Институт Данте Алигиери, Скопје

Приредила Борјана Мојсовска

Млад дебитант победи на 62-то издание на наградата Стре­га 2008, уривајќи ја притоа традицијата според која награ­дата ја добиваат само големите и афирмирани имиња на италијанската проза. Паоло Џордано е протагонистот на ве­черта, која како и секоја година се одржа во Храмот на ним­фите во Вила Џулија, во Рим. На писателот му беше доделено книжевното признание за книгата „Осаменоста на примарни­те броеви” која освои 163 бодови, по вообичаените гласачки процедури предводени од писателот Николо Аманити, ми­натогодишниот добитник на наградата со романот „Како што сака Господ” и новиот раководител на фондацијата Белончи – Тулио Де Мауро. Џордано со својот дебитантски роман, кој ја раскажува приказната на двајца млади принудени на осаме­ност, ги победи следниве четворица кандидати: Ермано Реа со „Железница Неапол”– 118 бодови, Кристина Коменчини со „Замислата за доброто”- 43 поени, Диего де Силва со „Не сфатив ама баш ништо” – 22 поени и Лидија Равера со „Зимски кокетирања” – 20. Џордано беше избран и од младото жири кое е дел од овогодинашниот новитет: Маѓепсана година– про­ект кој има за цел да ја промовира современата италијанска проза кај младите читатели, а во кој беа вклучени шеснаесет средни училишта од Рим.

 

НАГРАДАТА СТРЕГА

Основана e во 1947, во куќата Белончи, од страна на Марија Белончи и Гвидо Алберти. Наградата се доделува на прозно дело од италијански автор, објавено помеѓу 1 мај од изми­натата и 30 април тековната година. Избирачи на наградата се т.н. Пријатели на Неделата, избирачко тело составено од 400 личности кои на различен начин се дел од италијанската култура.За да влезе во конкуренција книгата треба да е пред­ложена од двајца „пријатели“, а понатаму изборот се одвива во две последователни гласања: првото во куќата Белончи, во месец јуни; второто на почетокот на јули во Храмот на нимфи­те во Вила Џулија, во Рим.

Наградата Стрега за прв пат беше воведена на 16 февруари 1947 г. со 14 наслови во конкуренција. Првиот добитник на истата беше Енио Флајано со романот ”Време за убивање”. От­тогаш па наваму редовно се доделува во периодот по II свет­ска војна до денес, со учество на сите поголеми италијански автори на 20 век, како Алберто Моравија, Умберто Еко, Елза Моранте, Чезаре Павезе, Карло Емилио Гада, Дино Буцати итн.