Институт Данте Алигиери, Скопје

Во недостиг на сонце и море во овие студени зимски месеци ве носиме за момент на место кое зрачи со својата топлина, уникатност и неповторливост. Секоја копија би била бледа на ваков оригинал на природата. Местото, за кое дури и самите Италијанци мечтаат, едноставно освојува на прв поглед. Се работи за петте мали селца познати под името Cinque terre сместени на самиот брег на Лигурското море.  Можност да запознаете една друга Италија, места во кои се чувствува духот на традицијата, места во кои како времето да застанало и се се одвива спокојно и хармонично. Далеку од френетичниот стил и ненадминливата италијанска ренесанса со која освојуваат некои италијански градови, во петте краишта Риомаџоре, Манарола, Корниља, Вернаца и Монтеросо ја губите свеста, се препуштате целосно на моментот и се полните со емоции. Колоритноста на малите крајбрежни куќички, нивната планинска местоположба, едноставните италијански „тратории“ покрај море, ве носат во една друга стварност, дотогаш сигурно непосетена. Заштитени од УНЕСКО како наследство на природата, овие магични места во Лигурија се туристичка мета веќе години наназад. Туристи од речиси целиот свет уживаат во амбиентот кој го овозможуваат овие селца. За посета на овој земјен рај, во случај да не располагате со автомобил, тука е возот од Џенова или од Ла Специја со кого комотно за помалку од час ќе стигнете до посакуваната дестинација. Cinque terre се одлично поврзани со возна линија и се достапни за сите. Патувањето со воз од едно до друго селце трае помалку и од пет минути, со цел вашето задоволство да не биде скратено на подолго време. Со оглед на својата местоположба овие места се познати по кулинарските специјалитети и по богатата морска храна. Освен по виното кое се произведува во огромни количества, овие места се познати и по маслинките, грозјето и традиционалниот италијански сос карактеристичен за овој регион – песто. Таканаречената „фокача“, вид погача, е особеност во поглед на пекарските вештини. Од вината би можеле да се издвојат „Чинкве Тере“ и „Шакетра“, додека, пак, други алкохолни пијалаци кои се типични за Лигурија се секако „лимончелото“, сладок ликер со вкус на лимон и популарната „грапа“ (ракија). Списокот со локални специјалитети е доста долг но ова се доволно фактори кои треба да ве предизвикаат за да ги спакувате куферите и да се упатите во Лигурија. Почувствувајте го шармот кои го поседуваат овие морски делови во кои уживањето е загарантирано. Секоја глетка е вредна милион описи. 

Дарио Тодоровски