Институт Данте Алигиери, Скопје

Личноста на Борис Петковски, која во себе ги соединуваше и познавачот на современата уметност, како од потесниот така и од по­широкиот културен простор, а и пријателот и со­ветникот, остана особено во мене како Словенец во живо сеќавање. Можеби поради фактот што живеевме, имајќи го формално на ум распонот на тогашната држава Југославија, во крајно од­далечени места, а сепак се среќававме доволно често, се допишувавме… Се присетувам на не­говиот ракопис: тесни, издолжени, малку в лево накосени букви: каков што бил и самиот – физич­ки исправен, со лесен чекор, што му останал уште од деновите на неговото учење балет, стамен кога требаше да ги брани своите ставови од кои тешко отстапуваше. Во таа негова природна и душевна елеганција, што се “покриваше” со извонредната интелектуална широчина, сепак умееше да биде еднаков меѓу еднаквите: таков беше на почето­кот на седумдесеттите години од минатиот век за време на критичарските, селективните средби во рамките на подготовката на одделни ревијални, то­гашни сојузни југословенски изложби, имено кога требаше да се бираат уметници од сите простори на тогашната држава и од тој конгломерат да се создаде убедливо заокружена уметничка целина. Борис Петковски, како долгогодишен претседател на македонската секција на АИКА (Меѓународна асоцијација на ликовни критичари), ја одржуваше критичката температура меѓу своите колеги и за време на мојата работа како секретар, па и подоцна како претседател на југословенската секција, беше секогаш покрај мене и ме поддржуваше со своите критички совети. Токму со него соработувавме и при Венециското биенале околу формирањето на некогашниот југословенски павилјон. Неговото брилјантно познавање на италијанскиот јазик дојде до израз токму во тоа време.

4-1

Ретки беа задачите што не можевме заеднички да ги оствариме; имено, Борис посака да ме има за соуредник во подготовката на големата репрезен­тативна монографија за меморијалната скулптура, замислена пред сè како омаж за жртвите од Втора­та светска војна. За жал, поради укинувањето на финансискиот извор не успеавме да ја реализира­ме, така што двајцата останавме секој при своето, македонското, односно словенечкото книжно из­дание со работен наслов Револуција и уметност.

Но, радосен бев што можев успешно да му помогнам во собирањето на дарувани уметнички дела за збирката на новиот Музеј на современа уметност, која почна да ја смислува веднаш по големиот катастрофален земјотрес во Скопје; ис­товремено кога прочуениот јапонски архитект Кен­зо Танге почна да ги подготвува проектите за овој

музеј на новото време. Како стипендист на Британ­скиот совет за култура во Лондон имав можност да се сретнам со генерацијата на уметници од “слат­ките шеесетти”, чии поедини членови лично ми ги предадоа, а другите подоцна испратија во Скопје свои подарени дела. Не можам веќе да си ги при­помнам сите нивни имиња, но едно дело – цртежот на славниот Дејвид Хокни што лично го донесов во Скопје е несомнено едно од повредните дела пора­ди кои со радост се навраќам во времето на поп-уметноста и на неореализмот, за кои со сигурност знам дека му беа при срце и на Борис Петковски.

Превод од италијански: Марија Грација Цветковска