Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје и оваа година доби можност да биде дел во гласањето за најпрестижната книжевна награда во Италија „Стрега“. Групата составена од 13 читатели, љубители на италијанската книжевност, Анастасија Ѓурчинова, Андријана Русеска, Анета Симовска, Валентина Милошевиќ, Весна Коцева, Владимир Андоновски, Ива Анастасова, Јована Караникиќ Јосимовска, Марија Муратовска, Руска Ивановска Наскова, Сара Златановска, Сандра Ангеловска и Теодора Јосифовска, предводена од проф. Јована Караникиќ Јосимовска, со огромен ентузијазам ги презентираше своите читателски искуства и дискутираше за своите впечатоци, сè со цел да се избере роман-кандидат на групата. Со својот глас „Данте“ од Скопје се приклучува на гласовите од сите „Книжевни президиуми“ на „Данте“ низ светот, и на крајот, на конечното гласање за победник на „Стрега 2023“.
Со текот на годините оваа иницијатива се покажа како многу значајна за промоција на италијанската книжевност и култура низ светот. Исто така, со можноста на читателите од странство да учествуваат во гласањето уште повеќе се зацврстува врската помеѓу јазикот и неговите изучувачи во светот.