Институтот „Данте Алигиери“ – Скопје од октомври 2008 година започна со оганизирање на курсеви по италијански јазик. Курсевите се одвиваат во библиотеката „Браќа Миладиновци”, каде што Институтот има свои простории. Просторот нуди прекрасен амбиент благодарение на библиотеката богата со италијанска литература, речници, енциклопедии, дидактички материјали, аудио и визуелни материјали.
Секој курсист, со запишувањето на курсот, станува член на библиотеката, со што освен со италијанскиот јазик, има директен контакт и со италијанската култура и традиција.
Институтот „Данте Алигиери” нуди курсеви за сите степени и возрасти, како и можност за тестирање и утврдување на нивото на заинтересираните слушатели кои имаат претходно познавање на јазикот.
Наставата се одвива во попладневните и вечерните часови. Групите се мали, најчесто составени од најмногу шест слушатели. Наставата се одвива интерактивно, а освен програмските книги се користат и многу дополнителни материјали, како книжевни текстови, статии од весници, аудио и видео материјали. Целта на професорите е да се излезе од шемите на традиционалната настава каде што професорот е тој што
дава готови знаења. Методите на предавање во Институтот се такви што самите ученици, низ разни дидактички игри и дијалози, доаѓаат до граматичките правила и на тој начин многу полесно и побрзо го совладуваат јазикот.
Наставата се одвива два пати неделно, а часовите се со времетраење од час и половина. Секој степен опфаќа 60 часа, а по завршувањето на истите предвидено е полагање на завршен испит (писмен и устен), по што курсистот добива сертификат за завршениот степен. Курсистите со најдобри резултати имаат можност и за добивање на едномесечна стипендија, која можат да ја искористат во кое било од седиштата на „Данте Алигиери” во Италија. Годинава најдобар успех покажа 15- годишниот Марјан Атанасовски кој го заврши нивото А2. Еве што мисли тој за курсевите во Институтот:
Марјан: Пред сé, се одлучив да посетувам курс по италијански јазик токму овде, бидејќи Институтот е дел од познатото училиште за италијански јазик ˝Данте Алигиери˝ со седиште во Рим. Часовите, како и целиот курс воопшто се од една страна едукативни, но од друга страна пак, и доста интересни и забавни. Со посетувањето на овој курс, навистина може многу да се научи. Ова училиште ни нуди многу можности за продлабочување на нашата љубов кон прекрасниот италијански јазик и култура, на пример преку членските картички со кои можеме да ја користиме целата литература и сите филмови во библиотеката.
Драгана: Италијанскиот, како еден доста распространет јазик, буди голем интерес, пред сé кај младите.Токму затоа има и голем избор на училишта и курсеви. По долго барање, бев упатена во Институтот ˝Данте Алигиери˝. Ми одговараа термините и оддалеченоста, но бев и пријатно изненадена од можностите што овој Институт ги нуди: мали групи на слушатели што овозможува подобро учење и совладување на јазикот, добра опременост на училницата, интерактивен метод на изведување на наставата низ разни игри и презентации поврзани со италијанската култура. Но најважно од сé е големата дружељубивост и големото разбирање на професорката. Како и да е, ова е најдобриот избор на училиште и курс што можев да го направам.
Бобан: Институтот располага со разни нагледни средства како: компјутер, ДВД плеер, ЦД плеер, телевизор, проектор. Оваа библиотека има голем број книги од различни жанрови, како и голем број на италијански филмови, што обично тешко се наоѓаат.
Институтот, исто така, активно ги вклучува своите курсисти и во активностите поврзани со Неделата на италијанскиот јазик и култура, Неделата на италијанскиот филм, разни изложби, предавања и сл. Еве што мисли за тоа Тамара, една од курсистките:
Тамара: Ми се допаѓа многу тоа што сме добро инфирмирани за сите настани и активности поврзани со италијанскиот јазик и култура во Скопје. Оваа година ја проследивме Неделата на италијанскиот јазик, каде што гледавме прекрасна претстава режирана од страна на еден Италијанец, студент по режија. Исто така, за време на фестивалот ˝ Прозорец кон италијанскиот филм˝ , бевме во Кинотеката на Република Македонија, каде што имавме можност да видиме еден од најубавите филмови на режисерот Ферзан Оцпетек- ˝Свето срце˝. Мислам дека ова е многу важно за сите оние кои го изучуваат италијанскиот јазик и кои сакаат да си ги подобрат своите лингвистички вештини, но и да ги продлабочат своите познавања за италијанската култура.
Елена Величковска