СМЕАТА НА АРИОСТО: БЕСНИОТ ОРЛАНДО ВО ПРЕВОД НА ГРИГОР ПРЛИЧЕВ
Преводите на италијанските ремек дела во минатите векови покажуваат изненадувачки патишта на меѓулитературната комуникација. Денес прославувајќи 500 години од Бесниот Орландо, ни се чини соодветно да потсетиме на неговите можеби помалку познати преводи, оној направен од македонскиот поет Григор Прличев, во втората половина на деветнаесетиот век. Прличев (1830-1893) бил поет, преведувач и наставник, потекнувал од Охрид, Македонија, којшто живеел и работел во неколку града во регионот, како Софија, Атина, Константинопол, Солун. Во Атина почнал да студира медицина, но никогаш не ги завршил студиите, посветувајќи се на поезијата, на публикациите и на наставата. Меѓу неговите дела се издвојува Сердарот, епска поема, за којашто добил важна поетска награда во Атина и бил овенчан како поет.
Освен неговата основна поетска активност, Прличев ја изразувал и својата креативност како преведувач, меѓу другото на Илијада и Одисеја од Хомер, на сопствените дела Сердарот и Скендербег (првично напишани на грчки), на неколку поезии од Шатобријан и на Бесниот Орландо од Ариосто. Неколку извори тврдат дека тој работел и на својот превод на Ослободениот Ерусалим од Тасо, но тој превод сѐ уште не е пронајден во оставнината на поетот. Но пак познато е дека Прличев покажал голема прилагодливост во учењето странски јазици; неговиот “мултилингвизам“ се состои во познавањето (пасивно и активно) на дури десет различни јазици: старогрчи и современ грчки, латински, старословенски, руски, бугарски, турски, албански, француски, италијански…
Анастасија Ѓурчинова
Смеата на Ариосто: Бесниот Орландо во преводот на Григор Прличев, текст објавен во списанието ВРВ (Рим), бр.3 октомври-декември 2016 (по повод 500 години од Бесниот Орландо)
Објавено на 4 мај 2017, Институт Данте Алигиери, Рим