Институт Данте Алигиери, Скопје

Уште една вечер организирана од Институтот „Дан­те Алигиери”, беше вечерта посветена на Џорџо де Кирико. На 11 декември 2008 г., во 18 часот, салата на Филолошкиот факултет беше преполна со луѓе во исчекување на почетокот на предавањето на професорот Влада Урошевиќ.

6-1

Темата, како што веќе рековме, беше генијалниот Џорџо де Кирико, основач на метафизичкото сликарство и неоспорен протагонист на меѓународната ликовна сцена на 20 век. Мајка му потекнува од Џенова, татко му е сицилијанец, а де Кирико се раѓа во Волос, Грција и ова место ќе биде многу значајно за неговото оформување како ликовен уметник. Треба да се каже дека растел со поглед кон планината каде што се гра­дела железницата, на која, меѓу другите, работел и неговиот татко како инженер. Железницата подоцна ќе ја видиме при­сутна во многу негови дела.

Де Кирико започнува со изучување на сликарството во По­литехничкото училиште во Атина, и околу 1909 година поч­нува да ја оформува поетиката на метафизиката: уметност способна да владее со емоциите и да го трансформира пот­свесното. Во 1911 година оди во Париз, каде што ги запо­знава најзначајните уметници од тој период и почнува да слика со посигурен стил. Претрпува влијание од Гоген и от­таму ја презема идејата за неговите први претставувања на италијанските плоштади. Неговите најдобри дела датираат токму од овој период, помеѓу 1909 и 1919 година, и делата од овој период се паметат според поставеноста и односите ево­цирани од јасни слики.

6-2

Начинот на кој тој го претставува плоштадот е единствен. Има некои елементи кои се неизбежни во делата на маестрото од Волос, а тие се: статуа на плоштадот, минувачи, храм, желез­ница која едвај се гледа далеку во планината.

Во неговото дело Statues, meubles et généraux самиот Де Кири­ко говори за овој негов начин на претставување на предме­тите: „И досега, повеќепати е забележан необичниот изглед кој успеваат да го добијат креветите, шкафовите, огледалата, троседите, масите, кога ненадејно ќе ги најдеме на улица, во амбиент во кој не сме навикнати да ги гледаме: на пример при селидба, или пак во одделни квартови каде што тргов­ците и препродавачите ги изложуваат предметите на нивна­та трговија надвор, пред вратата, или на пешачкиот премин. Сиот овој мебел ни се појавува под едно ново светло, поста­вен во една чудна осаменост. Некаква длабока интимност се раѓа меѓу овие предмети, и може да се каже дека еден вид мистериозна среќа лази во овој простор на пешачкиот премин, среде раздвижениот дел од градот и постојаното поминување на луѓето. Огромна и чудна среќа се ослободува во овој благословен и мистериозен остров против кого за­

лудно би се разбеснеле огромните бранови на океанот во невреме. Мебелот, изземен од атмосферата која царува во нашите куќи и изложен на отворено, во нас предизвикува чувства поради кои и улицата ја гледаме во една нова свет­лина. И мебелот оставен во напуштена природа може видно да нè импресионира. Да замислиме една фотелја, кауч, не­колку столчиња собрани на една рамнина во Грција, напуш­тена и препокриена со урнатини, или пак во некое безиме­но поле во далечната Америка. Како резултат на контрастот, дури и природниот амбиент наоколу добива сосема непо­знат изглед.”

6-3

Во 1917 година Де Кирико го запознава футуристичкиот сли­кар Карло Кара со кого го започнува патот кон усовршување на принципите на метафизичкото сликарство. Делата оства­рени во овој период се карактеризираат со повторување на есенцијалните градби, кои ги гледаме во нереалистични перспективи, нурнати во чудесен и мистериозен амбиент, и со отсуство на човечки фигури. Во овој период се јавува и археолошката тема, омаж на одново оживеаната класичност, но на еден вознемирувачки начин. Пример е делото“Хектор и Андромаха”.

Има уште толку многу нешта што можат да се кажат за овој голем уметник, но за жал просторот тоа не го дозво­лува. Де Кирико останува запаметен како еден од ретките Италијанци кому му е признаено централно место во цело­купната историја на уметноста на 20 век.

Андријана Огњановска