Институт Данте Алигиери, Скопје

Тицијано Скарпа

Осаменост. Радост. Болка. Лудило. И страв од неуспех. Добитникот на наградата ’Стрега’ зборува за тешкотијата наречена пишување. Преку замислен дијалог со зборовите.

Малку сум загрижен. Имам важна средба и се плашам дека нема да и‘ бидам на ниво.  Не е филмска дива во прашање ниту пак политичар.Треба да направам интервју за тешкотијата наречена пишување. Многу размислував за тоа и сфатив дека нема никој друг што може да ми одговори. Не е личност, за волја на вистината. Ги замолив зборовите да ми дадат интервју. Да, ќе ги интервјуирам зборовите. Го исконтактирав нивниот агент, се договорив. Веќе со денови очекувам повик за да го дознаам времето и местото. Конечно заѕвоне телефонот. Некој ми шепна некаква адреса.  Како? Не верувам. Или можеби јас не разбрав. Барам да ми ја повторат. Се упатувам натаму. Тој пат ми е добро познат, стигнувам на таа адреса речиси со затворени очи. Ги вадам клучевите. Ја отворам вратата. Влегувам. Зборовите ме чекаат во мојот дом, стуткани врз кујнската маса. Направени се од некаква материја што првпат ја гледам: растегливо тесто, личат на стакло во состојба на магма, искривена и распукана кора која отсјајува со заслепувачки сјај, како очи на мачки во низа. Организам што се превиткува, што се растопува и се потопува во себе.

Добар….добар ден.

Здраво. Зошто нe гледаш така, изненадено?

Па, ве знаев како црни врз бела подлога. Обично сакате да ги затемнете светлите површини, екраните, страниците.  Ги поцрнувате малку по малку.

Нема ништо да нe прашаш?

Ме фативте неподготвен.

Сакаш да го скршиме мразот?

Би сакал, благодарам.

Види, ако сакаш ќе застанеме во редица една зад друга во реченица која започнува преправајќи се дека ништо не се случува и одеднаш се наоѓа сред океан, каде има остров опустошен од опасни желки кои испуштаат важен ензим при лечењето на псоријазата.

Што зборувате?

А, ништо, измисливме нешто без врска. За да ти го покажеме она што знаеме да го правиме. И за да ти правиме друштво.

Зошто ме повикавте токму овде?

На крајот на краиштата, ова е местото каде најдобро се чувствуваш додека пишуваш, нели? На кујнската маса.

Ама на работната маса се случува пишувањето. На оваа маса сум јадел, сум сецкал зеленчук, сум делел бакнежи а еднаш пак, една моја пријателка ја промени пелената на својот син.

Па да, истрошената реторика за пишувањето во животот……Вистината е дека во другата соба, на работната маса, не се чувствуваш најдобро со вревата на класиците наредени на полиците, кои цврчат како штурци сред лето в шума.

Не е само тоа. Туку на работната маса се наоѓа и компјутерот поврзан на Интернет па така не успевам да останам насамо со вас. Премногу влијанија. Ми станува сe потешко да ве сретнам.  Нас? Но ние сме насекаде! Во тоа сме исти со Бог. Проникнуваме, ползиме. Како Божјиот дух кој бдее врз светените води.  Но ако се наведнеш под маса и одблиску го погледнеш подот, ќе видиш ронка од леб и веднаш ќе помислиш: ’Ронка’. Ние сме и таму, постојано нe има.

Не генерализирајте, јас сакав да кажам дека првата тешкотија при пишувањето, не е изолирањето од звуците и сликите туку е замолчувањето на другите зборови околу вас, оние кои допираат до вас од сите страни. Од телефонот, на глас и преку порака и оние на екранот, на Интернет, електронска пошта. Постојано паѓам во искушение да ви побегнам, за да станам одново читател. Да читам, наместо да пишувам. Да минувам по веќе обележан пат, отколку самиот да си го обележувам.  Бидејќи пишувањето е сурово, тоа е искуство на апсолутна осаменост.

Колку си помпезен!

Тоа е вистината. Нели?

Не. И тоа би требало и ти да го знаеш. Не се сеќаваш ли на онаа вечер, минатиот април, во Фондацијата Буциол во Венеција?

На комеморацијата на Бето?

Да. Имаше толку народ, собран да ги слушне страниците на Филипо Бето, авторот на “Certi giorni sono migliori di altri giorni“ („Некои денови се подобри од другите“), кој почина неколку недели пред тоа. Ги читавте неговите необјавени страници, ти и твоите пријатели, Бугаро, Ди Ренцо, Феручи, Гарлини, Манкасола, Вилалта. Во првите редици, таткото на Бето се превиткуваше од болка. И ти, тогаш, почувствува нешто. Не одрекувај сега. Не се одрекувај од нас.

Ги гледав сите тие писатели кои ги читаа зборовите на друг писател неодамна починат, ми се причини како да се нурнувам во животот на еден човек само преку јазикот, кој пишува внесен во огромен пејзаж, пејзажот на зборовите. Го замислував Филипо Бето, кого никогаш не сум го запознал лично, како осамен војник, го гледав како се бори и си го пробива патот во вртлогот од зборови кои надоаѓаат од далеку, од изминати милениуми и кои и понатаму ќе важат за којзнае колку генерации.

Види ваму, не постои апсолутна осаменост кога пишуваш. Не се жали. Постојано си заедно со некого: предците, блиски и далечни, живите, оние кои сe уште не се родени, нивните зборови, ние.

Но, приказната која ја измислувам, со неа си останувам сам.

Николо Аманити, своите приказни ги тестира раскажувајќи ги на пријателите: еднаш, во Венеција, ја пропуштивте постојката за бротчето, не забележавте дека сте пристигнале бидејќи тој ве хипнотизира со содржината на неговата следна книга.

Јас пак, моите приказни никому не ги раскажувам додека се‘ уште ги пишувам. Се затворам во кожурец, без да знам во што ќе се претвори. Во пеперутка или во ларва.

Би бил добар исход, ларвата!

Пишувањето за мене значи да се биде насамо со една приказна на година или две, во постојана возбуда. Можеби содржината ќе е непромислена и ќе е сосем лудо да и‘ се посветат две години од животот.

Добро, но во тоа е убавината!

Во што?

Во тоа да не се знае исходот. Пишувањето е искуство, не е отчет за нешто што некаде веќе се случило, во умот. Не се пишува она што претходно веќе било замислено.  Се замислува додека се пишува. Се сонува со отворени очи, со отворени зборови, да кажеме. Те гледаме кога ’загреан’ потчукнуваш со прстите на тастатурата. Иако во глава имаш некаква идеја за сцената која штотуку ја запишуваш, сепак не можеш да ги предвидиш деталите за она што ќе го напишеш па така од твоите зборови одеднаш излегува на сцена лик кој кажува нешто неочекувано, измислица која те засмејува.

Превод: Драгана Казанџиоска