Институт Данте Алигиери, Скопје

Кон крајот на септември 2009 година скопската публика имаше можност да биде дел од патувачката изложба насловена како „Written in Italy’’ (Напишано во Италија). Оваа меѓународна изложба понуди над 600 книги од италијански автори преведени на дури 37 светски јазици меѓу кои и македонскиот. Меѓу книгите секако се најдоа преводи на италијанските класици, како Данте, Петрарка, Бокачо, но и современи дела на италијански автори, како Моравија, Калвино, Аманити, добро познати на светската читателска публика Изложбата е за првпат поставена во италијанскиот град Фоџа, и тоа во јануари 2009 година, а потоа обновена во Рим, Кордоба (Аргентина) и Леука (најјужната точка од штиклата на италијанската чизма).

9-1

Отворањето на овој убав настан се одржа на 28 септември 2009 година во На-ционалната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски’’ – Скопје, во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески’’ – Скопје, Универзитетот во Фоџа, Италијанската амбасада во Скопје и секако Институтот Данте Алигиери – Скопје. На отворањето на оваа патувачка изложба говореа неговата екселенција, амбасадорот на Република Италија во Скопје, Донатино Маркон, кој ја истакна важноста на ваквите проекти како што е „Written in Italy’’, чија цел меѓу другото е да пренесе еден комплексен свет во кој доминираат талентот и културното наследство на италијанската литература.  Амбасадорот Маркон говореше и за силата на италијанскиот јазик кој никогаш не престанува да воодушевува, а сето ова е еден сериозен и храбар обид да се зачува минатото, но пред се’ иднината.

9-3

Меѓу другите говорници беа и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески’’ – Скопје, проф.д-р Максим Каранфиловски, како и проф.др. Анастасија Ѓурчинова, шеф на катедрата за италијански јазик и книжевност при овој факултет и претседател на Институтот Данте Алигиери во Скопје, кои ја поддржаа оваа иницијатива и со отворени раце ја прифатија понудената соработка. На отворањето на изложбата присуствуваа над 250 луѓе меѓу кои секако беа присутни филолози, преведувачи, професори, но најбројни беа студентите по италијански јазик. Меѓу бројните преводи на италијански книги на македонски беа „Невидливи градови’’, „Не ми е страв’’, „Свила“, „Canone Inverso’’, „Продавница на тајни’’, и многу други кои потоа ќе бидат изложувани и во други земји. На тој начин ќе ја промовираме понатаму и нашата култура, не само италијанската.

9-2

Оваа патувачка изложба беше отворена во текот на наредните 5 дена, а за тоа кратко време успеаја да ја посетат над 700 лица. Од Скопје изложбата го продолжи своето патување дури до Египет, каде што книгите и беа претставени на публиката во Каиро. Институтот Данте Алигиери, како и досега, активно учествуваше во овој проект, заради што доби Плакета за успешно учество и соработка од страна на Универзитетот од Фоџа во Италија.

Дарио Тодоровски