Ф.Т.Маринети, 1915
Оваа омраза, токму така, насочена кон тиранијата на љубовта, ние ќе ја искажеме со една лаконска реченица: “презир кон жената”.
Ние ја презираме жената замислена како единствен идеал, божествен сад на љубовта, жената-отров, жената-трагична играчка, кревката, опсесивната и фаталната жена, чиј глас, обременет од судбината, и чиј мечтателен прамен коса се издолжуваат и продолжуваат во лисјето на шумите опсипани со месечевата светлина.
Ние ја презираме ужасната и тешка Љубов која го попречува движењето на човекот, кого го спречува да излезе од сопствената човечност, да се удвои, да се надмине себеси, за да стане она што ние го нарекуваме умножен човек.
Ја презираме ужасната и тешка Љубов, бескраен ремен со кој сонцето ја држи храбрата земја врзана во неговата орбита, а таа се разбира би сакала да искокне надвор за да ги преземе сите свои ѕвездени опасности. Ние сме убедени дека љубовта, сентименталноста и сладострастието се најнеприродната работа на светот. Тука нема ништо природно и важно освен коитусот чија цел е иднината на видот.
Љубовта, романтична опсесија и страст, не е ништо друго освен измислица на поетите, кои му ја подарија на човештвото…И токму поетите ќе им ја одземат на луѓето, како што се одзема ракопис од рацете на издавач кој не е способен истиот соодветно да го отпечати. Во овој наш обид за ослободување, поборничките за право на глас се нашите најдобри соработнички, затоа што колку повеќе права и моќ ќе добијат за жената, толку таа ќе стане посиромашна со љубов, толку повеќе ќе престане да биде огниште на сентименталната страст или на сладострастието.
Телесниот живот ќе биде сведен единствено на функцијата за продолжување на видот, а тоа ќе претставува придобивка освоена во полза на растечката вредност на човекот.
Што се однесува до претпоставената инфериорност на жената, ние сметаме дека доколку нејзиното тело и дух биле подложени, низ многу генерации, на истото образование и воспитување на кои биле подложени телото и духот на мажот, тогаш можеби би можело да се зборува за рамноправност меѓу двата пола.
Јасно е, сепак, дека во нејзината сегашна положба на ропство, интелектуално и еротско, жената, наоѓајќи се во состојба на апсолутна инфериорност од гледна точка на карактерот и интелектот, (тогаш) таа не може да биде ништо друго освен просечен бирократски инструмент. Поради ова, токму така, ние се залагаме со огромна жестина за правото на глас на жените, иако го сожалуваме нивниот инфантилен ентузијазам поради бедното и смешно право на глас.
Впрочем, убедени сме дека тие ќе го запоседнат правото на глас со огромна жар и така без нивна волја ќе ни помогнат да ја уништиме таа огромна глупост, изградена од корупција и баналност, на кои сега се сведува парламентаризмот.
Парламентаризмот речиси насекаде е во состојба на распаѓање. Тој даде и неколку добри резултати: го створи илузорното учество на мнозинството во власта. Велам илузорно, затоа што беше констатирано дека народот не може, ниту пак некогаш ќе може да биде претставуван од пратеници кои тој не умее да ги одбере.
Значи, народот секогаш ќе биде надвор од власта. Но, од друга страна, народот му го должи своето постоење токму на парламентаризмот.
Изборниот режим ја зголемуваше гордоста на толпите. Вредноста на индивидуата беше подигната од концептот на претставување. Овој концепт, меѓутоа, целосно ја искривува проценката на интелигенцијата, истакнувајќи го преку мера квалитетот на елоквентност. Овој недостигсе влошува од ден на ден.
Поради тоа, со огромно задоволство го предвидувам агресивното влегување на жените во парламентот. Каде на друго место би можеле да најдеме понетрпелив и поефикасен динамит?
Речиси сите парламенти во Европа не се ништо друго освен бучни кокошарници, штали и канализации.
Нивните суштински принципи се следниве:
- парите–корумпирачи и лукавоста–монополизаторка, кои им служат за добивање на место во парламентот;
- празната елоквентност, грандиозен фалсификатор на концептите, триумф на слаткоречивите изјави, там там на црнци и гестови на ветерници. Овие неумесни елементи £ даваат, преку парламентаризмот, апсолутна моќ на ордата адвокати.
Како што ви е познато, адвокатите се исти во сите земји. Тоа се суштества коишто интимно се поврзани со сe што е подло, бескорисно… Тоа се души коишто ги гледаат само секојдневните настани, а се целосно неспособни да ги разбудат големите општи идеи, да замислат удари и фузии на расите, ниту пак пламениот лет на идеалот над индивидуата и над народите. Тие се трговци на аргументи, мозоци – проститутки, дуќани на нежни идеи и на прецизно изработени силогизми.
Како последица на парламентаризмот цела една нација е оставена на милост на овие градители на правдата, коишто со благото железо на законот лукаво градат стапици за глупавите.
Значи, ајде да побрзаме да им го доделиме правото на глас на жените. Ова е, впрочем, екстремниот и апсолутно логичен завршеток на идејата за демократија и право на глас, којашто беше смислена од Жан Жак Русо и од останатите подготвувачи на француската Револуција. Нека побрзаат жените да го покажат, со молскавична брзина, овој голем доказ на целосна анимализација на политиката.
Ние, кои длабоко ги презираме оние кои, занимавајќи се со политика, во работата не внесуваат никаква оригиналност, среќни сме што ќе го оставиме парламентаризмот на лукавите канџи на жените; затоа што токму на жените им е доделена благодарната задача да го уништат дефинитивно.
Ох! јас внимавам да не бидам ироничен; ова го велам многу сериозно.
Жената, онаква каква што ја формираше нашето современо општество, не може а да не го зголеми величествено принципот на корупција кој е неразделен од принципот на гласање.
Оние што го напаѓаат легитимното право на глас на жените, тоа го прават од апсолутно лични причини: го бранат жолчно нивниот монопол на бескорисна и штетна елоквентност, кој набргу ќе им биде одземен од жените. Ова нас не нe интересира воопшто. Ние подготвуваме многу поинакви бомби за рушевините.
Ни се потврдува дека една власт составена од жени или поддржувана од жени ќе не одвлечка фатално, поради пацифизам или толстоевски кукавичлук, до дефинитивниот триумф на клерикализмот и моралистичкото лицемерие…
Можеби! Најверојатно! И жал ми е!…
Ќе имаме, меѓу другото, војна на половите, несомнено подготвена од големите агломерации на главните градови, од месечарството и од регулирањето на платите на работничките. Некои хумористи женомрсци можеби веќе сонуваат за Вартоломејска Ноќ за жените.
Но вие може да си помислите дека јас се забавувам да ве затрупувам со помалку или повеќе бизарни парадокси… Помислете, сепак, дека ништо не е попарадоксално и побизарно од реалноста, и дека малку треба да им се верувава на логичните веројатности на историјата. Историјата на народите £ се препушта на судбината, оди наваму натаму, во стилот на скапиљатите и прилично невоспитано, како некоја по малку лекоумна девојка која не ги слуша татковите совети, освен за Нова Година, или кога ќе остане напуштена од љубовникот. Но таа е, жално, сe уште премногу мудра и недоволно несредена, оваа млада историја на светот. Жените треба што побрзо да се вмешаат, затоа што машките се навистина накиснати од миленумската мудрост. Ова не е парадокс, ви се колнам, туку несигурно тапкање во ноќта на иднината. Ќе признаете, на пример, дека победата на феминизмот и особено влијанието на жените врз политиката ќе го уништат принципот на семејството. Тоа лесно би можело да се докаже; но, вие ќе се побуните, исплашени, ќе ми спротивставите остроумни аргументи, затоа што не сакате апсолутно некој да го загрози семејството. “Сите права, сите слободи треба да £ се доделат на жената, извикувате вие, но семејството ќе се зачува!…”
Дозволете ми да се насмевнам скептично и да ви кажам дека ако семејството, задушувач на витални енергии, изчезне, ние ќе се обидеме да преживееме без него. Непорекливо е дека ако во ова време жената сонува да ги освои сите политички права, тоа го прави затоа што, несвесно, таа е длабоко убедена дека како мајка, како сопруга и како љубовница, претставува затворен круг, чисто животински и во целост лишен од полезност. Вие сигурно сте присуствувале на полетувањето на еден Блерио кој, забревтан и сe уште закочен од механичарите, меѓу страшните удари на ветрот, го завртува пропелерот.
Е па добро: ви признавам дека ние силни футуристи пред еден таков опијанувачки призор веднаш почувствувавме дека се одделуваме од жената, која одеднаш ни стана премногу земјена, или, да се изразам подобро, стана симбол на земјата којашто мора да се напушти. Дури и сонувавме да можеме еден ден да си создадеме наше “механичко дете”, кое би било плод на чистата волја, синтеза на сите закони кои науката брза да ги открие.
(Превод од италијански: Катерина Сотирова)