Институт Данте Алигиери, Скопје


Кога бев луд…
Паричката

download
Пред се’, барам дозвола да тврдам дека сега сум мудар. Ох, за тоа, дури и сиромав. И ќелав. Кога се’ уште бев јас, сакам да кажам, почитуваниот господин Фаусто Бандини, богат и во главно со прекрасна коса, се докажа дека бев луд. И по малку слабичок, се подразбира. Очиве пак, оттогаш ми останаа престрашени, а лицето цело испишано од реакциите на хроничните сожалувања со кои бев измачуван.
Од невнимание, понекогаш се фаќам на иста стапица. Но тоа се проблесоци што Марта, мојата остроумна жена, ги згаснува во мене со своите пеколни прекори.
На пример, пред некоја вечер.
Безначајни нешта, да се разбереме. Што може некогаш да му се случи на еден беден мудрец или мудар бедник, сведен да живее поскромно и од мравка?
Колку подобро држи платното, толку везот е попрефинет, прочитав едаш, не знам каде. Но пред се’, би требало да знаеш да везеш.
Се враќав дома. Ништо не може повеќе да те изнервира од упорноста на некој просјак кога ти немаш ни денар в џеб, а тој пак, со поглед бара наоколу лица што се подготвени да му дадат нешто. Во мојот случај, тоа беше едно девојче. Без прекин, со кутар глас, петнаесетина минути одеше зад мене повторувајќи ги истите фрази, двe или три. Јас пак, глув, ниту да го погледнам. Во еден момент, се откачи од мене: се втурна и му се закачи на еден млад брачен пар.
„Ќе и дадат ли некоја паричка?“ си реков.
Ах, ти не знеш девојче. Кога штотоку венчани млади ќе излезат надвор за прв пат, рака под рака, мислат дека сите очи на светот се вперени во нив; чувствуваат непријатност од оваа нова ситуација, во која сите ги гледаат и коваат разни претпоставки за нив, та ниту умеат, ниту пак можат да застанат и дадат милостина на некој просјак.
По кратко време пак слушнав како некој трча зад мене викајќи:
-Господине, господине.
И ете ти го повторно, со монотоното лелекање од пред тоа. Не можев повеќе; и’ свикав разлутен:
-Не!

download (1)

Уште полошо. Небаре ова „не“ исфрли нов грст фрази сочувани во пресрет на ситуацијата. Фучам еднаш, фучам два пати, на крајот: уф! – го кревам бастунот. Така. Таа се повлекува настрана, инстиктивно кревајќи ја раката за да си ја заштити главата и ми цивка под лактот:
-Барем два цента!
Боже, какви очи криеше ова слабо и бледо-жолтеникаво лице под црвеникавата кадрава коса. Сите улични пороци се ројат во тие очи, а недораснатоста ги прави стравотни (Не ставам извичник, бидејќи сега кога сум мудар, ниедна работа не треба да ме вчудоневиди).
Уште пред да ги видам тие очи, се покајав поради заканата.
-Колку години имаш?
Девојчето ме гледа откосо, без да ја спушти раката и не одговара.
-Зошто не работиш?
-Камо да најдам. Не наоѓам.
-Не бараш – и’ реков јас преиспитувајќи се – Зошто се навикна на овој лош занает?
Не треба да нагласувам дека таа продолжи да ме следи повторувајќи ги здодевните и монотони фрази: да и’ дадам нешто за божја љубов бидејќи била гладна.
Можев да извадам од палтото и да и’ речам – Држи!- Кој знае: во некое друго време, можеби ќе направев така. Но тогаш, во некое друго време, ќе имав и некој денар во џебот.
Наеднаш, ми се роди идеја, за која чувствувам должност да се извинам пред мудрите луѓе. Да работиш е несомнено добар совет; но е многу рано да го дадеш. Се досетив дека Марта бараше домашна помошничка.
Да обрнеме внимание: ја оценувам како лудост оваа ненадејна идеја, не толку поради загрижувачката радост што ми ја предизвика и што најпрвин ја препознав затоа што ја бев почувствувал истата и другпат, кога бев луд: вид на блескава еуфорија што трае еден миг, еден момент, во кој се чини дека светот отчукува и растреперува се’ во нас; колку поради размислувањата на беден мудрец со кои веднаш се обидов да ја зацврстам оваа еуфорија во себе. Помислив: „Ако на ова девојче му дадам храна, постела и некоја износена облека, ќе ни служи, без да очекува ништо друго. Ќе биде ова добра заштеда за Марта“. Ете така.
-Слушај: – и’ реков, – пари не ти давам. Сакаш навистина да работиш?
Таа застана и ме погледна за миг со непријатните очи, под лошо збрчканите веѓи; потоа климна неколкупати со главата.
-Да? Во ред, тогаш дојди со мене. Ќе ти дадам јас работа во мојата куќа.
Девојчето одново застана, збунета.
-А мама?
-Ќе и кажеш подоцна. Сега дојди.
Чинам поминувам по друга улица и….. се срамам да кажам, како сите куќи и дрвца да беа под дејство на немирот што јас го предизвикував. А немирот како да растеше се’ повеќе доближувајќи ме до дома.
Што ќе рече жена ми?
Не ќе можам да и’ го дадам предлогот на бесмислен начин (пелтечев). Но, сигурно овој прост начин нема да придонесе само да се противи, како што мислев, туку и да се изнервира, сирота Марта. Сепак, ако јас, сега кога станав мудар, со непрекинат страв дека ќе ми излета некоја чудесија, нема ли да знам да изустам ни два збора, еден по друг? Доста; жена ми не ја пропушти приликата, а да не ми го повтори она нејзиното ужасно: “Пак ли? Пак?“ што за мене е полошо и од ладен изненаден туш; потоа го избрка девојчето без да му даде ниту грош, затоа што – рече- за тој ден милостината беше направена (навистина, Марта дава милостина секој ден; внимавајте: таа му дава по некоја паричка на првиот сиромав што ќе налета, и кога ќе му ја даде, вели: „Пофали ме кај светите души од Чистилиштето“, така и’ беше мирна совеста и не сакаше да слушне за ништо друго).

download (2)Во меѓувреме јас си мислам и си велам: она девојче, ако не е веќе изгубено, ќе се изгуби набрзо. Да, но зошто тоа мене ме засега? Јас сега станав мудар и не треба да мислам на овие работи, ни помалку ни повеќе. “Мисли на себе!“ – ова е моето ново мото. Ќе ми треба многу, за да се убедам да им дадам еден назив на сите постапки од овој мој живот, да го наречеме така. Ако јас, сега, на пример, застанам под прозорецот на некоја куќа, кадешто знам дека има луѓе што плачат, морам веднаш да ја видам сопствената изгубена и бледа слика, која пак, отцртувајќи се, има јасна задача да ми викне отаде, веднејќи ја малку главата и вперувајќи го показалецот кон градите: „И јас?“. Токму така.
Секогаш: „И јас“ и во секоја прилика. Затоа што тука лежи основата на вистинската мудрост.
Сепак, кога бев луд….

Превод од италијански

Теодора Стојановска