Институт Данте Алигиери, Скопје

Колибри од Сандро Веронези

Деновиве од печат излезе преводот на најдобриот италијански роман во 2020 година, актуелниот добитник на престижната италијанска книжевна награда „Стрега“, романот „Колибри“ од Сандро Веронези, во превод од италијански јазик на Анастасија Ѓурчинова. Меѓународната сензација бр.1 од мајсторот на европската литература, Сандро Веронези – добитник на италијанската Premio Strega – е сага за едно фирентинско семејство од 1960-тите до денес. „Колибри“ е приказна за страдањето, среќата, загубата, љубовта и надежта – за човекот кој го отелотворува тивкиот хероизам што го дефинира секојдневниот живот на безброј обични луѓе. Потенцирајќи ја потребата да се гледа во иднината со надеж и да се живее со интензитет до самиот крај, ремек-делото на Сандро Веронези е портрет на човековото постоење, перипетиите и каприците кои нè поттикнуваат и на крајот нè дефинираат.
„КОЛИБРИ е мајсторски роман, брилијантно осмислен мозаик на љубов и трагедија“, е една од многуте позитивни книжевни критики за овој роман.


Сандро Веронези (1959) e еден од најреномираните современи италијански прозаисти. Автор е на повеќе романи и збирки раскази и добитник е на некои од најпрестижните книжевни награди во Италија и надвор од неа. Со најновиот роман Колибри (2019) Веронези го повтори успехот, освојувајќи ја по вторпат наградата „Стрега“ за 2020 година.