вас, штедро раздавајќи го својот дух и своето срце. Борис Петковски ми беше професор, ментор и пријател. Тој знаеше да направи да се чувствувате како дел од неговото семејство. Беше дарежлив но, и бараше многу, како од мене, така и од останатите негови студенти. Често знаеше да ни даде навидум невозможни задачи и ние често се лутевме што минуваме години во навидум непотребни и здодевни истражувања и прибирања на граѓа за нашите трудови. Често им поставуваше стапици и пречки на нашите амбиции и на нашите желби за брз успех и предвремана награда за вложениот труд.
Тоа што тогаш не го разбиравме беше дека, како и секој добар учител, од нас направи добро истренирани, трпеливи и вешти борци како на интелектуалното бојно поле, така и на бојното поле на животот. Знаеше да биде поткрепа и утеха за нашите порази и со нас искрено да ги прослави нашите победи како сопствени. Знаеше во нас да ги пронајде и најскриените дарби и да не упати во вистинска насока. Како сите добри учители, нî водеше низ непрегледните простори на мислата во освојување на нови и таинствени светови, покажувајќи ни го патот по кој треба да одиме. А тоа беше пат на воините на духот. Пат по кој тој самиот минал. Пат кој води до ризниците на духовното богатство.
Оттаму, неговиот живот беше пребогат, а тој знаеше несебично да ги сподели со нас скапоцените камења на своите искуства и на своето знаење. Верувам, дека тој засекогаш ќе остане со нас, затоа што е невозможно таков дух и таква огромна енергија да изчезнат неповратно.
(Верувам, дека и сега, во овој миг, виспрениот дух на Борис Петковски ги фасцинира чуварите на кристалните небесни сфери низ кои минува со својот шарм, својата елоквенција, со својата ерудиција, со своите луцидни шеги и со своите вербални пируети, на својот пат кон вечноста.)