…кога четворица пријатели…
…продолжуваат…
Кога бев во служба во Министерството за надворешни работи, среќавањето на различни личности беше речиси секојдневие: и приемот на личности од областа на културата (секогаш помалубројни во однос на политичарите) покрај тоа што ми причинуваше чест, ми причинуваше и задоволство да бидам сметан за достоен соговорник или барем не толку неспособен.
Во Скопје, речиси веднаш, го запознав г-динот Вишински кој заедно со проф. Итало Бертони, веднаш ми дадоа поттик и храброст да отпочнам еден културен пат и во Македонија (покрај пасошите и стотици барања за визи да се разгледаат и задоволат, не беше мала работа за првпат да се основа и италијанската заедница, напротив беше едно од најтрогателните искуства меѓу иселениците!) И веќе од првите средби, зборувајќи за уметност, музеи и италијанско – македонски контакти, Вишински често ми споменуваше за еден друг Борис кој беше помалку тврдоглав и не сакаше воопшто да се појавува во Амбасадата (уште по малку да зборува за својот приватен живот).
Помина малку време и го запознав и веднаш му го претставив и на Итало; Петковски не сакаше да ги посетува салоните, не сакаше да зборува површно, неговата компетентност и неговата сериозност беа придружени од едно големо достоинство што правеше од неговата професија (беше во пензија, но секогаш активен) нешто благородничко, сериозно и почитувано за студентите, за младите и за сите оние кои ги имаа на срце уметничките и културните начини на изразување.
Не се осмелуваше да се појави без причина и секогаш очекуваше да се отпочне некој конструктивен разговор, кој ќе има нешто ново и интересно да понуди во знак на најзаслужните и достојни за пофалба културни манифестации; тој, иако од секогаш ја сакаше Италија (ми раскажуваше за неговата баба, која се презивала Антониаци, како и мојата) не беше, на времето, многу задоволен од манифестациите кои можеа директно да ги вклучат двете земји Италија и Македонија (барем со внатрешни контакти во Амбасадата). Кога одлучивме да го основаме Институтот Данте Алигиери, Борис Вишински ми рече дека само човек како што е Петковски ќе може да го заземе испразнетото претседателско место во Италијанскиот Културен Центар во Скопје, здружение основано од нас претходната година со цел да ги потпомагаме културните манифестации: “Критичар и експерт за уметност, многу совесен и чувствителен, ќе се заложи како што никој друг не би можел”, ми рече.
Тој ја прифати должноста и набрзо се запознавме, ги зачестивме нашите средби и пријателството што не спои беше толку силно што Борис Петковски почна да се појавува во едно поинакво светло, со една младешка ведрина (појава која на почетокот не изгледаше својствена за неговиот карактер).
Беше иницијатор на многу успешни средби, ја стави на располагање, со добро и широко срце, со достоинство и со исклучителни морални особини, целата своја извонредна компетентност, станувајќи на тој начин носител на ширењето и на организирањето на културните манифестации, кои ги вклучуваа и Италија и Македонија: сите ние секогаш и за најмалата работа им се обраќавме со Борис 1 и Борис 2, за да ги разликуваме, од кои не можеше да се откаже ниту Амбасадата.
Така можевме сите полека да се зближиме со Борис Петковски и тој стана наш пријател, драг пријател, толку многу што успеавме да ги споиме и семејствата (во моето семејство често се сеќаваме на неговата сопруга и на Антонела); немаше колебање или празни зборови за да разбере и да не поддржи, да ни помогне и да одлучи како да се продолжи понатаму.
Борис беше еден човек толку совесен и способен, што ќе фатеше некоја забелешка од мојата канцеларија и се враќаше со писмен извештај, само неколку дена подоцна.
Беше јасен, искрен, чесен, совршен во неговите и нашите културни дејности, и никогаш не забораваше да им даде комплименти, да им честита на сите, дури и на мене, неговиот мал и скромен административен ученик.
Чувам една негова фотографија, сликана кога ме придружуваше во посетата на некрополата во Скупи, се качи на една мермерна основа и позираше како римски диктатор: се смееше, се шегуваше, и ми раскажа многу, зборуваше слободно за римјаните, за Рим, за виа Игнатиа, кажуваше шеги за италијанските народни песни и за Паскуино.
Беше исклучителен во организацијата на посетата на отец Микеле Пичирило, кој го спомена во неколку разгледници кои ми ги напиша (и тој починат минатиот месец, и кој остави во Палестина празнина која не може да се пополни); беше совесен а јас можев да се восхитувам на почитта која ја уживаше од страна на новите млади директори, кога се организираа изложби во Музејот на современа уметност или во другите културни центри во Скопје.
Се жалеше, но само малку, затоа што Италија го занемаруваше; го посакуваше италијанското државјанство (но јас не можев да направам ништо, затоа што неговато право требаше да биде стекнато на Истра) и се чекаше на формалното признание на неговото ангажирање во областа на културата: го подготвувавме, но немаше доволно време.
Се слушнавме телефонски, малку пред да не напушти, и во таа прилика се пожали за оваа, за него многу важна работа (а тоа е толку трогателно и длабоко за мене), затоа што никако не сакаше да го уништи тоа силно чувство на пријателство кое, откога се запознавме, не врзуваше секогаш: „во каква состојба сум сега, не можам да ти пишувам – ми рече – а за да ти зборувам ми треба некој кој ќе ми го придржи телефонот…”
Не можам и не ќе можам да го заборавам; имам прекрасен спомен од неговата ненаклонетост за сцената и за рефлекторите (за ова беше казнет во културните кругови дури и во оние македонските) но во исто време весел и отворен со здрави и вистински вредности, на неговото настојување да се биде искрен, лојален и природен во пријателството, и секогаш го ценев и му се восхитував, така ме придружува постојано во мојата пензионерска прошетка, полна со емоции.
Ми преостана еден од последните спомени, во кафулето Рим-Париз (со Мишко кој великодушно и чувствително не служеше и со пријатна блискост), околу масата бевме четворица – Борис и Борис, Итало и долу потпишаниот – најубавата «софра» што некогаш сум ја искусил, во амбиент на безгрижна ведрина, со изобилие од „жолта“ (која Петковскии не ја сакаше премногу, како ни Итало), и во долг, бескраен разговор за значењето на човечките односи – особено помеѓу оние кои се фалат со: припадноста на светот на дипломатијата или културата (оние кои често посакуваат да се задоволат со ореол без сјај, направен само од површни настани) – за оние кои се обидуваат да дадат смисла на нивниот начин на живеење, врежана врз благородноста на срцето и врз големината на сопственото човечко и професионално делување, основано пред се врз неотуѓивата и света вредност на пријателството и на почитта кон другите.
Тоа беше единствениот пат кога, четворицата, на една одредена возраст и „љубители на жолта“ не мислеа да станат и да си заминат: едно долго саботно попладне, кое се уште е живо и е присутно…..и продолжува.
Превод од италијански: Билјана Бојчева