Голем успех на учениците по италијански јазик во нашиот Институт,
“Skopjanisti” ја освоија меѓународната награда “Italians”!
Институтот Данте Алигиери од Скопје, еден од комитетите на Друштвото Данте Алигиери од Рим, благодарение на ентузијазмот и посветеноста на своите слушатели од курсот по италијански јазик ниво Б2, учествуваше на меѓународниот конкурс објавен од страна на издавачката куќа Loescher од Торино во соработка со Лабораторијата за интеркултурна комуникација и настава при Универзитетот Ка Фоскари од Венеција. Конкурсот за меѓународната награда Bonacci 2016 – Italians: јазикот на музиката – пеј, измисли, изведи песна беше наменет за сите ученици кои го изучуваат италијанскиот јазик во светот.
Наградата се засноваше на текстот и спотот за песната Italians. Поаѓајќи токму од текстот и спотот, учениците имаа можност да учествуваат во една од трите категории на Наградата:
– Препеј
– Искористи го текстот и измисли нов
– Сними спот
Во првата категорија, учениците требаше да ја препеат песната Italians врз основа на истиот текст, во втората, требаше да измислат нови зборови и потоа да го препеат новиот текст врз основа на истата музика а во третата категорија, требаше да снимат нов музички спот за песната.
Песната Italians настанала во рамките на XV Недела на италијанскиот јазик во светот посветена на темата ”Италијанскиот јазик на музиката, музиката на италијанскиот јазик”, од професорот и кантавтор Фабио Каон во форма на наставен проект чија цел е подобрување на изучувањето на италијанскиот јазик но и надминување на стереотипите поврзани за Италија. Песната е напишана од страна на Фабио Каон и на маестро Франческо Сартори, автор на една од најпознатите италијански песни во светот, Con te partirò на Андреа Бочели.
Курсистите од групата Б2 во нашиот Институт, во соработка и со поддршка на нивната професорка по италијански јазик, м-р Драгана Казанџиовска, решија да учествуваат на конкурсот во втората категорија – Искористи го текстот и измисли нов. Со огромен ентузијазам и задоволство Ана Спасова, Ирена Јаневска и Елена Дамческа го прифатија овој предизвик, како тест на нивните сеопшти познавања на италијанскиот јазик и култура, обидувајќи се притоа да ја одржат “рамнотежата на небото кое повеќе не е еднолично туку има и сонце но и облаци“ (Фабио Каон). На тој начин нашите ученички измислија нов текст на песната Italians од нивна лична перспектива: … Gli italiani e l’Italia, Stivale или Gli italiani e l’Italia, Carnevale!…
По составувањето на текстот, ученичките требаше да ја снимат нивната изведба на песната според новиот текст. За таа цел, го вклучија и г-нот Павле Ќамилоски, изведувач на оперски арии, инаку слушател на курсот по италијански јазик А1 во нашиот Институт .
Потоа следуваше периодот за гласање, бидејќи делата на учесниците беа предмет на гласање од страна на троструко жири:
– народно жири – секој посетител на официјалниот сајт на конкурсот, имаше можност да гласа за еден од учесниците;
– жири Bonacci – составено од вработени и соработници на оваа издавачка куќа;
– научниот совет на Лабораторијата за интеркултурна комуникација и настава при Универзитетот Ка Фоскари од Венеција.
На почетокот од месец мај 2016 беа објавени групите – победници во секоја од трите категории, учесници од целиот свет (Кина, Мароко, Германија, Шпанија итн.). Нашата група, која се пријави на конкурсот под името Skopjanisti го освои првото место во својата категорија.
Освоената награда од страна на нашите Ана, Елена и Ирена беше прифатена со огромна радост како потврда за вредната работа, квалитетот во наставата, но особено за задоволството при изучувањето на италијанскиот јазик во нашиот Институт!
Во името на групата Б2 им се заблагодаруваме за поддршката на сите членови, курсисти – слушатели и соработници во нашиот Институт, како и на жирито од издавачката куќа Loescher и од Лабораторијата Itals кои го наградија нашиот “обид да создадеме стилски организиран текст и да издвоиме нови стереотипи за Италија”!
http://premio.bonaccieditore.it/
http://premio.bonaccieditore.it/vincitori.php
м-р Драгана Казанџиовска