Институт Данте Алигиери, Скопје

Соња Стојменска-Елзесер

Еден вообичаен збор од речникот на рускиот јазик, преку дејноста на руските авангардисти, и посебно, на руските футуристи, станува значаен книжевно-теоретски поим, зад кој се крие длабока, се уште провокативна и недоволно спознаена размисла за уметноста на пишаниот збор, па и за уметноста во целина. ЗАУМ означува нешто што е „надвор од умот“, од рационалното, нешто што е бесмислено. Во речникот на рускиот јазик се укажува дека овој поим се користи да искаже нешто неразбирливо, нејасно. Примери за негова употреба се:

„заумен јазик“, „заумни теории“ и сл. Заумниот јазик во мислата за литературата се поврзува директно со футуристичкиот книжевен израз, но факт е дека тој постоел и постои и надвор од тие рамки – заумноста е стара колку и самиот јазик. Како таква прастара појава заумноста природно му е својствена најмногу на фолклорот. Таа го карактеризира јазикот на ритуалите, на магиските обреди, на комуникацијата со нечистите сили, со се она што е туѓо, „оноземско“, рационално недофатливо. Интересно е што заумот е својствен и за обраќањето кон странците (кон оние што не се вклопуваат во востановениот комуникациски код), и уште попоттикнувачко за размисла, за комуникација со децата кои се се уште на некој предјазичен стадиум.

11-1

11-2

Заумот претпоставува слободно користење на јазичните форми, изобличени и нејасни, организирани во ритмизирани и интонирани низи, и најчесто римувани. Смислата на неговата употреба е некаде зад рационалното ниво на комуникација – тој е спроводник на некоја виша или подлабока комуникација (како, на пример, во молитвата кон Бога). Неговиот креативен потенцијал го насетиле и доследно го трансформирале во уметност претставниците на речиси сите авнгардни европски струења во почетокот н дваесеттиот век. Сепак, кај руските футуристи тој станува нивна опсесија, мотивација за творење, своевидна поетска МУЗА. Тие се студиозно посветени на инкорпорирањето на заумот во поезијата. Првите заумни стихови се појавуваат во ракописната книга на А. Кручоних Помада, објавена во март 1913 година со илустрација на насловната страна од Михаил Ларионов (прилог фотографија 1). За ова сведочи искажувањето на самиот Кручоних во неговата подоцнежна книга Фонетика на театарот (1923) во која напишал: „За време на никнување на заумниот јазик како појава (не како јазик со споредно значење), на кој се пишуваат целосни дела… треба да се смета декември 1912 година, кога го напишав она мое сега општопознато – дир, бул, шчил, / убешчур / скум / ви со бу / р л ез ( прилог – манифестот Зборот како таков). Во истата година со критички оглед за заумот јавно настапил и Виктор Шкловски. Статијата под наслов „За поезијата и заумниот јазик“ ја публикувал неколку години подоцна, во 1916.

Продорот на заумот во поезијата е толкуван од безброј аспекти. Интересен е, на пример, социолошкиот третман на овој феномен, кој многу добро може да се илустрира со изреката на Зинаида Н Хипиус дека „дир бул шчил – тоа е токму она што и се случуваше на Русија“.

(Мейлах М. Обэриуты и заумь // Заумный футуризм и дадаизм в русской культуре /материјали од меѓународен симпозиум/, Берн, 1991: 374). Игор Терентјев, пак, пријател и современик на Кручоних, во 1924 година на истата тема напишал: „Дир бул шчил – тоа е загатка, задача, која до пред десетина години не беше разбирлива, но сега веќе не е тешко, токму според звукот, да се досетите дека тоа е процеп во иднината“. (Терентьев И. Собрание сочинений. Bologna, 1988: 288). Заумот е насочен кон минатото и кон иднината истовремено, односно кон безвременоста, кон вселенската релативност.

11-3

Алексеј Кручоних има свое поимање на заумот –за него заумот е јазикот што тој самиот го создава во својот животен опит. Според него основата на заумот е примитивното и инфантилното. Детството е токму онаа животна доба во која фолклорните наслојки на културата наједноставно и најприродно влегуваат во светогледот на детето кое еден ден ќе стане творец. Преку детското играње со јазикот се постигнува еден вид апсолутна лиричност, која во себе обединува и остри, сурови звуци, но и нежни, приспивни, топли, смирувачки тонови. Во таа смисла поетскиот третман на нежноста во заумот е посебна тема за разговор, која предизвикува многу нови распрашувања и домислувања. Поезијата на футуристките, како на пример, поезијата на прерано починатата Елена Гуро (умрела во 1913 година), може да биде убава основа за развивање на анализата на емотивната обоеност на заумноста.

Вселенскиот карактер на јазичниот експеримент најмногу се огледа во проектот на Велимир (псевдоним наместо роденото име Виктор) Хлебников за „ѕвезден јазик“. „Футуристичкиот крал“ не случајно си обезбеди и една вистинска ѕвезда за себе – во 1977 астрономот Николај Степанович Черник ја нарекол новооткриената мала планета (астероид) под број 3112 со името на поетот – Велимир, токму во негова чест. Во проектот за ѕвезден јазик, заумниот јазик е само една од педесетината јазични варијации, а проучувачот на делото на Хлебников, В. П. Григорјев (Григорьев В. П. Грамматика идиостиля: В. Хлебников. М., 1983: 83) истакнува:

„Проктот ѕвезден јазик е уникатен… Тоа е јазик наменет за сите живи суштества, повикан да ги замени сите постоечки јазици…“. Хлебников во своето творештво како варијација на заум развива и категорија „јазик на птиците“ и „јазик на боговите“, што можеби ја рефлектира и неговата опсесија со светот на птиците (неговиот татко го проучувал животот на птиците и тој уште од раното детство бил длабоко поврзан со нив). И не само што гласот на птиците може да се наслушне во неговата поезија, туку птиците се присутни и во неговите цртежи и други обиди за визуелно изразување (прилог, цртежи од Хлебников). Шкловски, пак, во духот на таа „вселенска“ сепродорност на заумот, во своите подоцнежни навраќања на футуристичката авантура, шпекулира: „Дали некогаш ќе се пишуваат на заумен јазик вистински уметнички дела и дали тој некогаш ќе стане посебен, од сите признаен вид на литература? Кој би можел да знае. Тогаш тоа би било продолжување на диференцијацијата на уметноста (…) Религиозната екстаза веќе претскажуваше појава на нови форми. Историјата на книжевноста се состои од тоа што поетите ги канонизираат и во неа ги воведуваат тие нови форми, кои уште одамна му припаѓале на општото поетско јазично мислење“ (Шкловский В. Гамбургский счет. М., 1990 :58).

Како поезијата напишана на заумен јазик го пробива патот до читателот? Хлебников во врска со ова прашање има забележано дека „тајната на раѓањето на заумниот збор е исто толку непозната за авторот, колку и за читателот“. Сепак, може да се заклучи дека главно постојат два начина на комуникација со дела од ваков тип. Првиот означува линеарно дешифрирање на знаците кодирани во енигматичниот текст, било звуковни или визуелни, при што во текстот се вчитуваат сите претходни познавања што можат да послужат за ориентација. Вториот, пак, начин, подразбира едноставно впуштање во читателската авантура и уживање во звуковната дразба што тој ја предизвикува. Заумната поезија е поезија што дразни, провоцира, се наметнува и повеќе се восприема со сетилата, отколку со разумот – таа крешти, допира, гали или наежува, боли, растревожува… И едниот и другиот пат на восприемање се еднакво прифатливи. Сепак, дешифрирањето на заумната загатка нуди безброј решенија, од кои ниедно не мора да е точно, односно, сите можни решенија се подеднакво добри и валидни. Начинот на комуникација со заумната поезија покажува дека таа не е сосема бесмислена – треба само да се пронајде некоја комбинаторика, некоја матрица, некоја дополнителна организација која ќе не доближи до некакво одгатнување на загатката. Многу често футуристите си поставувале однапред формални правила кои морале да ги следат во креирањето на песната. На пример, најинтересниот тип на поигрување со јазикот, фаталниот палиндром, честопати бил провокација да се напише песна – која, за жал или за среќа, е непреводлива (прилог, палиндромска песна од Хлебников онака како што е напишана, бидејќи е речиси непреводлива). Хлебников знае, на пример, да си постави за задача во четиристишието да се повторат пет пати консонантите к, п, р што му овозможило да постигне необична заумност. Многу честа е појавата на песни кои звуковно имитираат некој странски неразбирлив јазик, или доловуваат некои егзотични изрази, било од некои помалку познати јазици, било од старословенскиот јазик.

Златните години на рускиот футуризам, а со тоа и доминацијата на заумот во руската поезија завршуваат некаде кон крајот на четвртата деценија од дваесеттиот век. Сепак, исто како што и пред појавата на футуризмот во руската поезија се провлекуваше заумност (на пример, кај поети како што се Сумароков, Державин, Тјутчев, Третјаковски, Ломоносов), исто така заумот, поизразено или подзадскриено се појавува и кај руските поети од втората половина на дваесеттиот век. Традицијата на футуристите и на заумноста продолжува да ги вознемирува духовите, како на самите поети, така и на проучувачите на литературата. Еден од најпознатите руски лингвисти – Евгениј Поливанов уште во 1930 година ја напишал статијата „Општиот фонетски принцип на сите поетски техники“ (која била објавена дури 1963 година, цели триесет години по неговата смрт) во која сублимирал една оперативна дефиниција на заумот: „Заумот како принцип или како посебен (самостоен) подвид на поетски дела, постои и ги има сите права на постоење како најчист и најпоетичен… вид на поезија: во заумот (во крајна инстанца и во оној идеален тип на заум – без никакво значење на зборовите) сета творечка енергија на авторот и сето внимание на реципиентот (читател или слушател) се насочени кон формалната (звуковната) страна на зборот“ ( Поливанов Е. Общий фонетический принцип всякой поэтической техники // Вопросы языкознания. 1963. № 1. :101). Сергеј Сигеј, современ проучувач на руската авангарда, за заумот се искажува на следниот начин: „заумот е второ пришествие на поетското сознание…“ (Сигей С. Беседы в близине Миргорода // Поэтика русского авангарда. Тамбов, 1993. /Спецвыпуск журнала «Кредо». № 3-4/ : 44) Неоспорно е дека заумот во современата поезија на сите јазици се инкорпорира како специфичен елемент од културата, рамноправен на сите други нејзини составки.

Во англискиот јазик преводот на синтагмата „заумен јазик“ најчесто гласи „трансрационален јазик“. Со ова пронижување, продирање на заумот низ „разумот“, како да се допираат неговите подлабоки слоеви, кои ни укажуваат на важноста на сетилноста на уметноста на зборот, која можеби претпоставува попродуктивна и покомплетна креативна комуникација со уметноста. Емотивно-сетилниот аспект на уметничкото творење е сфера на која се уште не и е оддадена соодветната почит и внимание. Можеби токму преку навраќањата на феноменот на заумот и на неговото значење во литературното творештво ќе се отворат нови страници за испишување на промислата за книжевноста, а за тоа се неоспорно заслужни и руските футуристи.