Весникот Данте и годинава се појавува со нов број, следејќи ја својата основна цел: да ги претстави италијанско-македонските културни љубопитства, како и настаните кои се поврзани со дејноста на Институтот Данте Алигиери во Скопје (кој од јули 2011 година е преместен на нова адреса: Италијанско-македонски мултимедијален центар, Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје). Во овој број се проследуваат низа културни настани одржани во периодот 2009-2010 година, но се користат и разни годишнини и други поводи за да се претстават одделни знаменити личности на италијанската литература и култура. Фабрицио де Андре, Федерико Фелини, Леонардо да Винчи, Пјер Паоло Пазолини, се само некои од имињата кои се одбележани покрај претставувањето на значајни образовни, академски и културни настани. Меѓу нив, да ги издвоиме меѓународниот собир 50 години италијански студии на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, изложбата на книги Written in Italy, курсевите по македонски јазик за странци и др. Во текот на подготовката на весникот, тивко и ненадејно, нe напушти првиот претседател на Институтот Данте Алигиери во Скопје, почитуваниот Борис Вишински. По тој повод, објавуваме омаж за Вишински, којшто ни пристигна од Фросиноне, од перото на неговиот пријател и сопатник на полето на културната соработка, Силвано Галон.
Овојпат литературните страници се резервирани за победникот на наградата Стрега за 2009 година, Тицијано Скарпа, кој е награден за романот Stabat mater, од кој премиерно објавуваме неколку сугестивни извадоци во превод на македонски јазик, како и едно кусо „замислено“ интервју со авторот.
Монографскиот прилог е посветен на еден настан којшто беше одбележан низ целиот свет, а со голем ентузијазам прифатен и од нашите членови: 100 години од раѓањето на Футуризмот. По тој повод Институтот Данте Алигиери во Скопје организираше еден мал собир, или поточно една мултимедијална вечер, со учество на неколку еминентни познавачи на книжевноста на авангардата од Универзитетот во Скопје, читање на извадоци од футуристичките манифести, изложба на слики од футуристичкиот уметник Мино деле Сите, презентирање на видео и куса театарска претстава на споменатата тема. Материјалите од овој настан: есеите, песните и манифестите се објавуваат во оваа пригода двојазично, како посебен прилог.
Редакцијата топло им се заблагодарува на сите свои соработници, членови и пријатели на Институтот Данте Алигиери, или наставници, студенти, апсолвенти и дипломирани на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за нивната подготвеност за соработка, за ентузијазмот и свежината на нивните идеи, но и на нивните прилози. Со покана упатена до сите членови да земат учествуво во подготовката на следниот број на весникот Данте, дозволете ми да Ви ги честитам божиќните празници и Новата 2012 година! Скопје, декември 2011.
Пријатно читање!
Aнастасија Ѓурчинова