ДАНТЕ АЛИГИЕРИ ВО РАМКИТЕ НА ЕУНИК-СКОПЈЕ
Од неодамна Институтот Данте Алигиери во Скопје стана дел од мрежата на европски национални културни институции – ЕУНИК, појавувајќи се како основач на ЕУНИК-Скопје кластерот, заедно со Францускиот институт за култура и Британскиот совет во Скопје. За прв претседател на кластерот, со едногодишен мандат, е избрана директорката на Францускиот институт г-ѓата Изабел Марки-Барбо.
ЕУНИК-кластерот во Скопје ќе функционира како дел од ЕУНИК-мрежа на европски национални институции од областа на културата чија мисија е промоција на европските вредности и придонес кон културната разноликост во и надвор од ЕУ преку соработка меѓу европските културни институции низ светот. ЕУНИК-кластерот во Скопје ја има поддршката и од Делегацијата на ЕУ во Македонија.
„Унијата, сојузот, обединувањето ја прават силата. Секоја од нашите институции си има своја програма и активности кои ги спроведува на полето на културата, јазикот, образованието. Но, сметавме дека обединувајќи ги нашите сили ќе создадеме мрежа на културни институции кои поефикасно ќе ја промовираат европската култура и вредности. Во моментов сме три институции, но од следната година и амбасадите кои немаат свои културни центри во Македонија ќе можат да се приклучат кон оваа иницијатива на вмрежување“, истакнува Марки Барбо, иницијатор за формирање на кластерот. Таа додава дека кон мрежата ќе можат да се приклучат и локални културни институции и центри, но со статус на набљудувач.
Меѓу основните теми што ќе бидат предмет на заедничка елаборација од членките на кластерот, заслужува да се споменат: поврзувањето на културата со општеството, културната разноликост и дијалогот, мобилноста, креативноста, повеќејазичноста, концептот за уметноста наспроти предрасудите и сл.
ЕУНИК како мрежа на европски национални институции на културата е востановена во 2006 година. Брои 34 членки од 28 земји од ЕУ со вкупно 96 кластери основани на различни локации низ светот. ЕУНИК се смета за витален партнер од областа на меѓународната културна соработка и служи како тинк-тенк мрежа за европските институции во областа на културата. Во регионот ЕУНИК-кластери има во сите земји од ЕУ, а во земјите кандидати за членство во Унијата досега се формирани во Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.
Во текот на 2016 година ЕУНИК-Скопје кластерот предвидува организирање заеднички настани за одбележување на следните датуми:
– 9 мај, денот на Европа
– 26 септември, европскиот ден на јазиците.
ЕУНИК – СКОПЈЕ кластерот е регистриран на следната веб-страница
http://www.eunic-online.eu/?q=content/welcome-eunic-skopje-0