АУРАТА НА БОРИС
“Се разбира секој човек мириса поинаку…” А сепак основата на ширењето на индивидуалниот “мирис” на човекот како ретка аура што подразбира едно суптилно ткаење и рашчленување , Борис знаеше повеќе од задоволително, од задоволство да го создаде… да креира лик што ќе го следиме како слика, како одраз, како поттик во работилницата на некое разбранувано море што постојано напластува бранови – сè поголеми, сè потрајни, сè попиктурални, сè подлабоки – и секогаш знаеше дека нема до крај да ја задоволи својата амбиција и тогаш ударот на бранот предизвикуваше бура…
Таа творечка бура ја пренесуваше, ја истураше врз луѓето, ја распрснуваше во илјадници капки… се множеше и се интензивираше неговата енергија. Нè заразуваше со информации, со знаење, со упорно, напорно аналитичко расчленување, а тоа одеше во бескрај…Колку што се чувствував безбедна покрај неговото знаење и другарска, пријателска наклонетост, професионална помош и подршка , толку беше напорно неговото барање повеќе.. Просторот што го оставше за разговор, за дијалог, понекогаш тврдоглав, сугестивен монолог. Некогаш едноставно ислушуваше. Борис Петковски создаде еден колегијален и професионален простор на потпора и поттик, со луцидност како да го добие тоа што го сака, како да го искамчи одговорот, како да те наведе да осознаеш нешто и како тој да осознае за да може да го склопи, дооформи мозаикот.
Со таа неверојатна енергија, со вечната
младост во трка за знаењето, во маратонот на спознавањето и откривањето…незаслужено, ненадејно нефер, неочекувано, прерано го истрча последниот круг.
Нескротливата амбиција, адреналинот, љубовта кон професијата, кон уметноста, кон младите генерации кои топло ги разбираше и им даваше поттик, премногу можеби очекуваше…сета таа позитивна енергија, добронамерност и целосна предаденост кон ликовното, му дозволи да го присвои сонот за илузија која ја претвори во стварност, на скапоцени, опојни мигови на давање што нема да се потроши.
Тажна е загубата…секаква загуба… Не ми доаѓаат вистински зборови (барем не оние за кои мислам дека се вистински) за да направам добра “фотографија” на нашата последна средба. Но, не си спомнувам на неа со болка во срцето… зaшто Борис упорно, сигурно, со веќе направен концепт дури и тогаш ме воведуваше во новиот проект и ми даваше задачи како и секогаш. Се консултираше но се држеше цврсто за својот концепт. Можеше само да се надгради…И толку!
“Неговото лице доби детски инатлив израз и тој одеднаш се почувствува многу среќен. Одново беше оној стариот – млад, храбар и одлучен како некогаш кога можеше да и се противстави на судбината – И покрај тоа што спротивставувањето во овој случај значеше повлекување. Па што! Не му остануваше ништо друго. Ова глупаво време не нуди избор. Бог дава добри и лоши времиња, но не сака во лошите времиња да лелекаме И да се жалиме, туку да се држиме машки. А тој даде знак.” ( П. Зискинд, Парфем)
Со процесуирање на духовната иконографија, Борис Петковски направи една универзална ликовна лингвистика, методологија на односот кон уметноста, на отворени прашања, на енигми, на загатки кои нè спојуваат, нè обврзуваат и нè раздвижуваат, нè подготвуваат за нивно професионално, егзистенцијално решавање како дескрипција на нашиот однос кон уметноста.
А тоа, сепак, станува обврска…
“Методологијата нè повикува да излеземе од самите себе и да останеме надвор. Понекогаш, поради студот, мора да се влезе внатре. (Макс Козлоф)