Поезија од Ацо Шопов објавена во Италија
Реномираното римско списание „Нуови аргоменти“ неодамна објави 9 песни – избор од поезијата на Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска поезија, во препев на италијански јазик од Анастасија Ѓурчинова и Миа Леконт.
Списанието „Нуови аргоменти“ е основано во 1953 година од писателите Алберто Моравија и Алберто Карочи, со намера да се профилира како левичарско книжевно гласило, аналогно на „Модерните времиња“ на Сартр во Париз.
На неговите страници се водени значајни дебати за комунизмот, за идеологијата и за културата, за јазикот и за филмот, за судбината на романот и на поезијата. Со ова списание соработувале некои од најзначајните италијански интелектуалци: Итало Калвино, Наталија Гинзбург, Еуџенио Монтале, Елза Моранте, Ана Марија Ортезе, Елио Виторини, Умберто Еко, Леонардо Шаша, Антонио Табуки, Клаудио Магрис, Валтер Велтрони, Алберто Азор Роза, Николо Аманити, Алесандро Пиперно и многу, многу други. Покрај нив, во списанието објавувале и истакнати имиња од европската и светската книжевна сцена, како Хорхе Луис Борхес, Октавио Паз, Хулио Кортасар, Ролан Барт, Михаил Булгаков, Михаил Бахтин, Борис Пастернак, Јосиф Бродски, Пол Остер, Шејмас Хини.
Уредници на „Нуови аргоменти“ биле и Пјер Паоло Пазолини и Енцо Сичилијано, додека членови на редакцијата биле некои од денес најтиражните писатели во Италија, како Сандро Веронези и Роберто Савијано. Од 2006 година главен уредник е писателката Дача Мараини.
Прилогот за Ацо Шопов, објавен во број 7 од 2021 година, под наслов „Има долу една крв“, е придружен и со соодветна белешка за поетот. Во неа, освен што се издвоени најзначајните карактеристики на творечкото писмо на авторот, проткаени и со неговата биографија, особено се истакнува стожерното место на Шопов во рамките на современата македонска поезија, но и неговата улога во развојот на книжевностите на југословенската заедница.
Во прилог донесуваме кус избор од преведените стихови, додека целосната објава може да се проследи на следниот линк:
Има долу една крв
Има долу тешка една крв
од древноста чиниш останата.
Не се ни наѕира во врелите маглини на овој врв.
Лежи проколната како лузна врз раната.
Има долу една тешка крв. Има крв една.
Има една крв густа како црна смола.
Крв незаситна и исконски жедна.
Има една стара крв, црна и гола.
Лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста.
Непогрешно и неизбежно како смрт
ги исполнува сите празнини и места.
Има долу тешка една крв,
една крв што секогаш вели:
следи ме покорно, следи ме прв,
никогаш од мене не се дели.
Има долу една страшна крв,
пострашна и од заканата.
Има долу една таква тешка крв
од древноста чиниш останата.
Грозомор
Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта,
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.
Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.
Го пијат суши, дождови црни го цедат,
ден со ноќ го трупа, пласт со пласт,
а врз неговата кора во ‘рбетник се редат
закостенети сенки од диво месо и страст.
Тука ветришта пиштат и темни сеништа вијат,
тука е првиот злочин и грев и казна и прекор.
Тука и човек и ѕвер во едно дувло спијат
и детето го оди својот незаоден чекор.
Врз него расне лебот од горчлив длабок корен,
па затоа е сув, и сладок, и пече како пламен.
Песно, ако те допре некој испосник морен
прими го да ти биде во горењето рамен.
О ружо в грло, о змијогрозд в усни,
див апеж во крвта со себе што спори,
о земјо на отрови смртоносно вкусни,
каменот во пламен се тркала. Гори. Гори. Гори.
Тука се раѓаат сите нешта и тука гаснат сами.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и мaќea што мами,
пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.