Институт Данте Алигиери, Скопје

 

 9-1

„Во мојот филм- феминистички дневници“

Дејството започнува во годината 1967, кога во нејзиниот дневник Анита ги раскажува тешкотиите на кои наидува една девојка од Милано која тежнее да се еманципи­ра од татковото владеење, додека Алина, Алина Мараци е тригодишно девојченце, кое копнее по својата убава, меланхолич­на и далечна мајка. Дејството продолжува во 1975 година, кога Тереза, млада девојка од Пуља, на својот дневник му ги доверува ужасите при извршениот нелегален абор­тус, а Алина има единаесет години; три го­дини пред тоа ја има изгубено мистериоз­ната мајка, со нежна насмевка и со очи од кои избликнува болка. A кога Валентина во својот дневник го документира искуството на феминистка од Рим, распната меѓу ак­тивизмот и љубовта, тогаш е веќе 1979, а Алина, четиринаесетгодишна, за првпат ја насетува организираната разгневеност на жените, обраќајќи се до извесно советува­лиште на здружението Aied1 за да побара информации во врска со контрацепцијата. Веќе е свесна за страдањето на одамна изгубената мајка, раскажано низ страни­ци и страници од училишна тетратка, кое кулминирало со фаталниот чин на самоу­биство на 33 години, во мигот кога не се чувствувала способна да ја прифати неж­носта, привилегијата, одговорноста кон семејството кое носело многу важно име, носело удобност и љубов од страна на младиот сопруг и на двете мали деца. Од мајчините дневници и од бројните аматер­ски краткометражни филмови снимени од нејзиниот дедо Улрико Хоепли, Алина Мараци го создаде Те сакам барем на еден час (Un’ora sola ti vorrei) прикажан на фести­валот во Локарно во 2002 год., филм кој стана еден од најнаградуваните на разни фестивали.

9-2

Автобиографските писма на Анита, Тереза и Валентина изнајдени, меѓу илијадници дуги, во Архивот на Дневниците во Пиеве Санто Стефано, станаа стожерната нишка за новиот, многу очекуван документарец, кој светската премиера ја имаше на шее­сеттиот фестивал во Локарно. Насловот Ги сакаме и розите е слоган што феминист­ките од 70-тите години го имаат преземе­но од текстилните работнички во Масачу­сетс, кои во 1912 година го извикувале за време на еден протест. (…) „Филмот“- вели авторката, „настана за да документирам, воедно, и за самата себеси, што значело да се биде жена пред само четириесет години, во едно сè уште патријархално, маскилистичко општество подредено на бракот, и колку голема политичка и оп­штествена промена настанала низ бор­бите и цврстината, низ болката и јароста на револуцијата, која тежнееме да ја пот­цениме“ Денес, нејзините протагонистки имаат педесет или шеесет години, а некои дури и повеќе, но нивното знаење за фе­министичката култура не им се пренесе на младите жени, дури и на оние кои се само десетина години помлади од нив. Денес таа култура е веќе оградена во универзи­тетските „родови студии“, додека пак, се изгуби, освен во ретки случаи, нејзината политичка активност, нејзиниот концепт на сестринство. „Денешните девојки не знаат за тоа борбено минато и ним им се чинат природни привилегиите и слобо­дата во кои уживаат. Јас би сакала мојот филм да им укаже колку нивниот живот ќе беше потежок и задушувачки ако толку многу жени во минатото не се бореле и за нив“. (…) Колку изгледаат далечни, изгубе­ни во минатиот век, тие шеесетти и седум­десетти години, кои Алина Мараци ги ре­конструирала единствено со материјалот што од тоа време останал на располагање: интервјуа преземени од документарецот Љубов во Италија на Луиџи Коменчини, или од анкети и телевизиски расправи, од експериментални и анимирани филмови, од активистички кадри и кадри од при­ватниот живот, фоторомани, реклами, го­дини во кои жените, дури и физички толку поинакви од младите денес, откриле дека може да се бунтуваат против законите, против традиционалните и неправедни обичаи и правила и јавно да излезат; да дозволат да бидат прегазени од разбес­нетите агенти затоа што се осмелиле да предизвикуваат, бидејќи младите жени се осмелија да ја предизвикаат нивната мажественост, што значи и нивната моќ (има една сцена во која група на агенти лудачки и крвнички удираат девојка собо­рена на земја, за време на феминистички протест во 1972 год. на плоштадот Кампо деи Фјори во Рим), и да им се спротивста­ват на мажите партнери „бидејќи ако не му дадеш си затуцана“, и да се соочат во осаменост со нелегалниот абортус („игли­те во матката, цевките кои вшмукуваа“). Ја прикажува преубавата млада сицилијанка, која ги оправдува феминистките, но ја прифаќа потчинетоста кон нејзиниот со­пруг, бидејќи тој ñ бил суден, ја прикажу­ва работничката, која сака да земе пилула иако „парохот вели дека тоа е грев, дури и ако имаш пет деца заради кои не можеш да одиш на работа“. Постои самосвест во пеколот на сексуалноста: фригидни жени, осамена мастурбација, судири меѓу ваги­налките и клиторичните, мажи исплашени од незамисливата закана за нивното ерот­ско спокојство. Но, во првата деценија на овој нов век, ни изгледаат толку блиски тие немири, фрустрации, сексуални ужаси, нерешени улоги во светот на двојката, кои времето не успеа да ги отстрани, додека пак започна да се трасира нов круг околу она што тогаш се извојува, а за кое денес постојат обиди одново да се стави под знак прашање, додека станува сè потешко да се излезе од мочуриштето на сегашното не­задоволство лишено од меморија или об­ратно, на радосното потчинување на кое жените се навикнуваат, одново оттуѓени од нивното тело, кое во меѓувреме се пре­твори во пазарна стока. „Овој филм ми се чинеше потребен бидејќи во Италија, патријархалната и католичка култура про­должува да доминира, било како автоцен­зура, било на директен, јавен и политички начин. Жените треба да запомнат дека казната за злосторство против честа беше укината дури во ’81, а дури во ’96 сексуал­ното насилство беше признато како прек­ршок против личноста, а не против мора­лот“.

Наталија Аспези

(Преземено од La Repubblica)

Превод од италијански: Ирина Талевска

1 Италијанска асоцијација за демографска едукација.