Институт Данте Алигиери, Скопје

Tврдоглавo и во спротивна насока

2-1

По повод десет години од смртта на кантавторот, Институтот „Данте Алигиери“ организираше вечер посветена на Фабрицио де Андре

Самиот Де Андре се себедефинираше како кант-автор. За секој случај.

„Бенедето Кроче велеше дека до осумнаесет годишна возраст сите пишуваат песни и дека, од таа возраст па натаму, има само две категории на луѓе кои пишуваат и понатаму: поети и идиоти. Па така јас, за секој случај, се дефинирам себеси како кант-автор.

2-2

Кариерата на Де Андре започнува на почетокот на шеесеттите години, но успехот доаѓа дури неколку години подоцна, кога Мина ќе ја открие Песната за Маринела. Од овој период ги паметиме извонредните дела како Улицата Дел Кампо, Војната на Пјеро, Уста од роза. Тоа е периодот на големите студентски и антивоени протести ширум светот, против насилството и против секоја форма на угнетување. Но, додека во песните на другите, на Дилан на пример, има безнадежност поради војната, таа треба да се критикува и толку, песните на Де Андре веќе се препознатливи по сочувствувањето со жртвите, што ќе стане една од главните карактеристики на кант-авторот од Џенова: Сега кога загина татковината се гордее со него/ уште еден херој за спомен/ (…) но таа што го љубеше/ (…) /што ќе прави со мртов херој/ ако до неа во креветот остана славата/ на еден медал за спомен.

2-3

Во седумдесеттите години ги преведува Боб Дилан и Леонард Коен, ја завршува Благата вест, со текстови преземени од апокрифните евангелија и од Антологијата на Спун Ривер на Едгар Ли Мастерс, во превод на Фернанда Пивано. Во тие години исто така оди на извонредната турнеја со „ПФМ“, пред да се повлече на Сардинија, каде заедно со неговата партнерка Дори Геци ќе доживее еден од најдраматичните моменти во неговиот живот, односно киднапирањето. Ова искуство како и солидарноста со угнетените луѓе од Сардинија налик на Индијанците од Америка, се инспирација за албумот без наслов, познат како Индијанецот, поради цртежот на корицата (од овој албум ги паметиме пред сe Реката Сенд Крик, Хотел Супрамонте, Кога би те насецкале на парченца).

2-4

Друг значаен момент на успех следи во 1984 кога Де Андре, заедно со Мауро Пагани го снима албумот Уличка во морето, кој ќе ја добие титулата најдобар албум на деценијата и кој ќе се смета за камен – темелник на т.н. светска музика (World music). Текстовите се напишани на џеновјански дијалект, придружени од звучноста на медитерански инструменти и од музичките традиции на Балканот и на Берберите.  Од подоцнежните албуми треба да се спомене Облаци со триумфалната турнеја веднаш по неговото излегување, албум кој е избран за еден од најдобрите албуми во деведесеттите години. Насловот е преземен од Аристофан и алудира на моќниците кои го затемнуваат сонцето а свое место помеѓу темите наоѓа и критиката на тековните настани како на пример во (Недела на починатите) и во Дон Рафае, песна во која се враќа дијалектот со цел да му даде глас на народот.

Албумот Избавени души од 1996 година е направен во соработка со Ивано Фосати. Со албумот Се вљубував во сe и театарската турнеја, која од здравствени причини ќе биде прекината во 1998 годниа, завршува неговата кариера, а во јануари 1999 година завршува и неговиот живот.

Очајание и сочувство – главната инспирација на Де Андре

2-5Веќе во неговиот албум од 1968 Сите умревме во агонија присутни се теми кои тој често ги употребува, мрачни теми и ликови: самоубијци, изопачени, издрогирани, блесави деца, тажни кралеви на кои потоа ќе им се придодаде цела плејада мртовци, обесени, удавени, пензионери, трансексуалци, распнати крадци, алкохоличари старци, убиени војници, проститутки; ликови опишани преку нивниот најчовечки аспект, со солидарност и љубов за другиот, за „жртвите од овој свет“, секогаш со чувство, со солидарност честопати прекриена со суптилна иронија. Да не го заборавиме и Христа, на чија болна и блескава епопеја е посветена Благата вест, и богохулната, човечка љубов на Де Андре кон оваа жртва над жртвите, кон овој револуционер: по подбивното читање на заповедите, по бесот, каењето, колнењето, се предаваме на законот на љубовта, заразени не од божјата порака, туку од пораката на човекот од Назарет: „Сега кога се спушта ноќта и темнината/ ми ја трга болката од пред очи/ а сонцето се спушта отаде дините/ да силува некои други ноќи/ гледајќи го овој човек на умирање/ мајко, јас чувствувам болка/ преку сочувството што не потклекнува пред гневот/ мајко, јас научив што е љубов.“ Светот на угнетените на Де Андре ќе го населат цели прогонети народи, покрај веќе споменатите Сардинијци и Индијанци, и Палестинците, Ромите, кои исто така биле жртви на концентрационите логори. На овој номадски народ, на неговата желба да биде како ветрот, да не запре никогаш, посветена е една од неговите најубави песни: Коракхане.  Ја раскажа љубовта, платената и страсната љубов, која кубе коси и сече вени, бракот како гробница на илузиите, анархијата и слободата без идоли. Во оваа преубава песна тој зборува токму за идеите кои остануваат: „Ако те исецкаат на парченца/ветрот ќе ги собере/царството на пајаците ќе ти ја сошие кожата а месечината, месечината ќе ти ги сплете косите и лицето/ и божјиот прав/ насмевката“ Пееше за жените, за правдата, смртта, војната, молитвите и очајот. Ги раскажа драматичните случувања од скорешната историја: смртта на Тенко и Пазолини, францускиот Мај и италијанските бомби, и она што подоцна ќе биде дефинирано како „бедната епопеја на разноразните мафијаши и корумпирани лица од 80-тите и 90-тите години“. „Извонредната поетика на Де Андре произлегува од моралната непокорливост, од личната солидарност со потчинетите, со малцинствата.“ Впрочем, во Песна за Маринела се работи за една проститутка, а во Уста од роза за друга, сосема различна проститутка. Таа не е сиромашна девојка која е принудена да се проституира, како Маринела, таа е девојка која „ја става љубовта над сe“ и е симбол на универзалната љубов. За неа љубовта е занает, но и вокација, и така го предизвикува хомеровиот „злокобен гнев“ кај фанатиците („кучките на кои им ја одзела коската“) во селото Сан Иларио.

Сеќавајќи се на овој голем уметник, сосема природно доаѓа да ја цитираме Бескрајната молитва, неговата последна песна: „на металниот скандал од оружја во и вон употреба, на чело на колоната од болка и чад, која ги напушта бесконечните битки штом се спушти вечерта, мирно стои мнозинството кое рецитира молитва од злонамерни амбиции, од милениумски стравови, од бескрајни лукавства, мирно потхранувајќи го ужасниот спектар на сопствените суети,“ (…) додека „оној кој патува тврдоглаво и во спротивна насока со свое посебно обележје од посебен очај, и кој помеѓу повраќаницата на отфрлените ги прави последните чекори за да и додели на смртта една капка блескавост/ човечност, вистина.“ Запамети ги, Господи, овие слуги, непослушни пред законите на стадото, не ги заборавај нивните лица, бидејќи по толку талкања редно време е да им се насмевне среќата“.  Што се однесува до Господ, не можам да кажам ништо, но ние скитниците и отфрлените, ние кои секогаш сме малцинство во потрага по блескавоста, ние кои сме на страната на Тројанците, ние кои веќе сигурно се наоѓаме на лошиот пат, ние, без учители, заразени од лудилото да патуваме тврдоглаво и во спротивна насока, ние никогаш нема да го заборавиме Де Андре.

Лилјана Узуновиќ