Институт Данте Алигиери, Скопје

“Добредојдовте на Југ“ од Паоло Румиз

download-1Зошто инсистирате да дојдете на Југ? Не гледате ли дека исчезна од географските карти? Јужњаците први ни советуваа да не одиме таму. Да ги слушавме нивните совети, тоа патување низ Апија не требаше никогаш да се случи. «Ќе поминете низ земјите на Гомора, огништата и говедата, илегалноста и деспотизмот». Други пак, предупредуваа: «Апенинскиот полуостров се иселува, ќе најдете повеќе кучиња-скитници отколку луѓе». Но, јужно од Рим, многумина се обидуваа да нé поколебаат. «Ќе си имате работа со шпекулација со имоти, попречувања, илегален развој. Ќе мора да поминувате низ приватни поседи, ќе биде пеколно искуство». Но клучниот аргумент беше маркетингот на големите бројки: Југот е веќе изгубен, велеа. Воопшто не вреди да се инвестира. Одете мачете се на друго место. Но ние, тврдоглави Северњаци, настојувавме да заминеме. Колку повеќе нé разубедуваа толку повеќе раснеше желбата да се отиде таму. Тешко на оној што ќе се откажеше. Не беше само граѓанска должност да ѝ се врати на Земјата срамно напуштената територија. Се работеше за љубопитство. Какви се тие краишта? Какви луѓе би сретнале таму? Веќе сме биле на Југ; а пак јас таму имав поминато четири од петнаесетте мои летувања низ Републиката. Но ова беше поинаку, беше доказ за вистината. Оној кој оди пеш оди незаштитен, се соочува со нештата. Само оној што ќе си ги извалка чевлите, оној што цврсто гази на земјата со “слободен чекор”, како што пишува поетот Хорациј, вистински го запознава светот. Светот не е на оние што претендираат да го контролираат со дронови и смартфони.

Нdownloadеизбежно, патот беше едно непосредно соочување со Италија од денешно време. Во еден единствен пејзаж, наидувавме на клучки опасни за обиколување, цели планински појаси распределени на мултинационалните компании, веќе уништени фонтани и велосипедски патеки непосредно по нивната изградба. Патот-водич кој го пренесе на Југ Римското Царство, овој пат го носеше на Север белегот на Гомората, ги исцртуваше контурите на еден Далечен Запад, веднаш штом се излезе од главниот град. А потоа и помпезната бирократија, спремна да го забрани најдоброто и да го закрепне најлошото. И осаменоста на чесните. А весниците се тука за да нафрлаат по насловните страници застрашувачки бројки за економската, демографската, социолошката и културната криза на Јужна Италија. Сé ли погрешивме? Не погрешивме. Колку повеќе патот навлегуваше во срцето на Италија, толку археолошката содржина на патувањето се намалуваше, патот се преобразуваше во тенка нишка на Аријадна, а температурата на човековото тело се зголемуваше сè повеќе, предлагајќи ни серија случајни средби направени намерно за да ни го покажат другото лице на Гомората. Пешачењето ни овозможуваше да го искусиме најдоброто од Југот; а нашето северно битие, таму среде една францисканска понизност – да се слуша, а не да се суди – ги собираше доморотците и распламтуваше во нив една загубена гордост. Да не зборуваме за оние кои беа запрепастени од тоа што го учеа од нас, странците, за нивната припадност на еден од најстарите редови во Европа. Но за ова веќе се зборуваше. Она што не е испишано е она што доаѓа подоцна, завршницата на оваа макотрпна и величествена италијанска авантура со мирис на диво оригано и кринови, кадешто убавото и ужасното остануваа тесно испреплетени. Зборувам за оној пат, поминат- понекогаш и не пеш- во спротивна насока, кој води од Бриндизи до Рим за да се слушне народот од Јужна Италија. Пат расцепкан од дваесетина средби, настанати како одглас од августовските приказни во Ла Република. Пет илјади луѓе, апсолутно изненадување, кои со карбонарски и страстни муабети ни го враќаа чувството за она што сме го сториле и ни откриваа дека сме се вмешале во нешто многу поголемо од она што можевме да го замислиме.

download-2Еден симбол. На пример Таранто. Собир на отворено помеѓу остатоците на манастирот на Батендиерите, еден потешко достапен локалитет северно од Малото Море. Црно небо, квечерина, надвиснати облаци. «Нема да дојде никој», си мислиме помеѓу нас. А всушност еве ги: триста луѓе кои нé чекаат да ни кажат дека тој пат е симбол на спасение, на заедничка припадност, на изгубена централна улога која требаше повторно да се освои. Потоа надоаѓа бурата, чадорите се отвараат, но никој не се поместува, а ние сме таму запрепастени, за да ги убедуваме луѓето заковани на своите места. А кога распространувањето се прекинува заради дожд, сите методички се поместуваат кон засолниште под еден покрив за да дискутираат уште, без микрофон, сé до агонијата на квечерината. Изненадувања, како Гравина во Апулија. “Убава жена облечена во партали”, ја дефинира некој како метафора за целиот Југ, но од таа средба излегува сé освен препуштеност. «Ова е еден предизвик за повторно доближување до животната средина, до нејзината историска важност и до место полно со живот. Колосеумот е Холивуд, италијанската реалност е друго, таа се состои од мали заедници, прекрасни места раштркани низ една територија». А потоа додаваат: «Југот нема потреба од пари! Она што ни недостасува е културен поттик кој би нé разбудил од летаргичноста и би ни помогнал да се поврземе со нашите вредности и нашите корени!», заклучок кој повлекува зад себе долг, искрен аплауз, а некого го предизвикува да каже дека Виа Апија пак го отвара прашањето за Југот и ја поместува оската за дебатата од Рим, па надолу. “Гулабите бегаат, гавраните остануваат.”, тоа е лајт-мотив кој доведува до недоверба, идејата дека не вреди да се остане. Но среде толку бегства, се случуваат и големи враќања. Како оној на Винчио Капосела, син на имигранти во Германија, кој основал дом во Калитри, во скриеното срце на Ирпинија, за да ги смести своите книги, за повторно да ги најде своите фауни и изгубените богови, за да ги раскаже легендите за дивите свињи и за волкот. Оттука изненадувањето од Фестивалот Спонц, кој ја воскреснува заборавената апенинска култура, менувајќи ја преку патувањето долж старата Апија идејата за патот како повторно навраќање кон територијата; подвижен празник кој привлекува илјадници посетители, дури и странци, и ја истерува бедата на негодувањето рехабилитирајќи го благородниот роднина, жалењето, милениумски ритуал за ублажување на болката. Писателот Рафаеле Нигро пак, по цел живот поминат во Бари, решава да се врати повторно во родниот Мелфи за да си изгради култура и припадност, рехабилитирајќи не толку Шпанци и Бурбонци, колку Нормани, Германи и Лонгобарди. Сето ова служи да се побијат стари изговори, за да се каже дека низ вековите Северот му донел и благодет на Југот како и да ги потсетиме жителите на Луканија дека нивните територии му беа омилени на Фридрих II, германскиот император. Човек кој никогаш не живееше затворен во дворец, но талкаше секогаш одејќи пеш или на коњ помеѓу реките и планините на Апенинскиот полуостров, движејќи се на територија која денес не ја познаваат ниту републиканските министри. Северњак како Карло Леви, Пиемонтеецот кој го сакаше Југот.

download-3Или како ние четворицата, пешоодци по старата Апија. Но, на овој различен Југ му припаѓа и настојчивоста на оној кој останува, како ирпинецот Франко Арминио, автор на Силниот ветер помеѓу Лакедонија и Кандела, кој, во земја силувана од еолската сила, онаа меѓу Апулија, Кампанија и Базиликата, на тој пејзаж му посветува фестивал со убаво име како “Месечината и заливите“. Нему му припаѓа и критичкиот глас на оној кој си заминал како писателот Антонио Паскале, син на Земјата на Трудот (Казерта), кој ја отфрла спремноста за простување и на Југот му предлага културна преродба, способна да го ослободи од умственото соучешништво со Гомората и од дамнешното убедување дека “лошото е секогаш надвор од нас”. Пробај да ги замолчиш демоните. Тие живеат на овие простори. Па еве, во Санта Марија Капуа Ветере, но и во Веноса и Марчанизе, се случува бунт на поголемиот дел од публиката против оние кои нам, патници за сметка на Република, ни забележуваат дека сме го покажале повеќе лошото отколку доброто од Југот. «Бевте многу добри, дури и премногу!», избувнува некој среде дебатата, додека други ни објаснуваат дека патот по Апија е над сé политичка акција, затоа што означува пат на промените, поврзува реалности кои никогаш не комуницирале помеѓу себе и му покажува на Југот заеднички проект. А потоа додаваат: «Нашиот проблем е идентитетска слабост. Ние сме пасивни. Го прифаќаме сето она што ќе ни се наметне од надвор. Како Илва». И еве како најлошото излегува на виделина, во еден неверојатен колективен изблик, кој го попречува патот на самоослободувањето. Приказни за цели ритчиња распродадени на мултинационални хидроенергетски и ветроенергетски компании. Административни работници кои признаваа пред нивните граѓани: да, премногу асфалтиравме, градевме лошо. Валкани тендери пријавени гласно среде стотици луѓе. Обвиненија за неблагодарност, кои младите од Матера ги упатија кон нивните сонародници, виновни што го симнаа од власт нивниот градоначалник, кој поради нив ја освои титулата „европски град на културата“. Сето ова, се чини невозможно, побудено од едно патување пеш. Но чекорењето, се знае, помага да се сретне, да се слушне. А ако размислиме подобро, Југот можеби само има потреба да биде сослушан.

Преведувач

Даниела Здравковска