МАГРИС ЗА ГРАНИЦИТЕ И ИДЕНТИТЕТИТЕ
Нема патување без да се поминат граници – политички, јазични, социјални, културни, психолошки, дури и оние невидливите кои делат една населба од друга во еден ист град, оние помеѓу луѓето, оние искривените кои во нашите сопствени пеколи ни го попречуваат патот на нас самите. Да се преминат границите; и да се сакаат – бидејќи тие дефинираат една реалност, индивидуалност, и’ даваат форма, заштитувајќи ја од неопределеното – но без стравопочит, без да се прават идоли од нив кои потоа ќе бараат крвави жртви. Да знаеме дека се променливи, провизорни и дека не се вечни, исто како човечкото тело, и поради тоа достојни да бидат сакани; смртни, во смисла дека и’ подлежат на смртта, како патниците, не прилика и причина за смрт, како што беа и се многу пати.
Да патуваш не значи само да отидеш на другата страна на границата, но и да отркиеш дека си на другата страна. Во Зелена вода Мариза Мадиери, прегледувајќи ја историјата на егзодусот на италијанците од Ријека по Втората светска војна, во моментот на словенскиот противудар кој ги принуди да си заминат, ги открива исто така и словенските корени на својата фамилија кои тогаш биле негирани од страна на словените бидејќи таа е италијанка, всушност открива дека припаѓа и на тој свет од кој чувствуваше закана, кој е, барем делумно, исто така нејзин.
Кога бев дете и се шетав по висорамнината Крас, во Трст, границата која ја гледав, многу блиска, беше непреминлива – барем до раскинувањето помеѓу Тито и Сталин и до нормализирањето на односите помеѓу Италија и Југославија – бидејќи претставуваше Железна Завеса, која го делеше светот на две. Позади оваа граница постоеја заедно и познатото и непознатото. Непознатото, бидејќи таму започнуваше недостапната, непознатата, заканувачката империја на Сталин, источниот свет, толку често занемаруван, страшен и потценуван. Познатото, бидејќи тие земји, присоединети кон Југославија на крајот од војната, биле претходно дел од Италија; повеќе пати сум бил таму, беа дел од моето постоење. Едната иста реалност беше мистериозна и добро позната во исто време; кога се вратив за прв пат, тоа беше паралелно патување во познатото и во непознатото.
Секое патување подразбира, повеќе или памалку, едно слично искуство: некој или нешто што ни изгледало блиско или добро познато се покажува туѓо и неразрешливо, или пак некоја индивидуа, пејзаж, култура кои сме ги сметале за различни и далечни се покажуваат слични и блиски. На народите кои живеат на брегот оние од спротивниот брег често им изгледаат како варвари, опасни и полни со предрасуди во однос на самите нив. Но ако тргнеме да одиме наваму натаму по мостот, мешајќи се со луѓето кои поминуваат, и одејќи од еден брег на друг се до моментот кога не знаеме веќе дорбо од која страна или во која земја сме, повторно ќе ја пронајдеме добрината и љубезноста за самите себе и убавината на светот.
Превод од италијански: м-р Владимир Андоновски