Институт Данте Алигиери, Скопје

Од Ф. Т. Маринети

Против тестенините

4-1

4-2

Футуризмот е дефиниран од филозофите како „мистицизам на дејствувањето“, од Бенедето Кроче како „антиисторицизам“, од Граса Арања како „ослободување од теророт на естетиката“, од нас како „италијанска иноаторска гордост“, формула за „оригинална уметност“, „религија на брзината“, „краен напор на човештвото насочен кон синтезата“, „духовна хигиена“, „метод на неизбежно создавање“, „брз геометриски сјај“, „естетика на автомобилот“. Значи, противпрактично, ние футуристите го занемаруваме примерот и демнењето на традицијата за да измислиме, по секоја цена, новина која сите ја сметаат за налудничава. Иако признаваме дека во минатото имало неухранети и премногу нахранети луѓе, кои направиле големи дела, ние ја тврдиме оваа вистина: се мисли, се сонува и се делува во зависност од она што се јаде и пие.За таа цел, ги консултираме нашите усни, нашиот јазик, нашето непце, нашите папили за вкус, нашите жлездени секрети и генијално навлегуваме во гастрохемијата. Ние футуристите чувствуваме дека кај мажот, љубовната похота раскопува амбис од горе надолу, додека кај жената хоризонтално и полукружно. Желбата за храна пак, и за мажот и за жената е секогаш во искачување од долу нагоре низ телото. Исто така, ја чувствуваме потребата да го спречиме Италијанецот да стане масивна коцка, зацементиран во непробојна и заслепена нееластичност. Наместо тоа, нека се хармонизира со Италијанката виток и спирален приказ на страст, нежност, светлина, желба, полетност, и храбра упорност. Да подготвиме италијански тела погодни за лесните алуминиумски возови кои ќе ги заменат сегашните тешки, од железо дрво челик. Убедени дека во идната конфигурација ќе победи најагилниот народ, најбрзиот, ние футуристите- откако ја раздвиживме светската литература со слободни зборови и спонтан стил, откако го испразнивме театарот на здодевноста со помош на нелогични синтези кои предизвикуваат изненадување и низ драми со безживотни предмети, откако претерано ја нагласивме пластичноста низ антиреализмот и го создадовме геометрискиот архитектонски сјај без апстрактниот декоративизам, кинематографија и фотографија- да го утврдиме сега начинот на исхрана пригоден за сe повоздушниот и побрз живот.

Пред сe сметаме дека е потребно:

a) Да се укинат тестенините, апсурдната гастрономска религија на Италијанците. Можеби на Англичаните им годат сушениот бакалар, говедското на жар, на Холанѓаните печеното месо со кашкавал, на Германците sauer- kraut, чадена свинска маст и свинските колбаси, но на Италијанцте тестенините не им годат.На пример, не се соодветни на живиот дух и страсната, дарежлива и интуитивна душа на наполитанците.Тие се херојски борци, инспирирани уметници, страсни оратори, остроумни адвокати, упорни земјоделци на штета на денешните обилни тестенини. Јадејќи ги, тие развиле типичен ироничен и сентиментален скептицизам, кој често го прекратува нивниот ентузијазам. Проф. Сињорели, многу интелигентен наполитански професор, пишува: За разлика од лебот и оризот, тестенините се храна што се голта, а не се џвака. Оваа исхрана богата со амиди се вари во устата, во голема мера, со помош на плунката, така што панкреастот и црниот дроб се ослободени од задачата да вршат трансформација. Тоа води до дисбаланс и пореметување на функцијата на овие органи.Оттаму произлегуваат: малаксаноста, песимизмот, носталгичната неактивност и рамнодушноста.“ (…)

(Превод од италијански: Ирина Талевска)