За институтот
Институтот Данте Алигиери во Скопје, еден од комитетите на Друштвото Данте Алигиери во Рим, е формиран на 24 март 1999 година од група основачи, со цел да се промовира италијанскиот јазик и култура во Македонија. Првиот претседател во периодот од 1999 до 2008 година беше писателот Борис Вишински, потоа 8 години со Институтот раководеше проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, професор по италијанска книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје а од 11.04.2017 год. актуелен претседател на Институтот е проф. д-р Ладислав Цветковски од Факултет за ликовни уметности при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј’ во Скопје.
Членовите на Институтот се, пред сè, студенти по италијански јазик, наставници, преведувачи, универзитетски професори и вљубеници во италијанскиот јазик и култура. Од летото 2011 година седиштето на Институтот се наоѓа во Македонско-италијанскиот мултимедијален центар при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Институтот располага со библиотека од 2500 италијански книги, како и со речници, енциклопедии и различни дидактички материјали.