Институт Данте Алигиери, Скопје

Космикомики на Итало Калвино и неговата научна фантастика

Патувањето низ делата на Итало Калвино доведува до откривање на фантастични и бајковити кралства. Помеѓу 1950те и 1960те творештвото на Калвино, карактеристично со неговите ликови и приказни кои зборуваат за „создавањето на човечките суштества“, достигнало нов степен во средината на 60те години со еден нов циклус раскази кои не’ водат уште подалеку, на едно вистинско астрономско и космогониско патување.
Тогаш се раѓаат Космикомики (1965) кои претставуваат уште еден чекор напред во присвојувањето на нови имагинарни и лингвистички универзуми. Тука можеме да ја најдеме дијалектиката помеѓу празното и полното, постоењето и непостоењето.
Во Космикомики се преплетуваат многу димензии од истражувањата на Калвино. Тоа може да се забележи уште од самиот наслов, каде писателот ги комбинира двете придавки – „космичко“ и „комично“ – во еден збор, со цел да спои различни нешта кои му лежеле на срце.
„Комичното“ на Калвино е вид филтер помеѓу нас и реалноста, начин на кој се поврзуваме со светот. Самиот автор вели: „јас едноставно мислев на „комичноста“ од немата кинематографија и пред се’ на стриповите во кои една фигура постојано се наоѓа во најразлични ситуации кои следат иста шема.“
Расказите се хумористични и парадоксални приказни во кои преовладуваат универзумот, еволуцијата, времето и просторот.
Нараторот Qfwfq е безобличен и недефиниран лик. Тој е предокот на секое живо суштество, бил сведок на Големата Експлозија, на раѓањето на соларниот систем, на клеточната митоза, како и формирањето на црните дупки. Неговото име палиндром ја претставува во себе истовремено можноста и за живот и за смрт, а неговата задача е да го раскаже сето она што било и што оставило белег во универзумот.
Нова научна фантастика на Калвино?
„Не, според мене научнофантастичните раскази се креираат на сосема различен начин од мојот“ одговорил Калвино во едно интервју.
Расказите од Космикомики се раѓаат по читање на дела за астрономија, космогонија, релативна физика и теорија на еволуција.
Научниот аспект бил почетната нишка од која потоа се родиле фантастичните идеи.
За разлика од научната фантастика која ги зема далечните светови, ни ги приближлува и ги прави се’ пореалистични, Калвино го прави токму спротивното – не’ носи што подалеку од нашите искуства.
Секој од неговите раскази „има мистичина аура“ и не’ приближува кон примитивното, кон античкото, кон она што не го познаваме и можеме само да го замислиме.
Во ова дело, научните податоци и фантастичната инвенција се соединуваат и даваат живот на 12 извонредни раскази како „Белег во вселената“ и „Спирала“ кои самиот Калвино ги издвојува како најуспешни на кои неуморно работел.
Во расказите се запознаваме со светови кои лебдат во далечни простори, галаксии кои поспани се превртуваат во нивните меки постели, а истото го правиме и ние, вели Qfwfq, додека нетрпеливо се обидуваме да откриеме што има некаде далеку, некаде подлабоко.

Превод
Сара Деспотовска