Ако задачата на секој добар предговор се состои во тоа да го привлече потенцијалниот читател кон читањето на одредена книга, во овој случај може да изгледа парадоксална бидејќи не се работи за покана кон читањето на книга туку поскоро на размислувања и сведоштва на некои од многубројните луѓе кои сакаа да ја искористат оваа прилика за да искажат особена почит, со своите сеќавања, на една истакната личност каков што бил професорот Борис Петковски.
Размислувањата, посветите, речениците и спомените испишани на неизбришлив начин во овој Меморијал, испорачуваат една заедничка црвена нишка, која ја карактеризира големата почит и уважување на сите нас кон она што беше, што е и што ќе биде, во нашите спомени, ликот на Борис Петковски, правејќи го да биде секогаш жив и високо актуелен, денес и во иднина.
Не би требало да се смета како нешто избрзано и наметнато ако чувствата кон него, кои извираат спонтано од мојата душа, се јавуваат како последица на присните односи што, додека тој беше жив, го обележуваа нашето, макар краткотрајно пријателство, карактеризирано претежно со чувства на признателност и восхит. Оној што не го знаел Петковски читајки ги записите што му се посветени во овој омаж би можел да добие впечаток дека станува збор за негово помпезно претставување.
Но секој, кој ја имал таа среќа да го запознае, знае дека секој збор, секоја испишана реченица, секој пасус е искрен и присен, дека е чесен и искрен спомен, посветен на незаборавниот професор Борис Петковски… е негова слика…
Обично се пишуваат предговори за книги напишани од колеги или пријатели, со кои си поминал некој студиски пат или некоја заедничка работа. Ова сепак не е мојот случај, и поради старосната и поради генерациската разлика. Меѓутоа, во текот на моето изминато професионално практично искуство што го поминав во Италијанската Амбасада во Скопје, во времетраење од речиси шест години, ја имав среќата да се сретнам, да го запознаам и да соработувам со професорот Борис Петковски, кој во мене остави траен и неизбришлив спомен за неговата личност.
Оттука се раѓа мојата определба за остварување на овој Меморијал, посветен само нему.
Во овој мој предговор нема да се задржувам на опишувањето на Борис Петковски во неговата културна, академска обемност, како академик, научник, критичар и познавач на уметност, бидејќи многумина, подобро од мене, веќе пишувале и ја опишале целокупноста на неговата обемност, а и содржината и записите во ова издание опширно го докажуваат тоа. Заради тоа, во мојата скромност се оградувам да пишувам зошто е овој Меморијал и зошто, на временска дистанца од над пет години, почувствував дека е дојдено време да го остварам и да го исполнам тоа што отсекогаш силно го посакував, уште од првите денови по неговото заминување од овој свет…
Безбројни се моите сеќавања за Борис Петковски. Тој речиси секој ден навраќаше во мојата канцеларија во Амбасадата и, доколку не би се сретнале лично, се слушавме телефонски за да поразговараме за некаков проект…
Со едноставна спонтаност, тој секогаш го посветуваше своето внимание, или даваше свој придонес за некоја културна активност на која работев, покажувајќи се секогаш предан и пресретлив во давањето на својата поддршка, дури и во форма на едноставни, но ефикасни совети, зачувувајќи го секогаш, како централен и витален факт, духот на секоја културна активност.
За него беше од суштествено значење зачувувањето на една ревносна активност во културата и уметноста. Честопати, за да присуствувам на одделните културни иницијативи во кои, на директен или индиректен начин, учествуваше Амбасатата, требаше да се движам по целата територија на Македонија и мошне често тој пристануваше и сакаше да појде со мене.
За време на нашите патувања, по преубавите македонски предели, одејќи од Скопје кон Битола, Струмица, Охрид, минувајќи низ многубројните мали населби што ги среќававме по патот, неговото друштво ми нудеше мошне пријатно уживање, бидејќи тој беше непресушен извор на знаења, пленувајќи ме со своите раскажувања за многуте мигови од неговото суштествување, за многуте епизоди кои, во доброто или лошото, оставиле трага во неговиот живот.
Чувствував дури, понекогаш, дека некои негови разговори ги чуваше само за неколцина, и тоа го разбирав како еден вид привилегија, бидејќи секој кој го познаваше професорот Петковски знае дека тој не му ја отвораше лесно секому, својата душа, исповедувајќи се.
Се родија така меѓу нас длабока почит, уважување и заеднички интереси, какви што тој ги споделуваше, пред моето доаѓање, со мојот колега Силвано Галон, кој ми претходеше во истата улога во Амбасадата и кој, пред мене, толку многу се зазема за да успее Борис Петковски да се здобие повторно со она италијанско државјанство што му следуваше поради неговото древно истарско потекло.
Тој отсекогаш длабоко се чувствувал Италијанец, но времето, условите и случувањата, за наша жал, не му беа поволни и не дозволија да ја доживее среќата да го види остварен тој негов стремеж што го носеше длабоко во себе, имено да го добие посакуваното државјанство, „загубено“ како последица на историските настани од минатиот век кои ја обележаа историјата на народите на овој стар континент.
Сè до крајот на своите последни денови, кога животот веќе полека го напушташе, кога му одев речиси секојдневно во посета, тој, во својот дом и среде љубовта на неговото сакано семејство, ми раскажуваше за многуте културни и уметнички проекти што ги имаше започнато и, макар што животните сили го напуштаа, сакаше да биде секогаш запознат и во тек со културните активности што ги проследував, покажувајќи се сè до крај посветен и ангажиран, небаре сакаше да игнорира дека животот полека го напушташе.
Во деновите пред самиот крај, кога отидов повторно да го посетам заедно со Амбасадорот на Италија Џорџо Марини, тој ја употреби сета своја енергија за да ни искаже, со зборови и гестови, огромна благодарност за големиот доказ на почит и чесност што Италија секогаш човечки му ја искажувала и признавала.
Веднаш по неговото заминување од овој свет ја почувствував потребата да остварам, и со тоа да му оддадам почит, нешто во негов спомен.
Му го ветив на неговото сакано семејство остварувањето на овој Меморијал и ги добив веднаш нивното признание и благодарност. Знам дека ова не е доволно за да се раскаже, да се спомене, да се уважи и осведочи сè што беше професорот Борис Петковски, но убеден сум дека ова е минимумот што сите ние му го должевме.
Во сеќавање на професорот Борис Петковски,
со длабоко уважение, почит, благодарност и пријателство.
Џовани Грило
Превод од италијански: Марија Грација Цветковска