Институтот Данте Алигиери од Скопје како член на кластерот ЕUNIC – Скопје, учествуваше на настанот организиран по повод прославата на Европскиот ден на јазиците, 26 септември. Настанот се состоеше во претставување на онлајн можностите за учење јазици преку различни платформи (посебно МООС). Во таа насока, основачките членови на кластерот земаа учество преку размената на искуствата на разните експерти по англиски, француски и италијански јазик.
Во врска со искуствата на онлајн предавање – изучување на италијанскиот јазик, Институтот Данте Алигиери покани да учествуваат со видео конференција двајца претставници на лабораторијата ITALS од Универзитетот “Cà Foscari“ од Венеција, професорките Валериа Тониоли и Камила Спаливиеро. Целиот настан беше организиран во тесна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје, која ги награди победниците на конкурсот за најдобар млад преведувач – Вавилон и Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ кој беше домаќин на настанот.