Институт Данте Алигиери, Скопје

500 години од Бесниот Орландо

Парабола за човечкото битие меѓу класиката и модерните времиња

Интервју со проф. Алберто Казадеи   download

На 22 април 2016 се одбележува 500 годишнината од објавувањето на првото издание на Бесниот Орландо. Оваа фасцинантна поема придонесе за фундаментален развој на јазикот, уметноста и културата на Италија.
‘Летајќи’ меѓу крилјата на иронијата, Бесниот Орландо даде свој придонес во изградбата на фантастичен имагинариум во идните векови, мешајќи го реалното и имагинарното во еден ‘можен’ свет. Напишан на јазик кој веднаш се ‘доближува’ до литературниот тоскански, третата верзија на Бесниот Орландо била ‘пречистена’ следејќи ги индикациите на Пјетро Бембо (Прози за народниот јазик) и претставува важна појдовна точка за историјата на италијанскиот јазик.
Покажувајќи смисла за „позитивна љубопитност“, во својата извонредна поема, веќе петвековна, Лудовико Ариосто знаеше да ‘фрли поглед’ кон парадигмата на модернизмот. Го замоливме професорот Алберто Казадеи, професор по италијанска книжевност на универзитетот во Пиза, да ни ги илустрира појавите на модернизмот во Бесниот Орландо, а исто така и неговата врска со Божествената комедија.

Зошто е важно да се прослават 500 години од Бесниот Орландо и кои појави на модернизмот ги содржи ова големо класично дело?
Да се достигнат 500 години е секогаш подвиг, подвиг пред сѐ достоен за еден класик како што стана ‘Бесниот Орландо’ од Лудовико Ариосто.Од своето прво издание, излезено на 22 април 1516, тоа помина многу периоди, многу фази и исто толку полемики. На пример оние со поддржувачите на Тасо, коишто ја оспоруваа многу слободната интерпретација на Бесниот Орландо во однос на правилата на новата херојска поезија.

images (2)

Но зошто продолжуваме да го читаме и кое е неговото ниво на модернизам?
Многу е важно да се каже дека едно дело со алтернативен свет на реалниот, во кој се мешаат живиот и имагинарниот живот, не беше очигледно и очекувано уште на почетоците од литературата. Напротив, Ариосто го прави токму тоа: создава ‘можен свет’ во кој фантастичното и секојдневната реалност, посебно онаа на дворовите, практикувана и од самиот Ариосто, секогаш се во контакт. Ете прв пример за причините поради кои ‘Бесниот Орландо’ продолжува да нѐ интересира.
Но верувам дека основното во него што нѐ интересира е еден аспект: внатре во ова дело, навидум фантастично, во кое големиот рицар Орландо полудува и многу личности се соочуваат со случки што стигнуваат сѐ до крајниот Исток и дури носејќи еден човек на месечината, можеби минувајќи и низ пеколот како Данте но со очигледна иронија и пародија, во ова дело, велам, ние ја читаме параболата на сите човечки суштества.
Во класицизмот на Ариосто, и во неговата голема способност да ја согледа традицијата пред него, има одреден модернизам, особено во смисла на минливоста. Судбините на човечките суштества се минливи и можат да се сменат од еден во друг момент, подложни не само на судбината, туку и на страстите, омразата и цела низа елементи што раскажувачот Ариосто, којшто е вистински поврзувач на целото дело, ги интерпретира на ироничен начин, како сите мудреци. Тоа е начинот на Хорациј и на голем дел од класичната поезија, но токму преку една нота ја прави модерна: интерпретацијата на реалноста не е дадена еднаш засекогаш, и тоа го прави актуелно ова дело, бидејќи токму во него не е невозможно, дури и кога човек се однесува добро, и кога има нешто позитивно да каже или да направи, сепак и него може лошото да го снајде.
Сето ова е знак на свежина и слобода на мислата којашто е во состојба да управува, колку со фантастичната замисла, толку со строгоста и симетријата на раскажувањето и стилот.

Кои разлики се среќаваат меѓу различните верзии на Бесниот Орландо?
Верзиите на ‘Бесниот Орландо’ всушност се многу различни меѓу нив. Првата излегува во 1516, втората во 1521 а третата и последна во октомври 1532, во својата дефинитивна верзија. Во овој временски период, на кој се припишуваат околу десет години преработки, се смениле многу работи, а делото сè заедно било пишувано и разгледувано речиси четврина век.

imagesПоследната верзија на ‘Бесниот Орландо’, која брои 46 пееења (првата и втората имаат по 40), прикажува панорама на многу аспекти на човечката состојба. Приближувајќи ја постојано историската реалност до фантастичниот свет, поемата претставува реални личности, современици на Ариосто, и измислени, како рицарите на Карло Велики, нивните противници од арапскиот свет и многу други. Во оваа фузија на реалното и имагинарното наоѓаме постојани појави на размислување за сегашноста, онаа на првата половина на 16 век но од многу аспекти и нашата.

Каква е врската меѓу Бесниот Орландо и Божествената Комедија?
Би можеле да го поврземе односот меѓу Божествената Комедија и Бесниот Орландо во две линии, една вертикална и една хоризонтална. Делото на Данте целото е вертикално, тоа е искачување од гревот сѐ до Небесата, што стигнува сè до визијата на Бога. Во светот на ‘Бесниот Орландо’ сѐ е хоризонтално, уште од почетокот се разјаснува дека ќе се зборува за премногу работи: тоа е отворен универзум, каде што во одреден миг се ‘случува’ лудоста на Орландо, но тоа е само една од многуте теми, мотиви и раскажани приказни.
Тоа е доволно за да се потенцира колку е јасна разликата меѓу Данте и Ариосто. Ариосто добро го познава Данте, го сака, го цитира, но често го параболизира со типичната иронија од ‘Бесниот Орландо’: онаа преку која се дистанцира од човечките вистини и не сака да има апсолутна сигурност, ами преферира да гледа на различноста на човечките работи со слободен поглед, без ништо да смета за извесно.

images (1)

Ова е типично за ренесансната култура која, како што кажуваше Еразмо Ротердамски, научила да ја препознае многуобразноста на светот преку една убава љубопитност, преку слободна истрага, сега сметана за позитивна а не повеќе негативна, како што била во средновековниот свет. Се работи за перспектива што гледа кон идната научна револуција и модерните парадагми: ќе треба уште време, но сепак Ариосто присвојува некои средства (иронија, етичка флексибилност, итн.) кои ќе станат есенцијални за разбирање на човековиот свет.