Институт Данте Алигиери, Скопје

10-1Јасно е дека вулканската енергија на Маринети, а не помалку и неговата финансиска моќ, го создадоа ова движење. Маринети објавувал на сопствен трошок, без проблем патува секаде каде што било потребно, (дури и до Русија), изнајмувал со свои средства галерии за да организира футуристички изложби или пак цели театри за футуристичките претстави. Денес веројатно би бил сметан за одличен менаџер во културата. Во Париз го нарекувале “кофеин за европската култура”, сметајќи го за човек кој секогаш донесувал нови, свежи и возбудливи идеи.

Филипо Томазо Маринети е роден во Александрија (Египет), каде што татко му работел како успешен и ценет адвокат. Младоста ја поминал во Париз, каде што стапил во контакт со постсимболистичките идеи и со протагонистите на модерната литература и уметност. Почнал да пишува најпрвин на француски јазик, а дури потоа, кога преминал во Италија, и на италијански. Иако во основачкиот манифест на футуризмот отворено се искажал како женомрзец, гласноговорникот на движењето подоцна бил долги години среќно оженет за Бенедета Капа Маринети, и самата писателка и сликарка, која му станала животна придружничка и го следела во неговите возбудливи футуристички авантури.

Како клучна фигура на движењето, Маринети бил мецена, импресарио, организатор и медијатор на културни настани, одгледувач на таленти, интимен пријател со некои од футуристите, близок другар со сите. Неговиот стан, особено неговиот салон на улицата “Сенат” бр.2 во Милано не бил само место за средби и разговори, туку и вистински расадник на идеи, поттици, проекти и иницијативи. Екстравагантен и ексцентричен, Маринети секако ќе остане запаметен по оваа своја актива, а многу помалку по високите дострели во конкретните книжевни остварувања. Всушност, се смета дека во литературата Маринети и не е толку радикален и деструктивен како во манифестите. Неговите први дела, напишани на француски, сe уште се во духот на поетиката на постсимболизмот. Заслужува како најтипичен да се спомене романот Футуристот Мафарка, кој би требало да биде неговиот книжевен пандан на манифестите, кој е напишан речиси истовремено со основачкиот манифест, меѓу 1909 и 1910 година. Романот е полн со експлозивност, хероизам и сензуалност, иако е пишуван сe уште под силно влијание на постсимболистичката литература и декадентизмот на Данунцио. Сепак, во него авторот искажува отворен бунт против конформизмот, така што завршил дури и на суд, обвинет заради преголема доза на еротизам и на ласцивност.

Маринети бил казнет така што за извесен период бил суспендиран од воената служба, што веројатно длабоко го погодило, познавајќи ја неговата опсесивна фасцинација со војната. Од војната е инспирирано неговото можеби најпознато и најкарактеристично дело во духот на поетиката на футуризмот, со индикативен наслов Ѕанг тумб тумб. Војната во ова дело не е само инспирација, туку непосреден соучесник, кој му помага на авторот да ја искаже поетиката на паролиберизмот, т.е. концептот на “зборови пуштени на слобода”. Маринети го напишал за време на неговото непосредно учество во Балканските војни, додека се наоѓал на бугарско-турскиот фронт. И додека слушал како татнат и пукаат топовите во битката кај реката Марица и градот Едрене, тој оваа заглушувачка битка ја претставил како впечатлива музичка синфонија, изведена од еден голем и моќен синфониски оркестар.

Преку целокупната своја креативна и организациска дејност Маринети покажал дека храбро и бескомпромисно го гледал настапувањето на новото време во културата и во општеството, успевајќи во еден период да покрене цела една машинерија во функција на револуционерно промовирање на човековиот поглед кон иднината и придобивките на модерното доба.

Анастасија Ѓурчинова