Институт Данте Алигиери, Скопје

На 1 јуни 2024 г., сабота, во просториите на Europe House во Скопје, се одржа средба на групата читатели составена од 12 членови на Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје кои учествуваа во дебата за романите-финалисти за најпрестижната книжевна награда во Италија – „Стрега“. На учесниците на почетокот им се обрати и ги поздрави заменик-претседателот на Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје, проф. д-р Руска Ивановска-Наскова. Преку плодна дискусија, членовите ги претставија своите читателски искуства на селекцијата од 12 романи-финалисти објавени во текот на изминатата година во Италија. На крајот, секој читател имаше можност да го даде својот глас за три романи, а сите гласови понатаму се вклучуваат = во колективниот глас на членовите од седиштата на Институт „Данте Алигиери“ низ светот. Групата беше предводена од Јована Караникиќ Јосимовска и во неа учествуваа изучувачи и љубители на италијанскиот јазик во Северна Македонија: Анастасија Ѓурчинова, Ана Ристова, Андријана Русеска, Весна Коцева, Владимир Андоновски, Ива Анастасова, Марија Муратовска, Сандра Ангеловска, Сара Златановска,Теодора Јосифовска и Цветанка Стоилова.
Веќе неколку години наназад, Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје ја добива можноста да учествува во овој многу важен настан за италијанската книжевна култура во светот. Тоа значи дека нашите читатели имаат ексклузивен пристап до најновите изданија во Италија, но и можност да се вреднува нивното искуство, а тоа понатаму да се прошири преку изучувачите на јазикот, издавачките куќи и читателската публика во земјата.