Институт Данте Алигиери, Скопје

8-1

Како се станува писател толку млад?

Чудно е што одлучувачкиот момент за да станете писател е токму објавувањето книга. Можеби е парадоксално, но јас ми­натата година додека ја пишував „Осаменоста на примарните броеви“ повеќе се чувствував како писател отколку сега от­како ја објавив истата. Сепак, факт е дека треба да се почека туѓото признание, оти колку повеќе ти се продаваат книгите, толку поцврст ти е статусот на „писател“. Јас лично се согласу­вам со дефиницијата дека има многу автори, но малку писа­тели, а сè на сè не верувам дека постои даден момент во кој почнуваш да се сметаш себеси за писател.

Каков е твојот став во однос на реалноста што те оп­кружува, во однос на општеството воопшто: каков од­нос имаш кон околината?

Едно е да читаш весници за да бидеш во тек со тоа што е актуелно, а сосема друго да ја доближиш таа актуелност до себе, да почувствуваш дека те засега токму тебе. Мојот пат до чувството на припадност на една општа реалност беше долг и бавен. Додека бев адолесцент не чувствував потреба од припадност, не се идентификував со ниедна идеологија, и на некој начин бев дистанциран од сè околу мене: оставив патот сам да се трасира и лека полека почнав да се чувствувам како дел од едно граѓанско општество.

Зошто главните ликови во твојот дебитантски роман „Осаменоста на примарните броеви“ се толку млади?

Пред да го создадам романот, пишував раскази во кои глав­ните ликови беа деца, така што за мене беше сосема нормал­но да изберам два особено млади лика и да зборувам наизме­нично за перипетиите на Аличе и Матија, кои, раскажувајќи си ги животните приказни стасуваат до среќен крај. За мене адолесценцијата претставува долг период на заздравување од детството. За да го напишам романов се нурнав во потра­га по спомени од моето детство, небаре само тој период од мојот живот е значаен. Адолесценцијата на некој начин е зрак светлина во магливото детство, која ни овозможува да сфати­ме низ што всушност сме поминале како деца. 15 ВЕСНИК НА ИНСТИТУТОТ ДАНТЕ АЛИГИЕРИ – СКОПЈЕ

Твојата писателска активност како основа ги има знаењата стекнати на еден угледен курс по креативно пишување, нели?

Точно е дека посетував настава во писателската школа „Хол­ден“ на Алесандро Барико и Леа Јандиорио, но мојот однос со професорите е во основа доста конфликтен, односно тие се за мене ˝краткотрајни˝: кога читам книга што успева да ме заинтригира, почнувам да ги разработувам причините зошто е тоа така, а интересот за книгата го губам во оној момент кога ќе почувствувам дека мојата љубопитност е задоволена. Сакам да ги читам американските писатели како Чак Паланиук кои се стремат кон апсурдното, но секој пат кога ќе седнам да пишувам сфаќам дека не можам да пишувам така, дека не се раководам според работите што ме инспирираат. Морам да го споменам и Мајкл Канингем, уште еден во низата генијалци, чии книги ме придружуваат цел живот.

На ред е прашањето за „Фестивалитература“ во Ман­това, 2008г.: многу писатели, малку дебати. Какво е твоето искуство од таму?

Жал ми е што гледам дека никој не се интересира за тво­рештвото на другиот, што размената на идеи со луѓе кои го негуваат истиот занает како тебе сè повеќе наликува на утопија. Кога почнуваш да се пробиваш нормално е бидеш поекспониран, тоа е впрочем првиот потежок праг што тре­ба да се премине, а потоа сè си доаѓа на место. Но, и покрај тоа што сум убеден во уникатноста и посебноста на сето она што го доживувам, не ми се допаѓа оваа разединетост меѓу писателите која излегува од контрола и не остава простор за размислување.

8-3

8-4

 

Во продолжение објавуваме извадок од наградениот роман „ОСАМЕНОСТА НА ПРИМАРНИТЕ БРОЕВИ“

21

8-2

Примарните броеви се деливи само со бројот 1 и со самите себе. Си стојат на нив­ното место во бесконечната низа на при­родните броеви, натискани во редицата, но сепак еден чекор потаму од останати­те. Нивната осаменост и посебност го фас­цинираше Матија кој понекогаш помислу­ваше дека во таа бесконечна низа вакви­те броеви се нашле по грешка, дека оста­нале заробени како бисери нанижани на ѓердан. На моменти се сомневаше дека мо­жеби сакале да бидат како останатите бро­еви, но од некоја причина тоа им било оне­возможено. Вторава претпоставка му по­минуваше низ глава пред сè навечер како дел од хаосот од разноразни слики кој му претходи на сонот, кога свеста е обессиле­на и неспособна да измислува лаги.

На едно од предавањата во прва година Матија научи дека и меѓу примарните има необични броеви кои математичарите ги нарекуваат примарни близнаци: тоа се па­рови од примарни броеви кои се во непо­средна близина, односно речиси во не­посредна близина бидејќи меѓу нив секо­гаш стои парен број кој не им дозволува да се допрат меѓусебно. Такви се на при­мер паровите 11 и 13, 17 и 19, 41 и 43. До­колку имате трпение да броите поната­му во низата ќе видите дека вакви паро­ви има сè помалку. Од време на реме ќе  налетате на сè поосамени и поизгубени примарни броеви во тој бесшумен, одме­рен простор сочинет единствено од циф­ри. Првото нешто што ќе го почувствува­те е тоа дека паровите кои сте ги сретнале до таму до каде што сте успеале да избро­ите се чиста игра на случајот, дека нивна­та вистинска судбина е да бидат сами. По­тоа, токму кога ќе сакате да се откажете, кога нема да имате повеќе желба да про­должите да броите, повторно ќе налета­те на друг пар близнаци силно прегрнати еден со друг. Помеѓу математичарите по­стои убедувањето дека доколку можете да продолжите со броењето повеќе од сигур­но е дека ќе наидете на други два близна­ци, иако никој не може да тврди каде, сè додека не ги откриете.

Матија мислеше дека тој и Аличе се како два примарни броеви-близнаци: сами и изгубени, блиски но не доволно за да мо­жат да се допрат. Нејзе никогаш не ñ го имаше кажано тоа. Кога си мислеше како би било да ñ ги довери овие работи тен­киот слој од пот на неговите раце сосема испаруваше и десетина минути не беше во состојба да допре никаков предмет.

Еден зимски ден се беше вратил дома от­како го имаше поминато попладнето кај неа, која од своја страна не правеше ниш­то освен што ги менуваше телевизиски­те канали. Матија не им обрна внимание ниту на зборовите ниту на сликите. Десно­то стапало на Аличе, потпрено на масич­ката во салонот, го окупираше целото не­гово видно поле, пенетрирајќи од лево како змиска глава. Аличе ги накривуваше и ги виткаше прстите со хипнотизирачка одмереност. Тоа континуирано движење поттикна нешто силно и вознемирувачко во неговиот стомак, та тој се присили да го фиксира погледот во истата точка што е можно подолго, за ништо живо да не се промени во сликата.

Кога се врати дома зема неколку бели ли­стови од една тетратка со спирали, довол­но дебели за пенкалото да поминува по нив нежно, не гребејќи ја притоа груба­та површина на масата. Со дланките ги из­рамни краевите на листовите, прво гор­ните, па долните а потоа и страничните. Го зеде пенкалото со најмногу мастило од оние на масата, му го извади капачето кое  потоа го навлече на самото пенкало за да не го загуби. Потоа почна да пишува од са­мата средина на листот без да ги изброи квадратчињата.

2760889966649. Го врати капачето на него­вото првобитно место и го положи пенка­лото покрај листот. Го прочита на глас тоа што го запиша: две илјади седумстотини шеесет милијарди, осумстотини деведесет и девет милиони, деветстотини шеесет и шест илјади, шестотини четириесет и де­вет. Го повтори уште еднаш, тивко, како да сакаше да ја совлада таа брзозборка. Од­лучи дека токму тој ќе биде неговиот број. Беше убеден дека никој, ама баш никој во целокупното постоење на светот нема размислувано за тој број. Најверојатно, до тој момент никој го немал ни напишано бројот на лист а камоли да го имал изгово­рено на глас.

Се колебаше за миг, а потоа два реда подо­лу на листот запиша: 2760889966651. Овој е нејзиниот број, си помисли. Во неговата глава бројките ја имаа попримено модро сината боја на стапалото на Аличе, испре­сечено од синиот сјај од телевизорот.

Можеби двајцата се како примарни броеви-близнаци, си помисли Матија. Ако се…

Се сепна од самата помисла и почна да ги бара делителите на двата броја. Со бројот 3 беше лесно: доволно беше да го најде збирот на сите поединечни бројки и да види дали резултатот е содржител на 3. Бројот 5 не доаѓаше предвид. За бројот 7 можеби и постоеше некое правило, но Матија го имаше заборавено па затоа поч­на да ги дели броевите на децимали. Поч­на со броеви како 11 и 13 и продолжи со сè посложени калкулации. Додека се оби­дуваше да го подели бројот 37 уморот поч­на полека да го совладува а пенкалото му се слизна врз страницата. Откако стаса до бројот 47 реши да престане. Немирот што го имаше обземено додека беше кај Али­че се раслои и се раствори во неговите му­скули како воздушните мириси, така што тој повеќе не беше во состојба да го насе­ти. Во собата тој беше сам со еден куп не­средени листови, испишани со бескорис­ни делења. Часовникот означуваше 3:15 по полноќ.

Матија го зеде во рака првиот од купот ли­стови со двата на среде напишани броја и се почувствува како идиот. Го искина на половина, а потоа го докина остатокот така што краевите на листот станаа остри како сечило кое минува под ноктот на до­малиот лев прст.

Во текот на четригодишното студирање математиката го воведе во најмрачните и најневеројатните ќошиња на човековиот разум. Матија ги испишуваше одново до­казите на сите теореми на кои ќе наиде­ше со неверојатна посветеност. Дури и во летните попладниња не ги креваше ролет­ните туку работеше на вештачка светлина. Од работната маса ги отстрануваше сите предмети кои би можеле да му го одвле­чат вниманието и остануваше фокусиран единствено на листот пред неговите очи. Пишуваше неумоливо, без да престане. Кога му се случуваше да се задржи пре­долго на одреден пасус или пак да впише погрешен резултат по знакот за еднакво, го фрлаше листот на земја и почнуваше од почеток. На крајот од секоја страница ис­полнета со симболи, букви и бројки ја впи­шуваше фразата quod erat demonstrandum* и за миг му се чинеше дека успеал да дове­де во ред едно мало делче од светот. Тогаш се навалуваше на наслонот на столицата и ги вкрстуваше рацете не дозволувајќи да се допрат една со друга.

Полека го губеше контактот со страница­та. Симболите кои до пред малку се дви­жеа во ритамот на неговиот зглоб сега му се чинеа далечни, затворени во некое ме­сто во кое тој немаше пристап. Негова­та глава, потоната во мракот од неговата соба повторно почнуваше да се исполну­ва со мрачни, тензични мисли. Во таквите ситуации Матија честопати земаше некоја книга, ја отвораше на било која страница и продолжуваше да учи.

Сложената анализа, проективната геометрија и повеќелинеарните функции се само дел од предметите кои не успеаја да го оддалечат од неговата прва љубов: броевите. Матија сакаше броење, почну­ваше од 1 и продолжуваше да брои спо­ред некои сложени прогресии кои не рет­ко ги смислуваше во моментот. Бројките го заведуваа и му се чинеше дека ги запозна­ва, една по една. Токму затоа, кога дојде моментот да бира тема за дипломска ра­бота без размислување се упати кон каби­нетот на професорот Николи, професор по нумеричко сметање, кај кој немаше по­лагано ниту еден испит, единствено му го знаеше името.

Кабинетот на Франческо Николи се наоѓаше на третиот кат од зградата од де­ветнаесеттиот век во која беше сместена Катедрата по Математика. Беше тоа мала, уредна, безмирисна соба во знакот на бе­лата боја: ѕидовите, полиците, пластичната работна маса сосе масивниот компјутер на неа, сè беше бело. Матија затропа на вра­тата но одвнатре Николи не можеше да биде сигурен дали некој тропа на неговата или на вратата од соседниот кабинет. Из­усти едно „напред”, за да не излезе некул­турен.

Матија ја отвори вратата и зачекори во канцеларијата.

-Добар ден, рече.

-Добар ден, одврати Николи.

Погледот на Матија се задржа на една фотографија од професорот, закачена на ѕидот позади него, на која беше прикажан тој, релативно помлад, без брада, како држи сребрена картичка во едната рака, додека со другата се ракува со некој од елитните кругови, за него непознат.

Матија ги напрегна очите со цел да го про­чита натписот на картичката, но во тоа не успеа.

-Па? – го прекина Николи, гледајќи го така намрштен.

-Би сакал да правам дипломска рабо­та за нулите кај нултата функција на Ри­ман.- рече Матија, насочувајќи го погле­дот кон десното рамо на професорот на кое имаше еден слој од првут налик мало ѕвездено небо.

Николи направи гримаса што личеше на иронична насмевка.

-Извинете, а Вие кој сте? – запраша, не криејќи ја притоа иронијата, и ги стави дланките на тилот како да сакаше да се по­забавува.

-Се викам Матија Балосино. Ги положив сите испити и би сакал да дипломирам до крајот на годинава.

-Го носите ли со Вас индексот?

Матија кимна со главата. Го симна ранецот  од грбот, седна на земја и почна да прету­ра низ него. Николи ја подаде едната рака за да го поземе индексот, но Матија прет­почиташе да го положи на работ на работ­ната маса.

Веќе неколку месеци професорот беше принуден да ги оддалечува предметите од себе за да може подобро да ги види. Претрча со погледот низ низата од чисти де­сетки. Ниту еден пропуст, ниту еден пад­нат испит, ништо, за сметка на што можеби некоја љубовна врска пропаднала.

Го затвори индексот и внимателно го по­гледна Матија. Беше облечен некако без­лично, и имаше став на некој што не знае како да го носи сопственото тело. Профе­сорот си помисли дека најверојатно се ра­боти за уште еден од случаите: успешен студент, а вистински неуспех од човек. Таквите, си промрмори за себе, откако ќе го изодат добро истрасираниот факултет­ски пат, се покажуваат како вистински без­вредници.

-Не очекувате, се надевам, јас да ви пред­ложам тема? – го праша, зборувајќи поле­ка.

Матија ги крена рамениците. Неговите црни очи шетаа лево-десно, следејќи го работ на работната маса.

-Мене ме интересираат примарните брое­ви. Сакам да пишувам за нултата функција на Риман.-одговори.

Николи воздивна. Потоа стана и зачекори кон белиот шкаф. Воздивнуваше во ритам додека преминуваше со показалецот по насловите на книгите. Зеде некои листови кои беа исчукани на машина за пишување и издупчени во едниот ќош.

-Добро, добро- рече, подавајќи му ги ли­стовите на Матија.- Можете да дојдете по­вторно кога ќе ги имате направено одново пресметките од ова поглавје. Сите.

Матија го зеде пликот и без да го прочи­та насловот одозгора, го бутна во ранецот кој во меѓувреме го имаше потпрено она­ка отворен и свиснат на едната нога. Про­пелтечи едно „благодарам” и излезе од канцеларијата затворајќи ја вратата зад себе.

Николи повторно седна на своето место и помисли како за време на вечерата ќе ñ се пожали на жена си за овој нов, неочекуван развој на настаните.

Превод од италијански: Б. Мојсовска